Сигурно сте слушнале за платформата на TED, на која често се појавуваат интересни говорници од различни области, меѓу кои и книжевноста. Освен тоа, тие на својата страница постојано објавуваат интересни видеа за книги, а некои од нив можете да ги најдете и на овој блог. Случајно налетав на еден интересен текст за тоа како книжевноста може подобро да нè поврзе со другите луѓе. Текстот е прилагоден, односно е еден вид на транскрипт од едно видео од говорот на Бет Ен Фенели, поетеса од Мисисипи и професорка на Универзитетот во Мисисипи, каде била прогласена за Професорка на годината. Во продолжение прочитајте го одличниот текст на македонски јазик, а најдолу можете да кликнете на линкот кој ќе ве одведе до оригиналниот текст на англиски јазик, како и видеото од говорот.

(Извор на сликата: Pinterest)
Дипломираните студенти по англиски јазик и книжевност, како и оние кои студираат општествени науки, се во опаѓање. Само во САД, вo 2011 година, една третина од дипломите од колеџите биле во областа на општествени науки или книжевност. Денес тој процент се движи околу една четвртина. На истражувачките универзитети, дипломите во областа на општествените или јазичните науки се намалиле од 17% на 11%.
Така, на некој начин, има смисла дека проучувањето на книжевноста станува помалку популарно. Но, погодете што друго е во опаѓање? Емпатијата. Студијата која анализирала 15.000 студенти покажала дека тие имаат 40% пониски резултати на тестовите за емпатија во споредба со оние во минатото.
Која е поврзаноста? Изминатите две децении ги поминав во училница предавајќи книжевност, и она во што длабоко верувам, како и она што книжевната неврологија почнува да го докажува, е дека книжевноста нè прави посочувствителни.
Дали сме фрустрирани или сочувствителни поради неподготвеноста на Хамлет да го одмазди својот татко? Кога Џејн Ер ќе сфати дека г-дин Рочестер е оженет, дали ја поттикнуваме да побегне од Торнфилд или да остане?
За време на внимателното и посветено читање, ги споредуваме постапките на главниот лик со она што ние би го направиле во слична ситуација или она што сме го правеле во минатото. Читањето на мисли што го правиме кога размислуваме преку некој лик ни помага да развиеме социјална чувствителност, како што генијално е докажано со тестот „читање на мислите преку очите“. Во ова истражување, на учесниците им беа претставени серија сиви фотографии исечени за да ги откријат само очите на личноста. Потоа од нив беше побарано да го идентификуваат изразот содржан во очите од понудени четири опции. Истражувањето покажало дека редовните читатели на белетристика постигнале повисоки резултати на овој тест, и мислам дека тоа е затоа што преку читањето „вежбаме“ за да го сфатиме туѓото гледиште. Можеме да ги стереотипизираме љубителите на читање како луѓе кои јадат тестенини, како социјално чудни осаменици, но читањето на книжевност ни помага да ја прочитаме просторијата во која се наоѓаме.

(Извор: Pinterest)
Како книгите го изведуваат својот магичен трик да нè пренесат во телото на друго лице? Увидот во мозокот, конкретно, увидот во повеќекратните региони што се вклучуваат и координираат кога читаме, ни дава објаснување.
Една од моите омилени авторки е Џејн Остин, а во едно од моите омилени истражувања, докторандите по литература добиле задача да прочитаат роман на Џејн Остин – но не и да го читаат на кауч. Наместо тоа, тие ја читале Остин во машина fMRI, која ја прикажува мозочната активност со откривање на промени во протокот на крв. Натали Филипс, книжевната научничка која работеше на студијата, претпоставила дека испитаниците додека читаат, ќе доживеат зголемување на протокот на крвта во областите на мозокот одговорни за обработка на јазикот. На нејзино изненадување, испитаниците доживеале драматичен целосен пораст, при што крвта протекувала во области кои немаат никаква врска со делот за обработка на јазик.
На пример, ајде да речеме дека сте прочитале пасус за трчање низ шума. Би очекувале дека левиот темпорален лобус, областа одговорна за обработка на јазикот, ќе светне. Да, тој светнува, но истото го прави и моторниот кортекс на фронталниот лобус, кој ги координира движењата на телото. Всушност, свети на ист начин како и ако навистина трчате. На пример, ајде да речеме дека ги читате зборовите „лаванда“ или „кафе“ или „цимет“. Ќе ја доживеете активноста што би ја очекувале во вашиот лев темпорален лобус, но исто така ќе имате активност во вашиот мирисен кортекс, кој светнува на ист начин како што би светнал кога навистина би ги почувствувале тие мириси.
Овој вид на активност не се случува со нефикција заснована на факти, како што се политичко новинарство, филмски рецензии или прирачници за склопување на полици на Икеа. Тој прирачник на Икеа може да резултира со одлична полица за книги, но ако сакате да го осветлите вашиот мозок како огномет на Четврти јули, треба да ја наполните таа полица со романи на Џејн Остин (и да ги прочитате).
Дали има некоја практична примена на оваа зголемена поврзаност на мозокот?
Што ако ви кажам дека емпатијата што ја чувствуваме кон ликовите може да ги направи луѓето помалку расисти? Тоа го докажа Ден Џонсон, кој го користеше „Saffron Dreams“, роман од гледна точка на муслиманско-американска жена, за да види дали сочувствителното читање може да ја намали расната пристрасност. За својата студија, Џонсон ги поделил учесниците во две групи. Половина од нив прочитале извадок од 3.000 зборови од романот. Другата половина прочитала синопсис од 500 зборови на тој извадок, кој ги содржел сите факти, но ниту еден од богатиот внатрешен живот на ликот, ниту пак дијалози или метафори, или сетилни детали што ја оживуваат книгата. Потоа, на учесниците им биле претставени фотографии од она што Џонсон го опишал како „двосмислени арапско-кавкаски лица“, од кои некои изгледале лути. Кога било побарано да ја идентификуваат расата на личноста на фотографијата, учесниците кои го прочитале синопсисот заснован на факти, несразмерно почесто ги категоризирале лутите лица како арапски. Оваа пристрасност отсуствувала кај оние кои го читале бујниот, пренесувачки извадок.

