Што читаше Кафе и книги во мај?

Нов месец, нови можности за читање! Доколку барате некоја нова книга за читање, можеби некои од овие предлози ќе ви фатат око. Па да видиме, што читаше Кафе и книги во мај?

Приказна за едно семејство“ – Роза Вентрела

Издавачка куќа: АРС ЛИБРИС
Оцена
: 5/5
Осврт: Доколку сте љубител на прозата на Елена Феранте, голема е шансата дека ќе ви се допадне и оваа книга. Се работи за приказна раскажана од перспективата на младата Марија која расте во куќа со двајца постари браќа и татко со незгоден карактер.

Книгата го опишува нејзиното растење и развој, нејзиниот поглед на нејзиното градче и нејзиното соседство, полно со различни ликови – и позитивни и негативни. Многу е интересно да се погледне животот и перспективата од аспект на девојче кое полека расте и се претвора во млада жена.

Одлична проза, одлично напишана книга, навистина ви ја препорачувам, особено е одлична за овие летни денови, страниците некако сами летаат и ве пренесува директно во светот кој го создава!

Медеја“ – Л.А.Сенека

Издавачка куќа: ИЛИ – ИЛИ
Оцена: 5/5
Осврт:
Интензивна, одлична, неверојатна трагедија! Оваа трагедија е заснована на легендата за Медеја која веќе била обработувана во неколку класични дела, но сепак во себе содржи посебна страст, енергија и интензивност.

Преводот е одличен, па читателот може во секој момент да го доживее секое чувство, особено гневот и бесот на Медеја, кој како да не познава никакви граници, што резултира и со одличната сцена на крајот.

Додека читате, сфаќате дека без оглед на тоа колку одамна се напишани некои дела, тие се класици и универзални поради тематиките кои ги обработуваат, толку човечки и непроменливи. Се работи за навистина кратко четиво, но е толку интензивно, што нема да сакате да ја спуштите додека не ја прочитате!

Сапиенс: Кратка историја на човечкиот род“ – Јувал Ноа Харари

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4.5/5
Осврт
: Оваа книга направи вистински бум на книжевната сцена кога се појави. Беше препорачувана од еден куп познати личности како Марк Цукенберг, Бил Гејтс и уште многу други. Харари во оваа книга прави едно резиме на историјата на човечкиот род, уште од времињата кога се појавиле неандрталците и хомо сапиенсот.

Тој истражува што е тоа што го направило сапиенсот она што е денес, како човештвото се развивало и кои се главните причини за развојот, но и за деструкцијата која човекот ја приредил.

Одлична книга, полна со многу корисни и интересни информации. Бара малку повеќе посветување и фокус, но вреди за секоја минута и страница која ќе ја прочитате!

Календар на моето детство“ – Ѓорѓе Балашевиќ

Издавачка куќа: Балбело
Оцена: 4.5/5
Осврт:
Како што веќе можеби некои читатели знаат, јас сум голем обожавател на ликот и делото на Ѓорѓе Балашевиќ и веќе неколку пати давав предлози за неговите дела.

И овојпат Џоле нема промашување. Ова ми се чини дека му е можеби и најхумористичната книга од сите кои досега ги има напишано, честопати се смеев на глас. Добро познатиот глас на Балашевиќ е присутен и тука, доловувајќи ги згодите и незгодите во семејството на главниот јунак, преку неговите детски спомени, кои често се и најискрени.

Додека читате, не може, а да не ве фати малку носталгија и по сопственото детство. Топла, емотивна и прекрасна книга, онака како што само Балашевиќ може.

Само најсекси маж кој постои“ – Џули Џејмс

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт
: Џули Џејмс е одлична писателка која пишува романи кои се одлични доколку ви е потребна малку романтична нишка во вашиот живот и малку забава. Секогаш кога имам потреба да се одморам од реалниот живот и да читам нешто со поведри ноти, Џули Џејмс е авторката која сакам да ја читам.

Се работи за интересна и забавна книга, за искрата и хемијата која се појавува помеѓу Тејлор Донован, супер успешна адвокатка, и Џејсон Ендрус, познат холивудски актер.

Тие двајца се запознаваат кога Тејлор добива задача да го подучи за судења и адвокатура, за неговиот следен филм, но уште од старт нивните силни карактери доаѓаат до израз. Забавна, хумористична книга, која ќе ви ги оттргне мислите од здодевното секојдневие и е одлична доколку барате книга за одмор!

Leave a comment