Кога ќе го слушнеме зборот „дистопија“ или фразата „дистописки роман“, обично прво помислуваме на Џорџ Орвел и неговиот роман „1984“ или на Олдос Хаксли и „Храбар нов свет“, а за некои пак омилено четиво од овој жанр е „Фаренхајт 451“ од Реј Бредбери. Сепак, она што малкумина го знаат е тоа дека Евгениј Замјатин на некој начин е неофицијалниот „татко“ на дистопискиот роман и дистопијата како жанр. Иако и пред 20 век постоеле писатели кои на некој начин го пробиле патот за жанрот, сепак „Ние“ како роман го редефинира и влијае на создавање на жанрот онаков каков што го познаваме денес.
Неговиот роман „Ние“ направил вистинска револуција во начинот на кој се размислувало за книжевноста која обработува сурови режими, тоталитарни општества чија задача е да ги опресираат граѓаните и да го задушуваат секој бунт. Повеќе за развојот на дистопискиот роман можете да прочитате на следниот линк: Подемот на дистописките книги: Од советските дисиденти до Мураками!
Во чест на годишнината од раѓањето на Евгениј Замјатин, во продолжение прочитајте само еден мал дел од неговиот исполнет и бурен живот.
Рано детство и младост
Евгениј Иванович Замјатин се родил на 1 февруари 1884 година во малото место Лебедјан, во Русија. Според Encyclopedia.com, неговиот татко бил свештеник и директор во училиштето, а неговата мајка многу сакала музика и книжевност. Замјатин студирал поморско инженерство на Политехничкиот институт во Санкт Петербург од 1902 до 1908 година и во одреден дел од својот живот се занимавал со оваа професија.
Тој почнал да пишува уште кога бил многу млад и продолжил да го прави тоа и покрај тоа што наставниците се обидувале да го предупредат за опасностите од антагонизирање на царската тајна полиција. Без оглед на опасностите, тој во тоа време се приклучил на болшевиците и во 1905 година бил уапсен, мачен и тепан и неколку месеци бил фрлен во самица, а дел од тие искуства ги опишал во првата приказна која ја објавил – „Сам“.
Encyclopedia.com наведува дека иако на Замјатин официјално му било кажано да се држи подалеку од Санкт Петербург, тајната полиција направила некаква техничка грешка што му дозволила скришно да ги посетува часовите по инженерство, да остане незабележан, да дипломира на Политехничкиот институт, па дури и во период од неколку години да предава на истиот факултет. Продолжил да пишува белетристика и објавил неколку технички статии.
Во 1911 година полицијата ја увидела својата грешка, повторно го уапсила и го осудила на прогонство во провинцискиот град Лахта. Во периодот на прогонство тој напишал збирка кратки приказни „Окружни приказни“, а по некое време бил рехабилитиран од прогонството. Но, тоа не траело долго и повторно имал проблеми со властите и полицијата откако ја објавил „На крајот на светот“, приказна во која се прикажуваат пијани, нетолерантни руски војници во Владивосток и журналот во кој тоа дело било објавено бил запленет.
Во 1916 година заминал за Англија поради својата работа, а англискиот начин на живот му бил необичен, па своите впечатоци и сатира на англиското општество, онакво какво што тој го доживеал, ги објавил во делото „Островјаните“. Сепак, Англија влијаела на него, па кога се вратил дома, неговите пријатели некое време го нарекувале „Англичанецот“.
Неговиот отпор кон тоталитаризмот и опресијата
Иако тој им се придружил на болшевиците, како што вели „Британика“, тој бил „хроничен дисидент“ и набргу по Октомвриската револуција се оддалечил од партијата. Според „Енциклопедија“, некаде околу 1919 година, тој работел на „Ние“, чиј работен наслов бил „Мој“. Тоа е неговиот единствен долг роман. Дури и во тоа време, Замјатин енергично протестирал против влошената состојба на граѓанските права и државната репресија која веќе станувала очигледна. Кога го завршил романот „Ние“ во 1920 година, властите го означиле делото како клевета против социјализмот и го забраниле неговото издавање.
