In Memoriam: Луиз Глик (1943 – 2023)

Книжевниот свет вчера беше потресен од веста за смртта на Луиз Глик, американска поетеса и есеистка, која ја доби Нобеловата награда за книжевност во 2020 година. Веста беше пренесена од сите големи весници и портали, а истата беше потврдена и од нејзиниот уредник.

Таа ја доби Нобеловата награда за „нејзиниот непогрешлив поетски глас кој со строга убавина, индивидуалното постоење го прави универзално.“

Таа има објавено 12 стихозбирки и неколку книги со есеи за поезија. Сите се карактеризирани како обиди да се пронајде јасност. Детството и семејниот живот, блискиот однос на родителите и децата е тема која ѝ останала блиска и го зезема центарот на нејзиното пишување.

Од нејзините збирки, преведена е збирката „Арарат“ во издание на Артконект, во препев на Никола Маџиров и веќе ја имам препорачано на блогот. Во нејзина чест, издвоив една песна од оваа одлична збирка.

Исповед – Луиз Глик

Да се рече дека сум бестрашна –
не е вистина.
Се плашам од болест, од понижување.
Како и сите, имам свои соништа.
Но, научив да ги кријам,
да се штитам
од задоволство: сите среќи
го привлекуваат гневот на мојрите.
Тие се сестри, дивјачки –
конечно, немаат
друго чувство, освен завист.

Leave a comment