Летото е пред нашата врата! Тоа значи дека се наближуваат одмори и мнооогу можности за читање. А дојде и новиот месец, а тоа значи дека пристигна и традиционалната листа со препораки составена од книгите што ги прочитав минатиот месец. Мај беше месец на одлични книги, па така во продолжение прочитајте ги моите впечатоци и предлози.
„Тишини“ – Меша Селимовиќ

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт: Меша Селимовиќ е еден од најпознатите писатели од овие простори и секогаш ме привлекувал со неговата меланхолија, неговите размислувања, неговото истражување на местото на поединецот во светот, начинот на кој ги создава внатрешните монолози на ликовите кои ги гради и како ги поставува наспроти околината. Не знаев многу за „Тишини“ освен дека му е прв роман, но едвај чекав да го прочитам и имав убаво чувство за романот.
И апсолутно не згрешив. Колку прекрасен роман, меланхоличен, длабоко личен и поврзувачки со читателот. Се работи за еден војник кој се враќа дома од бојните полиња на Втората светска војна и се обидува да си го најде местото и домот, откако не знае што се случило со брат му. Толку прекрасно ги следиме неговите мисли, чувства, неговата емотивна состојба, избувливост, обидите да најде нешто реално, да го сфати светот и неговата улога во него. Самиот лик е контрадикторен, честопати нерационален, но одлично изграден на начин што верувам дека секој читател ќе се пронајде во одреден дел, во стравовите, чувствата. И некако толку е релевантна и ден денес. Прекрасна книга!
Една од омилените мисли од книгата: „Ме боли главата од пиењето и ногата од шрапнелот. За главоболката јас сум крив, за шрапнелот во ногата не сум: го добив во борбата за промена на светот. Главоболката ја добив сакајќи со светот да воспоставам блискост. Сега мислм дека можеби е полесно да се менува светот отколку со него да се стане близок.“
„Ноќта“ – Ели Визел
Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт: Има книги кои кога ќе ги прочитате, се чувствувате како времето да сопрело и не знаете како да се опоравите од нив. Ова е една од тие книги. Злото и хоророт на Холокаустот е нашироко познат, но и покрај тоа, бев шокирана, трогната и длабоко погодена од она што го прочитав.
Оваа книга е мемоар на Ели Визел, кој како тинејџер бил пренесен во Аушвиц заедно со целото негово семејство. Тој на многу директен и искрен начин ги пренесува грозоморните работи на кои бил сведок, на траумата и хоророт што ниту едно човечко суштество не би требало да го преживее – никогаш. Книгата е релативно куса, односно не е долга, но е толку директна и искрена, што морав да правам паузи при читањето бидејќи навистина беше болна помислата на страдањата низ кои морале да поминуваат сите тие луѓе. Искрено ја препорачувам оваа книга, бидејќи сметам дека историјата не смее да се заборави и овие злосторства никогаш повторно не смеат да му се случат на човештвото.
Една од омилените мисли од книгата:
„Никогаш нема да ја заборавам таа ноќ, првата ноќ во логорот, што животот ми го претвори во една долга, седум пати заклучена ноќ.
Никогаш нема да го заборавам тој чад.
Никогаш нема да ги заборавам лиценцата на децата чиишто тела видов како се трансформираат во чад под тивкото сино небо.
Никогаш нема да го заборавам тој пламен што засекогаш ми ја одзеде вербата.
Никогаш нема да ја заборавам ноќната тишина што засекогаш ми ја одзеде желбата за живот.
Никогаш нема да ги заборавам тие моменти што го убија мојот Бог и мојата душа и моите соништа, што добија лик на пустина. Никогаш нема да го заборавам тоа, дури и да сум осуден да живеам долго колку и самиот Бог. Никогаш.“
„И други приказни“ – Георги Господинов

