Кои биле боемите и дали сè уште постојат?

Термините „боемство“ и „боеми“ се нешта кои сме ги слушале и сè уште ги слушаме повремено, иако често се вели дека боемството е веќе изумрено и не постои. Најчесто се користи како синоним за оние кои уживаат во добра кафана, музика, храна и вино, и кои имаат уметничка душа, но оригиналните боеми биле нешто налик бунтовници. Денес на блогот прочитајте повеќе за потеклото на боемите и што значело да си боем во првобитното разбирање на зборот, благодарејќи на одличниот текст на „Култивиши се“ кој го пренесуваме тука на македонски јазик.

(Слика „Сцени од боемскиот живот“, извор: Британика)

Секој облик на бунт е израз на одредено незадоволство и потреба за промена, или барем непосредна алтернатива; секој бунтовник, без разлика дали е бучен или незабележлив (затоа што има и внатрешни бунтови кои понекогаш се поголеми и повозвишени од наметливите) е бунтовник против конформизмот и кршител на табуата, оној што одбива да прифати дека oна што е затекнато е истовремено и највисокото нешто што може да се очекува од човекот и општеството.

Денес боемските места се станати она што не смееле да станат. Сепак, и покрај широко распространето верување, боемите ниту се изгубиле, ниту се промениле, можеби ги има помалку, можеби потешко се препознаваат и помалку се истакнуваат, но бидејќи вистинскиот боемизам е духовниот принцип на бунт и слобода, тој ќе постои сè додека постои неслободен свет, како и лажниот морал и кукавичлукот на обичниот човек – ќе постои како потреба да се надмине сето тоа.

Оттаму, боемството е отпор кон буржоаските вредности, а овие вредности имаат шаблон преку кој се формираат, иако со текот на времето станале тешко забележливи – затоа што станале припитомени и станале прифатени како единствени можни.

Буржујот, граѓанинот, а во денешните категории и секој пролетер, обичен работник, невработено и вработено образовано население, како и обичниот селанец, имаат нешто заедничко – исполнет или неостварен сон за сигурност и извесност. Порано ова ѝ припаѓало само на буржоазијата, а денес на сите оние кои се бореле против неа и произлегле од нејзиното раслојување.

Сонот за сигурност подразбира жртвување на досадното денес за безбедното утре, потребата од дом, за верен животен партнер, сигурен извор на приход и постојана опседнатост со стекнување, така што работата и нејзиното значење се гледаат само низ призмата на добивка во материјална смисла.

(Слика: Bohemian Paris of to-day (1900), извор: Wikipedia Commons)

Боемот, пак, претставува алтернатива на таквиот систем на вредности, а неговата прва задача е да ги согледа и доживее овие вредности како релативни, а не пропишани и дадени, колку и да се речиси сечиј сон, утеха. и страв.

Тие слободоумни номади, или боемите како што ги нарекувале Французите затоа што потекнуваат од Чешка, претставувале сè што било спротивно на буржоаскиот начин на живот, а оние што не го сакале тој начин се идентификувале со нив – ги отфрлиле воспоставените обрасци и норми, ги прифатиле табуата и неконвенционалноста и создале движење кое било неопходен вентил за секој што се гушeл во репресивноста на буржоаскиот крут морал.

Париските кафулиња станале место за средба на боемите, најпрво оние во центарот на градот, во Латинскиот кварт, а подоцна и на Монмартр и Монпарнас. Од неколку причини, кафулињата (или таверните) биле идеално место за боемите. Пред сè, таму можеле да се соберат околу тркалезни маси и да разменуваат идеи и преку ден да ги гледаат буржоазите со презир, а ноќе да се препуштаат на телесните задоволства, друштвото со жени и пијалоците.

Живот во комуна

Во тоа време, боемите најчесто прифаќале заеднички животен стил, заеднички соби за спиење, работејќи преку ден во библиотеки, пабови, на улица. Она што го поседувале можеле со еден потег да го сместат во џебовите од палтата, и на тој начин се стремеле кон слобода според рецептот на Диоген.

Дополнително, тие имале презир кон моралните принципи на граѓанството и само еден страв – да не робуваат на никакви предрасуди. Во својот стремеж да ја шокираат буржоазијата, тие некако зависеле од неа, бидејќи самиот систем на вредности што тие го презирале го одредувал и нивниот, како антиидеал на кој требале да се спротивстават во секој момент. Ова довело до боемското отфрлање на бракот, постојаните врски и дружењето со куртизани и гризети (кои се сметале за женски боеми).

Ноќните забави, се разбира, секогаш биле поттикнати од големи количества алкохол и, често, дрога.

Додека сè што прави обичниот граѓанин може да се гледа од перспектива на корист и добивка, боемите се бореле за бескорисност. Работата од која не бегале била работа во областа на уметноста, но во очите на буржоазијата таа работа се сметала за бескорисна, а боемите за безделници. На крајот на краиштата, и тие не бегале премногу од тоа – идеалот за целесообразност им бил сè само не привлечен, живееле за моментот и моменталното задоволство со безгрижен поглед кон неизвесното утре. Ова бил нивниот начин да го поткопаат буржоаскиот вредносен систем.

