Необјавен роман на покојната книжевна легенда Габриел Гарсија Маркес ќе пристигне во меѓународните книжарници следната година (а да се надеваме дека набргу по глобалното издавање, ќе пристигне и кај нас). Весникот „Гардијан“ објави дека романот наречен „En Agosto Nos Vemos“ или „Се гледаме во август“ – ќе биде објавен од издавачката куќа „Пенгвин рандом хаус“.

(Извор на сликата: Baltazar Mesa/AFP via Getty Images)
Колумбискиот автор и добитник на Нобеловата награда за книжевност, кој е најпознат по своите дела како „Сто години самотија“ и „Љубов во време на колера“, почина во 2014 година и зад себе оставил недовршен ракопис, но тогаш семејството на Гарсија Маркез не донело одлука во однос на тоа дали да го објави романот постхумно.
Но, по речиси 10 години од неговата смрт, неговите два сина, Родриго и Гонзало Гарсија Барча, одлучиле дека книгата сепак треба да биде објавена и достапна на светот. Во изјава, тие рекле дека „Се гледаме во август“ „е плод на последниот напор да се продолжи да се создава наспроти сите шанси“.
Тие додале:
„Читајќи го повторно речиси 10 години по неговата смрт, откривме дека текстот има многу пријатни заслуги и ништо што би нè спречило да уживаме во најистакнатите аспекти од работата на Габо: неговиот капацитет за создавање, поезијата на јазикот, маѓепсувачкото раскажување, неговото разбирање за човекот и неговата наклонетост кон неговите искуства и несреќи, особено во љубовта, која можеби е и главната тема која се провејува низ целото негово творештво“.
„Гардијан“ објави дека романот од околу 150 страници ќе содржи пет дела центрирани околу ликот по име Ана Магдалена Бах.
Навистина се радувам што повторно ќе уживаме во магијата на Маркес!
