„Збогум на оружјето“, воениот роман на Ернест Хемингвеј, се смета за еден од најмоќните воени романи на сите времиња. Приказната се случува за периодот на Прва светска војна и нѐ води низ животот на Фредерик Хенри кој се приклучува на италијанската војска и е возач на амбулантско комбе. Откако ќе биде повреден, тој се зближува со една медицинска сестра и книгата нè води низ тој турбулентен период и за Фредерик и за светот. Се работи за една навистина моќна книга која веќе ја имам препорачано на блогот.
За сите љубители на овој роман, но и на делата на Хемингвеј, деновиве излезе одлична вест, а тоа е дека се подготвува нова филмска екранизација на ова познато дело на Хемингвеј, кое на еден начин и го издигна на книжевната мапа.

(Извор на сликата: Hollywood Spy)
Она што засега ни е познато е пренесено од порталот „Deadline”, а во соопштението се вели дека екранизацијата ќе биде дело на режисерот Мајкл Винтерботом, а за продукцијата ќе бидат задолжени неговата продукциска куќа „Револушн филмс“ во соработка со „Пасенџер“, уште една продукциска куќа. Филмот исто така ќе биде снимен во соработка со имотот на Хемингвеј, кои се согласиле на оваа екранизација.
Засега не се познати други детали освен тоа дека актерот Том Блит ќе ја игра главната улога, односно тој ќе биде Фредерик Хенри, додека пак уште нема информации за останатата актерска постава.
Режисерот Мајкл Винтерботом во соопштението за јавноста рекол дека сака да остане верен на специфичниот стил на Хемингвеј да ја разголува приказната што ја раскажува до самите коски. Тој потоа додал:
„Тој тврдел дека романот може да биде како санта мраз: читателот го гледа само врвот над водата, но го чувствува најголемиот дел и тежината на она што се наоѓа под површината. Сакам нашиот филм да биде верен на пристапот на Хемингвеј – непосреден, сиров и природен – и мислам дека во Том Блит најдовме совршена личност да биде Фредерик Хенри.“
Од друга страна, Блит вели дека е долгогодишен обожавател и на Хемингвеј и на Винтерботом и дека режисерот „совршено ја има прилагодена книгата, со сценарио што ја доловува целата уникатна нијанса и прецизност на авторот.“ Тој исто така ја потенцира и актуелноста на тематиката, односно вели:
„Истражувањето на човечката цена на конфликтот, како и обидите на љубовта и надежта да се развиваат внатре во него, е нешто што е важно повеќе од кога било. Не можам да замислам подобар филмски тим од Мајкл и Мелиса да ја раскаже оваа приказна и навистина сум воодушевен што ја имам можноста да го оживеам Фредерик на екранот за современата публика“.
Имотот на Хемингвеј, чии претставници се наследниците и потомците Брендан Хемингвеј, Патрик Хемингвеј Адамс и Анџела Хемингвеј Чарлс исто така се огласи во јавноста со сопствена изјава во која велат дека семејството Хемингвеј е воодушевено што романот повторно се прилагодува за екранот. Меѓу останатото, тие велат:
„Со оглед на хаотичната состојба во светот, тешко е да се замисли подобар момент за повторно да се воведе неговата исклучително важна приказна за љубовта и разорните ефекти на војната. Длабоко ја цениме страста и длабочината на разбирањето што Винтерботом и неговиот тим ги покажаа. Сигурно тие се вистинските луѓе кои ќе ѝ дадат нов живот на визијата на Хемингвеј и во време кога, трагично, ни е најпотребно“.
Романот досега неколку пати бил прилагоден за филмското платно. Првата екранизација ја доживеал во 1932 година, во режија на оскаровецот Френк Борзаж, каде легендарниот холивудски актер Гери Купер ја толкува главната улога покрај Хелен Хејс. Филмот повторно бил екранизиран во 1957 година, во режија на Чарлс Видор и Џон Хјустон, а главните улоги ги играат легендарниот актер Рок Хадсон и познатата актерка Џенифер Џонс. На основа на романот се снимила и мини-серија во Велика Британија која се прикажувала во 1966 година, со Џорџ Хамилтон и Ванеса Редгрејв во главните улоги.
Па сега останува да почекаме и да ги дознаеме другите детали.
