Дојде нов месец, а тоа значи: нови книги за читање! Јануари за мене беше навистина многу продуктивен месец во поглед на прочитаните книги и тоа од неколку причини: прво, празниците и фактот што имав повеќе слободно време ми овозможија повеќе да читам, а и месецов искрено многу ми се погодија книгите и тешко ми беше да ги одберам најдобрите за да се задржам за практиката да објавувам 5 до 6 книги во месечните препораки.
Сепак, во најава е и еден текст со препораки од одреден жанр и дел од некои од одличните книги кои ги прочитав во јануари ќе се најдат на таа листа, па така следете го блогот, наскоро ќе има уште препораки! Во продолжение прочитајте ги препораките за читање и можеби ќе се инспирирате од нив!
„Оддел за рак“ – Александар Солженицин
Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Уф каква книга! Таков ролеркостер од емоции, такви неверојатни проникливи дискусии и анализи на животот, општеството, тиранијата, па и здравството. Долго време ми требаше да си дојдам на себеси откако ја прочитав книгава. Оваа книга случајно ја најдов додека ја барав „Архипелагот Гулаг“, која за жал сè уште не можам да ја најдам, па решив да ја прочитам оваа. Какво ремек-дело! Една од емотивно најтешките, но и интелектуално и душевно најисполнителните книги кои сум ги прочитала.
Дејството се одвива во болница, во одделението во кое лежат пациенти кои се лечат од некаков вид рак. Меѓу пациентите има различни луѓе, различни судбини, а Солженицин маестрално ги развива приказните на секој човек во таа болница, вклучувајќи ги и вработените. Дијалозите, разговорите, сцените се премногу моќни, го одразуваат мрачното советско општество, со остра доза на критика на постоечкиот систем, бирократија, но и самото здравство.
Книгава ме воодушеви на сите можни нивоа. На моменти ми беше и тешко да читам, некои сцени се толку живописни што едноставно ве погодува болката што ја чувствуваат пациентите. Се работи за навистина тешко четиво, но ова е една од книгите за кои можам да кажам дека ми го збогатија животот. Инаку Солженицин ја има добиено Нобеловата награда за книжевност во 1970 година, а тука можете да прочитате еден интересен текст на блогот за него.
Една од омилените мисли од книгата: Што ли се случи со нас? Како се случи тоа, толку лесно да се предадеме, да паднеме со духот, одеднаш да се повлечеме и сосема да замолчиме? И пред што толку лесно паднавме, пред кого се повлековме? Пред стравот? Пред идолите на пазарот? Пред театарските идоли?
„Средба“ – Милан Кундера

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Уште едно неверојатно дело на Кундера. Овие неколку месеци се посветив на тоа да ги дочитам делата на Милан Кундера кои досега не сум имала можност да ги прочитам, па минатиот месец решив да ја прочитам оваа збирка есеи во кои Кундера пишува за различни области од книжевноста, неговите омилени автори, различните влијанија врз книжевноста, но истовремено неизбежно навлегува и во други теми кои се подеднакво интересни.
Додека го читав имав чувство како да присуствувам на неверојатно предавање кое не сакам да заврши и уживав во секоја страница. Посакувам да имав можност да го сретнам Кундера и во живо да го слушам како зборува на овие теми. Мислам дека една од најголемите неправди е што сè уште ја нема добиено Нобеловата награда за книжевност.
Една од омилените мисли од книгата: „Под небото издупчено со една таква испарувачка и илузорна меморија, сите сме на милост и немилост на црните листи, на нивните произволни и непроверливи пресуди, секогаш подготвени да ја копираме нивната глупава елеганција.“
„Божиќ во Шкотска“ – Сара Морган

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 5/5
Осврт: Ова ми е дефинитивно омилената книга од Сара Морган! Навистина уживав и ми дојде како одлично четиво за разбивање на сивилото околу нас. Во принцип, јас сакам книги чие дејство се врти околу Божиќ и Нова година, како и филмовите со таа тематика. Прават да се чувствувам топло и убаво.
Во овој роман, дејството се одвива во Шкотска, во едно мало место, каде семејството Мекбрајд треба да се собере за Божиќ. Сузан сака да се осигура дека се ќе биде совршено за Божиќ, иако реалноста е дека семејните односи се затегнати, особено меѓу трите сестри: Хана, Бет и Поузи.
Освен што има навистина сладок тон, оваа книга зборува и за семејните односи, за личните трагедии, за животот и соништата на луѓето и очекувањата од околината. Има одредена длабочина која многу ми се допадна, а уживав и во описите на природата.
Срдечно ја препорачувам, особено во овие денови кога е навистина ладно!
„Арарат“ – Луиз Глик

Издавачка куќа: АРТКОНЕКТ
Оцена: 5/5
Осврт: Уште еден добитник на Нобелова награда за книжевност се најде на мојот список за читање во јануари. Покрај Солженицин, минатиот месец ја прочитав и збирката „Арарат“ од Луиз Глик, која ја доби Нобеловата награда во 2020 година.
Искрено, претходно не знаев многу за неа, па кога ја видов оваа збирка решив да ја прочитам и да ѕирнам малку во нејзиното поетско творештво и воопшто не се разочарав, напротив! Оваа збирка можете да ја прочитате и на едно седнување бидејќи има само околу 70 страници, но нејзината поезија е емотивна и моќна, длабоко лична, а сепак прави на моменти да се препознавате и себеси или некои чувства.
Голем дел од збирката ја истражува смртта, болката од загубата, семејните односи, односите со нејзината мајка и сестра, но го прави тоа на еден стоички и многу интересен начин, кој ќе прави одредени песни да ги читате и во неколку пати.
„Небо без ѕвезди“ – Владимир Мартиновски

Издавачка куќа: ИЛИ – ИЛИ
Оцена: 5/5
Осврт: Последната книга на оваа листа е книга на македонски писател и ако ви е потребно малку топлина и сакате да почувствувате нешто убаво, тогаш ова е книгата за вас. Владимир Мартиновски создава хабуини, комбинација на проза и хаику, но она што мене ми остави најголем впечаток е тоа што од сосема секојдневни работи кои повеќето луѓе ги игнорираат или воопшто не ги ни забележуваат, тој создава уметност, гледа нешто убаво и ни го пренесува нам, на читателите, па и ние се чувствуваме пријатно.
Додека ја читав книгата се чувствував удобно и откако ја завршив имав насмевка на лицето и убаво чувство. Се работи за мала книга, а и со убав пишувачки стил, па така исто така можете да ја прочитате за едно попладне.
Една од омилените мисли од книгата: „Има денови измислени за одмор. Ретки денови кога сè може да чека. Кога цел ден ти се седи во длабока сенка. Ама и ноќи кога секој, ама баш секој го дочекува својот одмор.“