(Боеми од 19 век се забавуваат на Монмартр, слика на Џ.М. Прајс, „Весело време“, извор: Mutual Art)

Боемите меѓу задоволството на телото и духот

Секојдневниот живот на боемите можел да се подели на два вида на задоволства: во текот на денот тие ги барале задоволствата на интелектот и срцето, а во текот на ноќта задоволствата на телото. Сонувајќи да создадат ремек-дело, секој во својата уметничка гранка, според некои извори, боемите биле дури и ранобудници, творци кои ја бркаат утринската муза и кои остатокот од денот го поминуваат работејќи на своите дела.

Не било ретко да се види како неколкумина од нив, кои делеле соба, да работат во иста просторија, а потоа да ја продолжат таа работа каде и да стигнат: на плоштади, во кафулиња, на сред улица.

Но, ноќе се препуштале на телесните задоволства и гордо изјавувале дека никогаш не заспиваат над книга и дека никогаш не вечераат на истото место. Се барало женско друштво, алкохол, а понекогаш и хашиш, а веселбите траеле до доцна во ноќта. Тие верувале во донжуанизмот, се фалеле со своите триумфи и искрено одбивале да учествуваат во каква било активност што не им причинувала задоволство.

Боемскиот стил на облекување и неговото влијание

Колку и да биле сиромашни, колку од потреба толку и од чувство на слобода, брадестите и долгокосите боеми од Париз создале нов стил на облекување. Тие комбинирале облека и бои кои не одат една со друга, носеле стара облека (во основа сè што можеле да најдат), излитени чевли и од својата сиромаштија создале свој стил кој истовремено претставувал бунт, како што тоа го направиле панкерите со својот стил на облекување некои сто години подоцна.

Вака облечени, а често земајќи со себе и разголени манекенки, нарачувале кафе во скапи ресторани и го пиеле цел ден, предизвикувајќи ги и сопствениците и гостите.

Иако боемското движење било создадено од писатели, сликари, актери и новинари, со текот на времето станало привлечно и за пошироката популација, претставувајќи начин на живот кој се спротивставува на пропишаните норми.

Наскоро, на ова „движење“ почнале да му се придружуваат нови членови, главно студенти, а честопати некои од нив биле и од богати буржоаски семејства. Тие, привлечени од слободата и автентичноста на боемите, ги напуштале семејните работни места, ги менувале кариерите и им се придружувале на „бунтовниците“.

Очигледно, боемите, како и „дендијата“ во Лондон, се претставувале себеси како незаинтересирани за политика, изјавувајќи дека не се ниту противници на законот, ниту негови бранители. Сепак, тие не можеле да останат настрана – желбата за слобода во животот и изразувањето и презирот кон буржоазијата, исто така, довело до соништа за политичка слобода, па некои од најгласните водачи на револуцијата од 1848 година дошле токму од боемските редови. Меѓу нив биле имињата на Шарл Бодлер и Густав Курбе.

Покрај споменатите, за боеми се сметале и речиси сите успешни уметници од Париз, сликари импресионисти, композитори како Клод Дебиси, поети на симболиката, меѓу нив и Пол Верлен кој Артур Рембо го водел по друг пат, Рембо – генијот кој успеа да ги заведе и најнезадржливите боеми. (За нив можете да прочитате повеќе на следниот линк: Бодлер, Рембо и Верлен – проколнатите поети на модерното време.)

Судбината на боемското движење

Судбината на боемското движење била слична на судбината на секое друго алтернативно движење. Како по некој дијалектички закон, ваквите движења прво се јавуваат како израз на бунт и неприфаќање на доминантниот начин на живот и не се прифатени од мејнстрим културата.

На нив се гледа со презир и одвратност, но и со мала доза на страв затоа што сè уште ги узурпираат вредностите кои не се доведени во прашање, па не можат да се сметаат за целосно безопасни.

По некое време тие стануваат шик, прашање на мода и им приоѓаат луѓе кои немаат суштински, искрен однос со нив, туку само ја следат модата и заземаат своја поза. На крајот, тие се прифаќаат како суштински дел од културното наследство, вметнати во општествениот систем и во тоа прифаќање исчезнуваат во историјата.

Иако повеќето историчари на културата се согласуваат дека вистинското боемско движење згаснало со почетокот на Првата светска војна, сè уште имало луѓе низ Европа и Америка кои иако осамени, сепак решително ги отфрлија пропишаните формули за живеење. Длабоко во дваесеттиот век, движењата како бит-генерацијата, хипиците и панкерите на многу начини наликуваа на поранешните боеми и на крајот ја споделија нивната судбина да се изгубат во мејнстрим културата.

Извор.

Leave a comment