Денес започнува Саемот на книгата! Сигурна сум дека веќе ги имате подготвено листите за купување, но доколку барате уште инспирација за читање, денес на блогот имате можност да си го најдете следното четиво за читање меѓу препораките составени од книгите кои ми оставија голем впечаток во април, а во следните денови ќе следуваат уште препораки!
„Полноќната библиотека“ – Мет Хејг

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 5/5
Осврт: Ова дефинитивно беше книгата со кој најмногу се поврзав овој месец. Ликот на Нора ми беше многу интересен и мислам дека голем дел од луѓето можат да се поврзат со каењата и некои размислувања, иако нејзината приказна е многу поразлична. Нора е млада девојка која е тажна, депресивна и незадоволна од животот. Постојано ја мачат каења за нејзиниот живот, постојано се прашува „Што би било кога би било?“. Што ќе се случеше ако се омажеше со свршеникот? Што ќе се случеше ако продолжеше да плива? Што ќе се случеше ако продолжеше да свири? Овие прашања постојано ѝ се вртат во главата и по една ужасна вечер, таа одеднаш се наоѓа во „Полноќната библиотека“, место кое личи на библиотека, но таа е многу необична, секоја книга е приказна на Нора, односно секоја книга е еден од животите кои таа можела да ги води.
Секако, најдебелата книга е книгата со каења. Но дали каењата можат да се избришат? И така, ние ја следиме Нора додека ги истражува различните животи кои можела да ги води, но во процесот учиме и за себе и оваа книга ни дава можност да размислуваме и за сопствените животи. Стилот на пишување е лесен, но сепак самата тематика остава многу простор за сопствено размислување, критички осврт, барем за мене, оваа книга остана долго во мојот ум откако ја прочитав, па затоа топло ја препорачувам.
Една од мислите кои ми остави голем впечаток: „И не сакаше да живее ниту еден друг живот, освен оној што беше нејзин. Оној што можеше да биде неуредна борба, ама беше нејзина неуредна борба. Прекрасна неуредна борба.“
„Панаѓур на суетата“ – Вилијам Текери
Издавачка куќа: ТРИ и АРС ЛАМИНА
Оцена: 4.5/5
Осврт: Ова е еден од класиците кој со години ми беше на листа за читање, но никако не ми паѓаше во рака, па конечно април беше месецот кога решив конечно да ја прочитам и сега ми е многу криво што не ја прочитав порано. Се работи за едно извонредно ремек дело, со одличен, феноменален наратор кој прекрасно ве „вози“ низ приказната, користејќи сатира, иронија, суптилен и не толку суптилен хумор, кој преку совршено раскажување и плетење на приказната ни го доловува „Панаѓурот на суетата“, кој верувам дека и ние често го сведочиме и во модерното општество и сигурна сум дека Текери би се забавувал денес во овој наш Панаѓур на суетата и овој модерен свет.
Временски опфаќа долг период и ние ги следиме главните ликови како минуваат низ различни животни промени, ги гледаме сплетките, предавствата, подмолностите, суетноста и што сè се луѓето подготвени да направат да ги остварат своите цели. Иако Текери иронично го насловува романот „Панаѓур на суетата: Роман без херој“, сепак гледаме и тронка чесност во сиот тој лицемерен хаос, олицетворен преку ликот на Вилијам Добин.
Додека ги следиме двата главни женски лика: Ребека и Амелија, Текери маестрално ни ги доловува дијаметралните спротивности на нивните карактери, животи, но и самото англиско општество и неговата безмилосност и опседнатост со статус и благородништво. Ребека и Амелија се сосема спротивни ликови, но и нивните патишта постојано се одвојуваат и спојуваат на различни начини, а животот наоѓа начин секој од овие ликови да го научи вредни лекции. Ви ја препорачувам оваа книга со цело срце!
Една од омилените мисли од книгата: „Зар нема мали поглавја во сечиј живот што изгледаат безначајни, а оставаат последици врз целиот тек на личната историја?“
„Виор од лисје“ – Габриел Гарсија Маркес

