Се подготвува екранизација на „Ние бевме лажговци“ од Е. Локхарт!

Во последно време сè почесто слушаме новости за книжевни екранизации. Покрај екранизациите на книжевни класици, кои никогаш не престануваат, често слушаме и за зголемен интерес и за екранизирање на бестселери и популарни книги. Неодамна на блогот пишував за претстојната екранизација на „Ова завршува со нас“ на Колин Хувер, а неодамна почна да се прикажуваа и серијата на „Амазон Прајм“ која е екранизација на делото „Дејзи Џонс енд Д сикс“ на Тејлор Џенкинс Рејд.

Сега пристигна и веста дека наскоро ќе започнат подготовките за екранизацијата на „Ние бевме лажговци“ од Е.Локхарт, книга која беше популарна и кај нас.

Судејќи според информациите, „Амазон“ се задоволни од успесите и гледаноста што нивните екранизации ги постигнаа во последниот период, па решиле да се впуштат и во екранизација на бестселерот на Локхарт. Како што пренесува порталот „Bookstr“, првичните информации биле дека екранизацијата почнала да се развива преку „Universal Television“ како продуцент, а потоа плановите за прилагодување на книгата во серијал продолжиле да се движат напред под кормилото на ко-креаторката на една од најпопуларните тинејџерски серии „Вампирски дневници“ (The Vampire Diaries), Џули Плек, и ко-креаторката на „Розвел, Ново Мексико“, Карина Адли Мекензи. Дополнително, на тимот ќе му се придружи и самата Е. Локхарт како извршен продуцент на серијата.

Дејството на овој роман за возрасни млади, кој уживаше голема популарност, се врти околу семејството Синклер. Се работи за богато семејство, а Каденс, Гет, Мирен и Џони се деца на богати наследнички кои фамилијарно ги минуваат летата на приватен остров во сопственост на нивниот дедо. Книгата е драма, трилер, со вклучена и романтична приказна и покажува дека понекогаш навидум совршениот живот може да крие мрачни тајни.

Иако официјалниот датум на прикажување на серијата сè уште не е откриен, љубителите на книгaта има на што да се радуваат, со оглед на тоа што Плек и Меккензи соработуваат на проектот, бидејќи нивниот потпис стои на многу популарни серии. Во нивната заедничка изјава по објавата дека овој роман ќе биде претворен во серија стои:

„Со години бевме опседнати со оваа популарна приказна и извесно време се чинеше дека ни се излизга низ прстите. Но, конечно, воодушевени сме што имаме можност да ја оживееме заедно со „Prime Video“ и „UTV“, кои исто како нас ја споделуваат страста за оваа извртена приказна“

Извор.

Leave a comment