Ани Ерно е добитничка на Нобеловата награда за книжевност за 2022 година!

Француската писателка Ани Ерно е добитничка на Нобеловата награда за книжевност за оваа година! Таа е првата жена од Франција која ја добива оваа престижна награда во областа на книжевноста, а инаку, заклучно со неа 16 француски писатели ја добиле Нобеловата награда за книжевност.

Како што се вели во соопштението, Ерно ја добива оваа награда „за храброста и клиничката острина со која таа ги открива корените, отуѓувањата и колективните ограничувања на личната меморија“.

Ани Ерно е родена во 1940 година во едно мало градче во Нормандија, а нејзините родители биле сопственици на објект кој бил комбинација од маркет и кафуле. Во своето пишување, Ерно од различни агли го испитува животот обележан со силни разлики во однос на родот, јазикот и класата.

Како што наведува весникот „Гардијан“, „Ерно, која пишува романи за секојдневниот живот во Франција, како и за не-фикција и е една од најпознатите авторки во нејзината земја, беше меѓу фаворитите за освојување на наградата.“ Покрај Нобеловата награда за книжевност, таа има освоено бројни книжевни награди во Франција, но и надвор од нејзината родна земја.

Некои од нејзините најпознати дела се: „Испразнети“, „Замрзната жена“, „Приказна на една жена“, „Местото на еден човек“, „Едноставна страст“, „Годините“, итн.

Во изјава за шведска телевизиска станица, таа рекла:

„Бев многу изненадена… Никогаш не мислев дека тоа ќе биде на мојот пејзаж како писателка. Голема е одговорноста… да сведочам, не нужно во однос на моето пишување, туку да сведочам точно и праведно во однос на светот.“

Честитки!

Leave a comment