Нов месец, нови книги за читање. Еве дојде и март, а тоа значи цел нов месец полн со можности за читање книги. Март е непредвидлив месец, иако е и месецот кој ја најавува пролетта. Како и секој месец, така и овој прочитајте ги препораките за читање составени од најдобрите книги кои ги прочитав изминатиот месец.
„Омразата што ја сееш“ – Енџи Томас

Издавачка куќа: МАТИЦА:
Оцена: 5/5
Осврт: Прекрасен роман! Толку прекрасно напишана книга, трогателна, поучна, инспиративна на некој начин. Долго време сакав да ја прочитам, уште кога излезе во САД стана инстантен бестселер и веднаш ми го привлече вниманието, но дури неодамна беше преведена на македонски јазик, а и никако претходно не ми паѓаше во рака.
Главниот лик во приказната е Стар, афроамериканска тинејџерка која живее во едно маало кое не е многу безбедно, а нејзините родители прават сè што можат за таа и нејзините браќа да учат во добро и приватно училиште со цел да имаат повеќе можности во животот. Еден ден, заминувајќи си од една забава, таа сведочи како нејзиниот најдобар пријател е смртно застрелан од полицаец. Дејството на приказната потоа се развива и се фокусира на тоа како тој трауматичен настан влијае на неа, на нејзиниот свет, пријатели, семејство, соседство и заедница. Дали да проговори јавно или не?
Книга која поставува тешки прашања и отвора тешки теми, особено во поглед на расната дискриминација и расизмот во САД, но особено е трогателна бидејќи се фокусира на перспективата на младите луѓе и траумите кои ваквите настани ги оставаат врз нив. Одлична книга!
Омилена мисла од книгата: „Уште како мала научив дека луѓето грешат, и дека мораш да одлучиш дали нивните грешки се поголеми од твојата љубов.“
„Богатство“ – Аристофан

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Од сите комедии кои ги прочитав од Аристофан („Лисистрата“, „Жени во Собрание“ и „Богатство“), оваа ми е омилена. Кратка, но многу ефикасна и директна со својата поента, со лесен хумор и лесна содржина, но истражува тема, која е актуелна уште од времето на антиката.
Во оваа драма, ние го следиме старецот Хремил, кој цел живот бил чесен човек и цел живот живее бедно. Но, тој мора да мисли на својот син и не сака тој да се мачи како него, па решава да побара совет од пророчиштето на Аполон. Тој добива совет да го следи првиот што ќе го сретне кога ќе излезе од храмот и излегува дека треба да следи еден парталав и слеп човек, кој се воспоставува дека е богот Богатство, кој бил ослепен од страна на Зевс.
Хремил решава да му го вратат видот, за да можат чесните луѓе да стекнуваат богатство и да живеат добар живот, а не нечесниците. Но, Сиромаштијата не сака да се предаде без борба и не сака да биде протерана од градот и сака да ги спречи луѓето да го сторат тоа.
Одлични дијалози и забавно четиво!
Омилена мисла од книгата: „Татковина е таму кај што среќен си.“
„Скршена жена“ – Симон Де Бовоар

Издавачка куќа: Просветно дело
Оцена: 4/5
Осврт: Симон де Бовоар е една од најпознатите мислителки на 20 век и драго ми беше што конечно ми падна во рака нејзино дело и планирам да продолжам да ги читам и останатите нејзините дела.
„Скршена жена“ е роман напишан во форма на дневник од страна на една жена која дознава дека нејзиниот сопруг има афера со друга жена. Таа не знае што да прави, дали да му прости или да го напушти, дали да се бори за бракот или сè е залудно. Ние како читатели ѕиркаме во нејзиниот ум и нејзините чувства, а бидејќи се работи за дневник, гледаме како се развива ситуацијата преку нејзините записи каде таа ги истура своите емоции.
Се работи за исклучително интересно дело, особено што нејзините записи потегнуваат интересни дебати и дискусии и вие како читател можете да се согласувате или не, можеби и ќе ве изнервира, можеби ќе ја поддржувате, но тоа е резултат на одличната нарација на Бовоар, која прави дневниците да делуваат толку живописно, искрено, како пред себе навистина да ја гледаме жената од романот.
Омилена мисла од книгата: „Кога некој толку долго живеел за другите, тешко е да се измени и да живее за себе.“
„Изневерени тестаменти“ – Милан Кундера

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4/5
Осврт: Оние кои го следат блогот знаат дека изминативе месеци често се „дружев“ со Кундера и речиси во секој од текстовите со препораки за читање од последните неколку месеци можете да најдете некоја книга на Кундера.
Ова е уште една книга со есеи на Кундера во кои тој пишува за романот, го анализира романот како книжевна форма и опфаќа различни агли од книжевноста и уменоста, а често прави и паралели со музичката уметност.
Како и секогаш, уживав да го читам, се чувствував како да сум на некое предавање кое не сакам да заврши. Многу е интересно да се чита Кундера надвор од вообичаената белетристика и искрено го препорачувам. Можеби веќе сум кажала во некој од претходните текстови, но јас верувам дека не е фер што Кундера досега ја нема добиено Нобеловата награда за книжевност.
Омилена мисла од книгата: „Ние реалноста ја познаваме само во минато време. Не знаеме каква е во сегашниот момент, во моментот кога се случува, кога е. Оттука, сегашниот момент не личи на неговиот спомен. Споменот не е спротивност на заборавот. Споменот е форма на заборав.“
„Бадникова вечер во Фрајдеј Харбор“ – Лиса Клејпас

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3.5/5
Осврт: Лиса Клејпас има многу шармантен стил на пишување и прави човек да се опушти и одмори и да наполни батерии. Нејзините книги можете да ги прочитате и за еден ден, а и оваа книга не е исклучок, со оглед дека е многу помала од нејзините вообичаени, и го следи нејзиниот рецепт кој ја прави толку популарна. Тука секако се нејзините одлични описи кои прават да посакате да бидете дел од заедницата на Фрајдер Харбор.
Во оваа книга се работи за Марк кој по смртта на сестра си станува старател на нејзината ќерка, иако тој не знае ништо во врска со деца. Тој случајно се запознава со Меги која е млада вдовица и тие развиваат симпатии еден кон друг, но работите не се толку едноставни.
Премисата е интересна, јас имам мала забелешка дека според мене самата приказна и ликови не се доволно развиени со оглед на тоа дека книгата е релативно кратка, но доколку ви е потребно четиво што ќе ве одмори од секојдневните обврски и доколку ви се допаѓа стилот на Клејпас, книгата ќе ви се допадне и ќе ви се погоди.