Во 1921 година тој напишал еден есеј насловен како „Се плашам“, во кој, како што наведува „Британика“, тој напишал: „Се плашам дека единствената можна иднина за руската книжевност е нејзиното минато.“ И покрај сите притисоци и закани кои ги трпел, тој сепак цврсто стоел на својот став и мислења и сметал дека писателот треба на некој начин да биде „еретик“. Но, поради тоа трпел страшни последици, сите приказни и објави му биле забранети, заедно со претставите и драмските текстови на кои работел.

(Цитат на Замјатин во кој вели: „Вистинската книжевност може да постои само онаму каде што е создадена, не од послушни и доверливи функционери, туку од лудаците, чудаците, еретиците, сонувачите, бунтовници и скептиците“.)
Според „Британика“, романот „Ние“ првпат бил издаден во 1924 година во САД и тоа на англиски јазик, додека пак рускиот текст првпат го здогледал светлото на денот во 1952 година и тоа повторно во САД, поточно во Њујорк. Во Русија ова дело првпат било издадено дури во 1988 година, кратко пред распадот на СССР. „Енцикопедија“ наведува дека иако била забранета во СССР; сепак постоеле нелегални ракописи кои биле споделувани „од рака на рака“, а во 1927 година, група руски иселеници успеале да го преведат и објават делото на чешки јазик на територијата на Чешка, што ги разлутило советските власти. Книгата била издадена и на француски јазик, а благодарение на освртот на Орвел на романот, кој веќе го пренесов на блогот, овој роман добил уште поголема популарност во Европа.
Во 1931 година, по неговата молба упатена до Сталин и со помошта и интервенцијата на Максим Горки, на Замјатин му било допуштено да ја напушти земјата на неодредено време. Тој се преселил во Париз и живеел таму сè до својата смрт на 10 март 1937 година, иако има извори кои наведуваат дека при крајот на животот сепак се надевал дека еден ден ќе успее да се врати назад во татковината.
Најновото издание на романот „Ние“ на македонски јазик излезе во 2022 година. Изданието е на „Бегемот“, а книгата веќе беше дел од месечните препораки на Кафе и книги.
Романот „Ние“ е многу интересен и доколку сакате поопширна и детална анализа силно ви го препорачувам текстот за критичкиот осврт на Орвел (линкот можете да го најдете погоре во текстот). Ако сте љубител на дистопии сигурно ќе забележите дека оттогаш жанрот еволуирал и можеби има и подобри дистопии, но навистина е добро да се прочита, имајќи го предвид временскиот период во кој е напишан и како Замјатин предвидел многу негативни појави во својата родна земја, но истовремено е нешто што може да се сретне и понатаму во историјата во повеќе различни облици и во многу различни земји, а истовремено, додека го читате романот, ќе можете да го забележите и суптилното, но сепак очигледно влијание на овој роман врз другите дистописки романи кои дошле по него.
Сепак, овој роман е неверојатно револуционерен за своето време, Замјатин преживеал многу тешкотии и проблеми, но секогаш се борел за слободата на поединецот, за слободата да се сатиризира, исмева и критикува, без оглед на тоа колку притисоци трпел.
Неколку интересни извадоци од „Ние“:
„…брзината на јазикот секогаш треба да биде малку помала од брзината на мислите, никако не смее да биде обратно.“
„…човечките глави се непроѕирни и може да се ѕирне внатре само преку ситните прозорчиња – очите.“
„Сиот живот, во сета негова сложеност и убавина, е за навек запечатен во златото на буквите.“
„Се плашиш зашто тоа е посилно од тебе, ја мразиш зашто се плашиш, а ја сакаш зашто не можеш да ја покориш за себе. Бидејќи може да се сака само она што не е покорно.“
„Човекот е како роман: до последната страница не знаеш како ќе заврши. Инаку не би вредело да го читаш.“
„А како ти може да ја сакаш последната револуција? Нема последна, револуциите се бесконечни.“
—–
Извор 1: Encyclopedia.com
Извор 2: Britannica
Извор 3: Мислите во последниот дел насловен како „Неколку интересни извадоци од „Ние““ се преземени од Замјатин, Евгениј. „Ние“. Скопје: „Бегемот“, 2022 г.

