Денес на блогот читаме македонска поезија и стиховите на академик Катица Ќулавкова!
Ужас без крај (обична песна) – Катица Ќулавкова
Затоа што безграничното го натрупаа со граници
Затоа што и на јагулите патот не им е прооден к’о што беше
Затоа што и штрковите се мислат дали да се вратат
Затоа што ни небото е сино, ни земјата – плодна,
ни домата – дома
Затоа што од слободата остана само звук на очај
Затоа што цела држава ни е депонија, гасна комора, логор
Затоа што луѓето станаа нелуѓе, градот – преполн зомби
Затоа што децата немаат детство, не веруваат во иднина
Многу скролаат, малку зборат, едвај раскажуваат
Затоа што младите станаа монети за раскусурување
евтина стока, бело робје, жртви на разноразни трговии
Затоа што кладилници никнат на секој агол, со закон заштитени
а библиотеките, училиштата и градинките се распаѓаат
Затоа што по патиштата се гине секојдневно,
небаре сме во војна
Затоа што пожолтена е сликата на светот,
жолт печат, грозни вести
Затоа што вистината не вреди ни пет пари,
лагата е преценета
Затоа што сè ни е на распродажба, и минатото, и сегашноста
А иднината и онака не постои, освен како мислена именка
и предизборна кампања.
Извор: Фејсбук профилот на академик Катица Ќулавкова

