Дојде јуни, а со него и традиционалните предлози за читање. Нема потреба од големи воведи, знаете дека традиционално на почетокот од секој месец ја пишувам листата на прочитани книги за изминатиот месец.
Еве што читаше Кафе и книги во мај:
„Пофалба на глупоста“ – Еразмо Ротердамски

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 5/5
Осврт: Мај некако се погоди месец на филозофијата. Најдобрата книга што ја прочитав месецов беше „Пофалба на глупоста“ од Еразмо Ротердамски. И навистина уживав во секој ред и секоја мисла. Ова е книга во која дефинитивно ќе уживаат и оние кои навидум не ја сакаат филозофијата како наука.
Сите пораки се толку јасно и убаво пренесени и тоа на толку шармантен начин, што едноставно нема да сакате да ја оставите додека не ја прочитате до крај. Оваа книга во суштина е во чест на Томас Мор, уште еден филозоф кој воедно и му бил голем пријател на Еразмо. Тој го пишува овој запис и му го испраќа на Мор, како знак на почит за нивното пријателство.
Книгата во суштина е во форма на говор. Тој говор го држи Глупоста и тоа пред публика. Глупоста се обидува да им објасни на сите дека без неа животот ќе биде неподнослив и ужасен и дека таа носи радост во животот на луѓето. Преку говорот на Глупоста, Еразмо Ротердамски дава еден фантастичен преглед и анализа на тогашното општество, иако морам да признаам дека најдов многу сличности и со денешното општество, што укажува на тоа дека иако нијансите се менуваат, основата сепак останува иста.
„Обожавањето на слободниот човек и други есеи“ – Бертранд Расел

Издавачка куќа: АРС СТУДИО
Оцена: 5/5
Осврт: Оваа книга ја препорачувам со цело срце на сите љубители на филозофијата, но и на оние на кои филозофијата им е послаба страна, но би сакале малку да ги прошират своите видици. Бертранд Расел е дефинитивно еден од најкреативните и најинтересните филозофи на сите времиња, имајќи предвид дека истовремено бил и математичар. Неговиот интересен и креативен пристап кон филозофијата како општествена наука вреди да се прочита и од него има навистина што да се научи.
Оваа книга е составена од четири есеи:
1 . Обожавањето на слободниот човек
2. Мистицизмот и логиката
3. Местото на науката во слободното образование
4. За научниот метод во филозофијата.
Секој есеј е навистина интересен сам по себе и ќе ве поттикне да преиспитате сопствени ставови и да размислите подлабоко на некои теми на кои можеби не сте им обрнувале внимание претходно.
„Покорување“ – Мишел Уелбек
Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Мишел Уелбек е еден од најпознатите современи француски писатели кој е прилично контроверзен лик на европската книжевна сцена поради темите кои ги обработува. Секако дека и оваа книга не беше поштедена од жестоки реакции. Главниот лик во оваа книга е Франсоа, универзитетски професор, кој живее повлечен и осамен живот и целиот живот му е рутина. Ништо не го возбудува, ништо не го потресува.
Но, тој и целата француска јавност се сведоци на најновите промени во Франција и француското општество и сите, па дури и Франсоа возбудено ги исчекуваат резултатите од претседателските избори. Дејството во книгата се одвива во 2022 година. Одлична книга, брзо ќе ја прочитате, содржината е интересна, а и навистина ми се допадна меланхоличната нишка во книгата. Осаменоста на Франсоа е толку реално опишана, што и самата јас на моменти имав чувство дека јасно ја гледам пред себе и ја чувствувам на ист начин како и тој.
„Името на розата“ – Умберто Еко

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 3/5
Осврт: Ова е еден од романите кои можете да ги прочитате на секоја листа на препорачани книги кои морате да ги прочитате во животот. Ова е романот кој го смести Умберто Еко во листата на бесмртните.
Дејството се случува во 14 век во еден италијански манастир. Нараторот на приказната е Адсон, кој веќе е во поодминати години и преку сеќавања раскажува што се случувало во времињата кога го придружувал братот Вилијам на неговите патувања низ италијанските манастири.
Штом пристигнуваат на нивната дестинација, веднаш започнуваат да се случуваат необични работи. Сè започнува со смртта на еден свештеник за кого не е сигурно дали се самоубил или е убиен. Оттука започнуваат сите сплетки и мистерии кои откриваат неверојатни и ужасни тајни од кои на читателот ќе му полазат морници. Книгата е поделена во седум поглавја и секое поглавје опишува по еден ден од истрага која трае седум дена. Почетокот е малку тежок и навистина е потребно време додека се навикнете на стилот на пишување и изразување. Мене ми беше потребно време додека навлезам во книгата, но еднаш кога го фатив ритамот, не можев да престанам да ја читам.