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 5/5
Осврт: Неодамна Господинов ја доби „Меѓународната Букерова награда“ за „Засолниште во времето“, а малку претходно ја прочитав токму оваа збирка раскази од него, бидејќи беше еден од моите Саемски улови, па едвај чекав да ја прочитам.
Не знам зошто, ама има нешто многу магично кај Господинов во овој формат, според мене е незаменлив во форма на кратки раскази. Секако, неговиот талент сјае во секој формат, но има нешто што посебно ме привлекува кај неговите кратки раскази.
Секако, оваа збирка беше сè што очекував и многу повеќе. Секој расказ е посебен и интересен, тука е неговата препознатлива нишка на шарм и топлина, но и хуморот. Има нешто толку човечко во пишувањето на Господинов, човечко во смисла на тоа што допира до она што е човечко во нас, она што е универзално, а сепак истовремено ги изложува и карактеристиките кои многумина на Балканот ги препознаваат и кај себе. Не ја пропуштајте оваа книга, кога ќе ја завршите ќе се чувствувате топло, пријатно, како книгата да ве прегрнала.
Една од омилените мисли од книгата: „Не смееш да се вмешуваш во животот на луѓето дури и со едно мавтање на раката. Понекогаш, без да сакаш, се претвораш во нивна судбина.“
„Безбојниот Цукуру Тазаки и неговите години на аџилак“ – Харуки Мураками
Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4.5
Осврт: Одлична! Ова ми е лично омилениот роман од Харуки Мураками! Во последниве неколку години се трудев да го читам повеќе и почесто, бидејќи некако заостанував со неговите дела, па така останаа уште многу кои треба да ги прочитам, но оваа најмногу ми се допадна од оние кои досега ги прочитав.
Едноставно многу ми се допадна едноставноста на самиот наратив, приказна раскажана прилично едноставно и директно, но истовремено е и обвиена со мистерија и меланхоличност. Прашањата кои ги истражува книгата се директни, Мураками преку својот главен лик Цукуру истражува прашања за пријателството, осаменоста, зошто сме такви какви што сме, за минатото, личната историја, односите со луѓето.
Ние како читатели ко следиме Цукуру, маж во своите средни 30-ти години, кој запознава една девојка со која споделува тага и трауматичен настан од минатото кога неговите најдобри пријатели го откачиле и отстраниле од групата. Тој настан длабоко го повредил и влијаел на неговото формирање како личност. Таа го убедува да ги пронајде за да ја дознае вистинската причина зошто ги прекинале контактите со него. Па така тој почнува потрага која го поттикнува да допре подлабоко во својата сопствена суштина и да добие одговори на некои прашања. Стилот е исклучително меланхоличен, а тоа е мојот омилен стил, па така уживав во атмосферата. Секако, тука се и останатите „чудни“ елементи што ги има кај делата на Мураками особено поврзни со соновите, а и ми се допаѓа што одредени прашања остануваат неодговорени.
Една од омилените мисли од книгата: „Живееме во време на суштинска незаинтересираност, а опкружени сме со толкаво количество информации за другите луѓе. Доколку ти треба, сите тие информации можеш лесно да ги собереш. Но и покрај тоа, за другите луѓе всушност не знаеме речиси ништо.“
„Погодокот“ – Ел Кенеди

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3.5/5
Осврт: За љубителите на романтични комедии, ова е едно интересно четиво. Ова е третиот дел од серијалот за животот на еден познат универзитет и односите кои се развиваат меѓу студентите. Али е добра студентка која раскинува долгогодишна врска и се труди да застане на нозе по скршеното срце. Нејзината другарка Хана ја запознавме во првиот дел и таа е во врска со хокеарот Гарет, па така Али поминува време таму и така го знае „фраерот“ Дин кој е популарен плејбој.
Тие случајно се сплеткуваат и од тука почнува да се развива приказната. Во однос на романтична комедија се работи за добра приказна, иако Ел Кенеди знае често да користи непотребни шовинистички стереотипи со цел да го истакне главниот женски лик, но сепак е книга која добро ќе ви легне после напорен ден.


