Во пресрет на годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев (4 февруари 1872 година), денес на блогот читаме македонска поезија посветена на еден од најважните револуционери во македонската историја. Песната е на легендарниот Петре М. Андреевски, првично издадена во неговата збирка „Дални наковални” од 1971 година.
Ко да беше лани – Петре М. Андреевски
На Делчев
Ко да беше лани, вчера или сношти;
бајрактарот падна, бајраците стојат;
три подземја сега ги поштат твоите мошти
и со тебе е бесмртна само смртта твоја.
Го изоде беспатјето што вечен пат ни беше,
без рода над своите растурени рани
и веќе нема место кај ќе бидеш грешен
среде ноќта ноќна со ноќ што ја браниш.
Но дур ѕемнеш под житата со сетните гајди
на поплак ти идат запалени села:
изврени од денот во тебе што зајде
тесен им е светот во мртвите тела.
Бар кажи им како на земјата ѝ се двориш
и на колку страни одеднаш си свртен:
кој гром ги отвора твоите горни гори
и каква е слободата потаму од смртта?
Зашто в солзи нивни криеш пресни роси
за пламенот сега ладно што те гушка,
Вечерница им вечера со коњот што го носи
сиот празен простор зад твојата пушка.
Ко да беше лани, вчера или сношти;
бајрактарот падна, бајраците стојат;
три подземја сега ги поштат твоите мошти
и со тебе е бесмртна само смртта твоја.

