На денешен ден, 27 април, 1952 година се родил големиот Горан Стефановски, еден од најпознатите уметници кои се родиле на овие простори, или „македонскиот Шекспир“, како што често го нарекуваат. Тој за жал нè напушти на 27 ноември 2018, а Македонија загуби неверојатна величина. Неговите драми одекнуваат и се толку релевантни и свежи, без оглед на кога се напишани, што само ја потврдува негова големина.
Во чест на годишнината од денот на раѓањето, се одлучив да ја прочитам „Мала книга на стапици“ од Горан Стефановски која неодамна излезе во издание на ТРИ.
За што се работи?
Се работи за едно многу мало (како што и самиот наслов кажува) книжуле кое треба да служи како еден вид насока и нуди совети за оние кои сакаат да пишуваат (драми). Има 83 страници и иако е мала по обем, сепак може да служи како добра алатка и инспирација за оние кои пишуваат или размислуваат да почнат да пишуваат. Поделена е на неколку кратки глави, а особено интересни се оние за „поставувањето стапици“ и последователните „Каде“ (Стапици на место), „Кога“ (Стапици на време), „Кој“ (Стапици на карактер)“, „Што“ (Стапици на дејство), „Зошто“ (Стапици на мотивација), „Како“ (Стапици на пристап).
Зошто треба да ја прочитате?
Затоа што дури и во ваков формат, Горан блеснува во сиот свој сјај. Кога ја читав книгата, посакував да имам можност да седнам и да го слушам како зборува за пишувањето, за драмите и за уметноста. Имав чувство како да е краток разговор со Горан во кој тој ни споделува совети и размислувања. Иако не сум писателка, сепак уживав да гледам разновидни примери или совети или дадени вежби кои се обидов да ги замислам.
Освен тоа, налетав и на неколку реченици, кои можете да ги прочитате подолу, а кои ми оставија силен впечаток:
„Сите сме брилијантни актери во приватните животи; знаеме точно како да им се насмевнеме на оние кои ни се допаѓаат и како да бидеме резервирани кон оние кои не ги сакаме. Сите лесно играме разни улоги во животот, затоа што сите имаме вроден инстинкт за имитација.“
„Сакаме одново и одново да слушаме приказни кои претходно сме ги чуле. Гладни сме за приказни. Тоа е длабоко човечка особина.“
„Нашиот идентитет е приказна за тоа кои веруваме дека сме. Се разликуваме од животните по тоа што знаеме да раскажуваме приказни. Некои научници велат дека шестото сетило е, всушност, сетило за раскажување.“
„Кога гледаме фудбал на телевизија сите сме сјајни фудбалери. Од просто седење успеваме да ги дадеме и оние голови кои најдобрите фудбалери ги утнуваат на теренот. Како критичари никогаш не промашуваме.“
Од срце ви ја препорачувам оваа книга на Горан и мислам дека е одличен начин да се прослави годишнината од неговото раѓање. Доколку сакате да се потсетите на убави мисли и размислувања на Горан, тоа можете да го сторите на линковите подолу:
Горан Стефановски за слободата, за нашата приказна и неговата пристапна беседа во МАНУ!
Горан Стефановски: Што е дупло дно?
IN MEMORIAM: Најубавите мисли на Горан Стефановски!
А доколку ја немате погледнато претставата „My name is Goran Stefanovski“, можете да го прочитате освртот и препораката на следниот линк: Зошто треба да ја гледате претставата „My name is Goran Stefanovski“?
За оние кои се заинтересирани, претставата се игра во Драмскиот театар во Скопје, а датумите се: 27 април (денес, токму на денот на неговиот роденден) и 4 мај.

