Македонска поезија: „Татунчо“ од Кочо Рацин!

На 13 јуни 1943 година, загинал еден од нашите најистакнати дејци и поети – Кочо Рацин. Неговата стихозбирка „Бели Мугри“ е едно од најзначајните дела во македонската поезија и книжевност, полни со тематиките за обесправеноста на работникот и трудовата експлоатација. Во негова чест, во чест на еден од најголемите, денес на блогот читаме негови стихови.

А доколку сте љубител и почитувач на неговото дело, денес во 20:00 часот можете да наминете во „Салон 19:19“ каде ќе има настан на кој ќе се чествува поезијата на Кочо Рацин. За повеќе детали, кликнете на овој линк.

А сега прочитајте и споделувајте ја песната „Татунчо“. Да читаме македонска поезија и да се сеќаваме на нашите великани.

Татунчо – Кочо Рацин

На Бана

Не ме колни, не ме жали!
Не ми нижи низа клетви!
Камен тежок живот ми е
а по тежок одзив пусти
по народни думи свети!

Ако куќа не направив
со високи шимпир порти,
куќа цел свет братски ми е
братски срце што отвора,
срце – порта највисока,
срце – куќа најширока.

Ако жена не донесов
ѓул-трендафил во одаја
верна, добра млада љуба –
не ме к’лни, не ме жали;
во борбата другарката
с’лнце сјае, с’лнце трепти!

Ако млади си години
по друмишта, по патишта
в младост горка распосејав –
погледни ми право в очи:
ти ли беше што пееше
„Ајдутин мајка не рани…“

И ако не умрам дома
туку кај што стии пиштат
в борба искри кај што л’штат
блазе, речи на душата –
има зошто душа да е!

Leave a comment