На денешен ден, 5 април 1997 година, починал Ален Гинзберг, познат американски поет и добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1986 година, кој ја има посетено Македонија по тој повод. Тој исто така е значаен претставник на бит-генерацијата, заедно со Џек Керуак и Вилијам Бароуз.
Во негова чест, денес на блогот ги читаме неговите познати стихови од песната „Супермаркет во Калифорнија“ напишана во Беркли во 1955 година.
Супермаркет во Калифорнија – Ален Гинзберг
Какви ли не мисли ми доаѓаат ноќва, Волт Витмен, оти одев по споредни улици под дрвореди со главоболка свесен за себе гледајќи во полната месечина.
Со мојот гладен замор, во купувачка на слики, влегов во супермаркет за овошје осветлен со неон, сонувајќи за твоите набројувања!
Какви ли праски и какви полусенки! Цели семејства што купуваат ноќе! Премини полни со мажи! Сопругите меѓу адвокатите, бебиња меѓу патлиџаните! – а ти, Гарсија Лорка, што правеше кај лубениците?
Те видов Волт Витмен, бездетен, осамен стар храноловец, како буричкаш меѓу масата во фрижидерите и зјапаш во младите продавачи.
Те учев како секого од нив го прашуваш: Кој ги заклал свинските кременадли? Колку чинат бананите? Дали си ти мој Ангел?
Лунѕав меѓу блештукавите рафтови со конзерви следејќи те, а во мислите ме прогонуваше детективот на продавницата.
Заедно проскитавме крај редовите во нашата осамена мечта пробувајќи артишоки, присвојувајќи секаков вид замрзнати деликатеси, воопшто не минувајќи крај касиерот.
Каде одиме, Волт Витмен? Вратите се затвораат по еден час.
Каде е насочена твојата брада вечерва?
(Ја допирам твојата книга и мечтаам за нашата одисеја во супермаркетот и се чувствувам апсурдно)
Ќе одиме ли цела ноќ по осамени улици? Дрвјата редат сенка врз сенка, светилките згаснати по куќите, обајцата ќе бидеме осамени.
Ќе лунѕаме ли сонувајќи за исчезнатата Америка на љубовта крај сините автомобили пред влезовите, враќајќи се во нашата тивка куќичка?
Ах, драги оче, белобрад, осамен стар учителе на храброста, каква Америка си имал кога Харон престанал да го турка со стап скелето и кога ти си излегол на зачаденото крајбрежје и си стоел набљудувајќи како чамецот се губи во црните води на Лета?
Тука можете да ја прочитате песната во својата оригинална форма, на англиски јазик.
Извор на македонскиот препев – Веб-страницата на Струшките вечери на поезијата.

Извор на сликата: Antiserious
