Што читаше Кафе и книги во март?

Започна пролетта, деновите се подолги и наскоро ќе имаме многу можности за читање на отворено! Како и секој месец, така и овој, на блогот можете да прочитате препораки за читање составени од книгите кои ги прочитав изминатиот месец. Па да почнеме!

Морето на изгубеното време и други раскази“ – Габриел Гарсија Маркес

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт:
Габриел Гарсија Маркес е еден од моите омилени писатели и секогаш уживам да го читам и да го препрочитувам. Едноставно секогаш сум му се воодушевувала на начинот на кој пишува за обични приказни, но секогаш вметнувајќи некоја доза на необичност, неверојатност, магичност.

Одамна немав читано ништо од него, па решив да пробуричкам малку низ мојата домашна библиотека и открив неколку книги кои сè уште ги немам прочитано од него, а оваа беше една од нив. Веднаш ја фатив во рака и секако воопшто не се разочарав, всушност ова беше најдобрата книга која ја прочитав месецов.

Има нешто помалку од 90 страници и оваа збирка на кратки раскази е фасцинантен доказ за величественоста на неговиот стил на пишување. Секој од нив е различен, а сепак низ секој од нив се провејуваа онаа добра позната нишка на стилот на Маркес, со обични и необични ликови, со мали селца и нивните жители.

Одличен Маркес, како и секогаш!

Омилена мисла од книгата: „Убаво е да се биде со некого кога е човек сам.“ (од расказот „Вечна смрт посилна од љубовта“)

Олива, повторно“ – Елизабет Страут

Издавачка куќа: ПРОСВЕТНО ДЕЛО
Оцена: 5/5
Осврт
: Во 2020 година ја прочитав и ја препорачав книгата „Олива Кетриџ“, која ја доби и Пулицеровата награда за белетристика во 2009 година, а потоа ја препорачав и истоимената серија која беше одлична. Уште тогаш ѝ се воодушевував на Страут на можноста преку кратки раскази да создаде една целина која вклучува мноштво ситуации и ликови, а сепак сите некако водат до Олива (Кетриџ или Китериџ, кај нас досега имам видено два преводи на презимето) и нејзиниот обичен, а сепак интересен живот и карактер кој го тера читателот да се интересира за неа.

Па така, кога дознав дека има и продолжение, односно втора книга со раскази за Олива и нејзиниот живот, воопшто не се двоумев и веднаш земав да ја прочитам и навистина не се разочарав. Страут има неверојатен талент да раскажува за обични луѓе и обични животи, но да го прави тоа со една неверојатна топлина и човечност, која прави секој од нас да нурне во себеси и преку ликовите да дознае нешто и за себе. Во оваа книга гледаме како Олива се обидува да се навикне на еден нов живот, освен тоа одново гледаме и некои добро познати ликови од претходната книга, но и некои нови.

Со цело срце ви ја препорачувам оваа книга, иако би ве советувала најпрво да ја прочитате првата книга, со цел подобро да се запознаете со контекстот и личноста на Олива, така оваа книга лесно и убаво ќе ви кликне.

Омилена мисла од книгата: „Едноставно работите се такви какви што се, тоа е сè. Луѓето или не знаат како се чувствуваат во врска со нешто или одлучуваат никогаш да не кажат како навистина се чувствуваат во врска со нешто.“

Град од пареа“ – Карлос Руиз Зафон

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 4/5
Осврт
: Уште една збирка раскази од толку популарниот и сакан Руиз Зафон кој за жал прерано нè напушти пред неколку години. Некако изгледа месецов ми тргна со збирките раскази, а и оваа е одличен примерок.

Стилот на пишување на Зафон е толку препознатлив што човек не може да не го препознае, а и слично како Маркес и тој често се занимаваше со чудесните работи во обичниот свет околу нас, магијата во секојдневното и го пронаоѓаше необичното во обичното, нешто што ние често како луѓе не го забележуваме.

Издадена постхумно, се работи за збирка од неколку приказни и сите се на некаков начин поврзани со неговиот серијал „Ризницата на заборавените книги“.

Уживав да го читам неговиот препознатлив стил, а особено да го читам во форма на раскази. Ми падна многу жал кога ми текна дека никогаш повторно нема да прочитаме нешто ново од него.

Омилена мисла од книгата: „Тоа е сигурно некоја грешка“, му реков. Сите поглавја во мојот живот почнуваат со таа фраза.

Договорот“ – Ел Кенеди

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Освр
т: Секогаш кога сум под стрес, обично барам книга која ќе ме одмори и која ќе ми внесе зашеќерена доза романтика во стресното секојдневие, па така одлучив да ја прочитам „Договорот“ од Ел Кенеди. Не знаев ништо за оваа книга и авторка, но по описот ми делуваше како точно да е она што ми треба и навистина беше така.

Се работи за романтична комедија во која главните ликови се Хана и Греам. Хана е вредна студентка која има свои амбиции, но која имала трауматично искуство во минатото и не им верува многу на луѓето, а Греам е најпознатиот спортист-хокеар на универзитетскиот кампус, па нивните патишта не се вкрстуваат често, сè додека на Греам не му затреба помош да положи еден предмет и се обидува да ја убеди Хана да му помогне.

Секако, полека разликите се топат и двајцата дознаваат дека некои работи се многу подлабоки отколку што делуваат на прв поглед. Интересна и симпатична книга, иако има одредени шаблони и стереотипи кои непотребно се внесени, сепак е добра книга за едно попладне и книга која ќе ви легне за време на некој викенд кога сакате едноставно да се одморите од реалноста.

Лекување со Шопенхауер“ – Ирвин Јалом

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 3.5/5
Осврт
: Ирвин Јалом е одличен писател, кој со своите романи навлегува во различни тематики секогаш користејќи ја психологијата и психотерапијата како метод или средство околу кое се врти приказната. Во овој роман, главниот лик е еден психотерапевт, кој добива многу лоша здравствена дијагноза и започнува да го преиспитува својот живот.

Одеднаш се сеќава на еден свој пациент од многу одамна и му се јавува. Така тие двајца ја обновуваат својата комуникација, а Филип му вели дека сака тој да му биде супервизор бидејќи сака да биде терапевт. Тогаш Хулиус му вели дека ќе прифати само доколку Филип прифати да биде дел од групната терапија која тој ја води.

Филип има необичен живот и карактер, но е посветен проучувач на Шопенхауер и верува дека филозофијата на Шопенхауер може да му помогне на Хулиус да се справи со неговата дијагноза. Книгата е пропратена и со еден вид осврт на животот на самииот Шопенхауер.

Книгата е добра, малку е бавна и бара концентрација, слично ко и другите негови романи, но вреди да се прочита. Од аспект на приказната, следи сличен формат на „Кога Ниче плачеше“ (барем според мене), книга која мене повеќе ми се допадна и која веќе ја имам препорачано на блогот.

Leave a comment