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4.5/5
Осврт: Едно од омилените книжевни места ми е Макондо, со кое првпат се сретнав во „Сто години самотија“ на Маркес, кој воедно беше и првиот негов роман кој го прочитав (и веднаш го засакав). Макондо е многу интересно место, навидум како секое друго, но Маркес го доловува него и неговите жители на еден посебен начин кој прави да се приврзете за него.
Оваа приказна е раскажана од три гледни точки: Полковникот, неговата ќерка и неговиот внук и тие три гледни точки постојано се менуваат и ние имаме можност еден настан да го проследиме од различен агол. Се работи за бдеењето т.е погребот на Докторот, кој е омразен во малото место и на тој чин присуствуваат само Полковникот, неговата ќерка и неговиот внук (и оние кои мора да дојдат). Ги следиме нивните размислувања, но и преку навраќања на секој од ликовите, ние дознаваме нешто повеќе за мистериозниот Доктор и за неговиот однос со луѓето во селото.
Одличен како и секогаш, Маркес ќе ве шармира со своето раскажување и ќе направи целосно да живеете со неговата приказна и славното Макондо!
Една од омилените мисли од книгата: „Насмевката ѝ беше тажна и меланхолична, како да не е предизвикана од она што го чувствува во моментов, туку како да ја чува во фиока и да ја вади оттаму само во вакви мигови, притоа оживувајќи ја како да не ѝ припаѓа…“
„Љубов меѓу редови“ – Лорен Ашер

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4.5/5
Осврт: Доколку сте љубител на романтични комедии, ова книга ќе ви се допадне и ќе ви „легне“. Јас случајно ја открив на Goodreads, а потоа дознав дека е преведена и кај нас. Оваа книга е дел од книжевниот серијал за браќата Кејн, кои се внуци на многу богат дедо, основач на забавникот парк „Дримленд“. По неговата смрт, тие технички треба да ја наследат неговата огромна империја, но работите не одат толку глатко, бидејќи тој им остава писма на сите тројца и нивното наследство е условено и секој добива различен услов, а на Роуан Кејн му се паѓа задачата да го врати сјајот и да раководи со паркот „Дримленд“. Тој мисли дека тоа ќе биде задача која ќе ја направи и ќе си замине назад, но ја запознава Зара, која е необична и чудна (според него).
Откако Зара ја критикува работата на паркот и почнува да дава добри идеи, тој ја зема во тимот кој работи на иновации, но очигледно е дека меѓу нив има одлична хемија. И тука почнуваат да се замрсуваат работите. Иако дел од работите се предвидливи, сепак книгата е забавна и интересна, ќе ја прочитате за еден-два дена и ќе добиете желба да отидете во забавен парк.
Мене супер ми легна и ми донесе зашеќереност во еден тмурен ден и одвај чекам да излезат и останатите два дела за да прочитам што ќе се случи со останатите браќа.
„Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми“ – Славко Јаневски
Издавачка куќа: ТЕМПЛУМ
Оцена: 5/5
Осврт: Во невидениот хаос на животот, поезијата понекогаш може да биде вистинско прибрежиште. Па така, овој април, полн со празници и обврски, поезијата на Славко Јаневски ми дојде како вистинско освежување, па затоа сакав да ви ја препорачам и вам.
Доколку ви треба одмор од сè ова збирка е одлична за да навлезете во поезија и прекрасните стихови на Славко Јаневски. Во збирката се поместени 76 песни, распоредени во три циклуси. Јас во текот на целиот месец постојано си бирав нова песна или нов дел кој ќе го читам и се потсетив зошто толку ја сакам македонската поезија и зошто толку уживам во неа.
Па така, ако сте во потрага по поезија, прочитајте ја оваа збирка, ќе се потсетите на некои можеби малку подзаборавени песни на Славко, а и ќе уживате во македонската поезија.