(Извор на сликата: Bookish Santa)
Децата, исто така, можат да ги подобрат своите мислења за стигматизираните групи преку читање, како што е докажано во едно истражување кое ја користело првата книга за Хари Потер и тоа во Италија, земја каде што имигрантите често се стигматизирани. Контролната група прочитала пасус во кој Хари го добива своето прво магично стапче. Другата група прочитала пасус во врска со предрасудите, во кој Драко Малфој, шокантно русокос чистокрвен волшебник, ја нарекува пријателката на Хари, Хермиона, „мала гнасна со расипана крв“. Една недела подоцна, ги оценувале ставовите на децата, а оние што ги читале пасусите кои се занимаваат со предрасуди, значително ги подобриле ставовите кон имигрантите.
Овие наоди ме натераа да мислам на студентите во мојата канцеларија кои се двоумат околу тоа дали да изберат англиски јазик и книжевност затоа што сакаат да бидат успешни. Ако под „успех“ подразбираат највисока просечна почетна плата, можеби треба да ги однесам од зградата за јазици кон зградата за бизнис администрација. Но, ако успехот значи помагање да се создаде похармоничен свет, земете си столче.
Знам дека некои луѓе играат Fantasy Football. Јас „играм“ семинар за фантастика и моите „играчи“ се оние на кои им е најпотребна онаа зголемена поврзаност на мозокот што е поттикната од книжевноста – имено светските лидери и оние кои создаваат политики. Замислете што би се случило кога водачите би морале да прочитаат роман од гледна точка на непријателски борец пред да покренат агресивна воена акција. Замислете што би се случило кога законодавците би морале да „ѕирнат“ во внатрешниот живот на лице кое добива социјална помош пред да ги намалат социјалните услуги. Замислете што би се случило кога лидерите не би можеле да одредат затворска казна или да создадат политика за имиграција сè додека не го поминат мојот испит со највисоки оценки. Тогаш би имале свет во кој одлуките се носат делумно преку сочувствителна имагинација, обработена од мозоци кои доживуваат зголемување на протокот на крв во повеќе области на мозокот.

(Извор на сликата: Pinterest)
Дискутирав за сите начини на кои книжевноста нè воспитува: емотивно, когнитивно и духовно, но би сакала да завршам со она што читењето го прави за нас од хедонистички аспект.
Не читајте затоа што е добро за вас. Читајте затоа што е добро. Зар не е толку вкусно да се пие слаткиот сок од романот? Читањето не само што ни помага да чувствуваме, тоа ни помага да се чувствуваме подобро. Книгите прават да се чувствуваме помалку изолирани. Како што еднаш рекол Џејмс Болдвин: „Мислиш дека твојата болка и твоето скршено срце се без преседан во историјата на светот, но потоа читаш“.
Најдоброто нешто од книжевната неврологија е тоа што нашите убави мозоци се неверојатно податливи. Можеме буквално да ги промениме нашите мозоци.
Па зошто да не пробате? Одете и изгубете се во книга. Што исто така значи: Одете и пронајдете се. И додека сте таму, најдете нè и нас, сите останати.
***
На овој линк можете да го погледнете видеото и да го прочитате текстот на англиски јазик.
