Чествување на Ацо Шопов во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“!

Ацо Шопов е несомнено еден од најзначајните македонски поети на сите времиња. Годинава се одбележаа 40 години од неговата смрт (20 април 1982 година), а во таа чест, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ организира настан насловен како „Чествување на Ацо Шопов“.

Настанот ќе се одржи утре (13.12) со почеток од 12 часот во Градска библиотека „Браќа Миладиновци’’. За ликот и делото на Ацо Шопов ќе зборуваат д-р Веле Смилевски и д-р Марина Мијаковска, настанот ќе го води Братислав Ташковски, а стихови од Шопов ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски.

Како што велат и од Градската библиотека, Шопов е автор на првата повоена книга објавена на македонски јазик во слободна Македонија „Песни“ во 1944 година. Неговото огромно творештво опфаќа 15 првообјавени книги поезија, 17 поетски избори на македонски јазик и 21 поетски избори на странски јазици. Добитник е на 9 книжевни и опшстествени награди.

Ацо Шопов се родил во Штип на 20 декември 1923 година. Бил уредник на литературните списанија „Иднина“, „Нов ден“, „Современост“, директор и главен и одговорен уредник на издавачката куќа „Кочо Рацин“. Бил активен учесник во Народно ослободителната војна, претседател на ДПМ, претседател на Советот на СВП, претседател на Републичката комисија за културни врски со странство. Шопов бил амбасадор во Сенегал, член на МАНУ, член на Македонскиот ПЕН центар и член на ДПМ од неговото основање.

Извор.

Leave a comment