Промоција на четири романи на Влада Урошевиќ!

Денес, со почеток од 19 часот, во кино „Фросина“ (МКЦ), ќе се одржи промоција на најновиот роман на академик Влада Урошевиќ, насловен како „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“.

Дополнително, покрај новиот роман ќе бидат промовирани уште три евергрини на еден од најпознатите современи писатели во Македонија и тоа: „Вкусот на праските“, „Мојата роднина Емилија“ и „Невестата на змејот“. Се работи за евергрини и класици кои добиваат нови изданија, со нови поговори.

Сите книги се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Како што се наведува на официјалниот настан на Фејсбук, промотори на книгите ќе бидат Јелена Лужина, Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски, а ќе се обрати и претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев. Настанот ќе го модерира Ведран Диздаревиќ, кој е и уредник на четирите книги.

Навистина е огромно задоволство што Влада Урошевиќ се враќа со нов роман, кој, судејќи по сижето кое можете да го прочитате долу и е преземено од официјалниот настан на Фејсбук, ветува навистина многу и има многу интересна приказна:

Приказната во романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ почнува летото 1898. Во преодните денови помеѓу веќе исцрпениот XIX век и тукушто родениот XX век – Никола се враќа од своите студии на Ecole supérieur de pharmacie во Париз. Со себе го носи научното знаење од Западот и етосот на модерниот, просветлен човек, желен да ги примени во своето родно Скопје. Дома – во големата куќа на крајот на градот, покрај течението на реката Вардар – го чекаат татко му Харалампие, трговецот на ангро, мајка му Евдокија и трите помлади братучетки. На прв поглед животот на ова семејство изгледа нормален, пристоен, па дури и здодевен. Но, работите не се такви како што изгледаат. Нешто страшно и неискажливо ја фрла својата сенка врз семејството Пустополски. Старата куќа крие свои тајни што се протегаат сè до Ориентот и кои се однесуваат на богатството на дедото на Никола. Приказната за еден прстен купен во Старата скопска чаршија го втурнува Никола во низа настани чиешто потекло, смисла и цел не му се целосно јасни.

Leave a comment