Ќе се снима филмска екранизација на „Хамнет“ од Меги О’Ферел!

Хамнет“ од Меги О’Ферел е роман што направи вистински бум кога излезе во продажба во 2020 година, a освен што стана вистински бестселер, се закити и со две награди. Книгата беше издадена и на македонски јазик од „Арс Ламина“. Оваа книга е одлична за љубителите на историски драми, но и за љубителите на книги и Шекспир, бидејќи Хамнет е всушност синот на Вилијам Шекспир што починал на само 11 години од „црната чума“.

Иако Шекспир воопшто не се спомнува по име, сепак е јасно за кого станува збор, особено ако ја знаете неговата биографија. Книгата во најголем дел е раскажана од гледната точка на Агнес, сопругата на Шекспир. Инаку, книгата во голем дел е фикција, иако се служи со некои од веќе познатите информации. Агнес е исто така малку изменета, бидејќи вистинското име на сопругата на Шекспир било Ен Хетавеј.

Долго време кружеа гласини и шпекулации дека ќе се снима овој филм. Првите информации излегоа уште минатата година, кога беше соопштено дека оскаровката Клое Жао ќе ја режира филмската екранизација и дека таа ќе биде и сценаристка заедно со авторката на романот Меги О’Ферел. Како што објави „Варајети“, цитирајќи ги изворите на „Дедлајн“, Лиза Маршал, Пипа Харис и Сем Мендес ќе бидат продуценти, а Ник Гонда ќе биде извршен продуцент.

По извесно време, почнаа да се појавуваат и гласини дека Пол Мескал (најпознат по улогата во серијата „Нормални луѓе“ и филмот „Aftersun”, за кој доби и номинација за Оскар) ќе глуми во филмот, заедно со Џеси Бакли (позната по улогите во „Фарго“ и „Изгубената ќерка“).

Долго време немаше никакви информации, ниту потврда ниту демант, но самиот Пол Мескал во едно неодамнешно интервју за списанието „Вог“ ја потврди оваа информација. Во интервјуто, новинарот Радика Сет му вели: „Ќе те видиме наскоро заедно со Џеси Бакли во „Хамнет“ во режија на Клое Жао“, на што Пол Мескал одговара:

„Таа книга – едноставно е разорувачка. Едвај чекам! Кога би му кажал на помладата верзија на себеси дека ова ќе го снимам оваа година, сигурно не би си поверувал сам на себеси. Да, веќе сум бил во филм со Џеси [„Изгубената ќерка“ на Меги Гиленхал], но никогаш не сме биле зааедно на екранот, ниту пак заедно сме биле во работниот процес. Мислам дека таа е една од нашите денешни великани. А Клое е личност со која едвај чекам да се впуштам во длабокото и да влезам во главите на тие ликови.“

Сè уште нема многу информации околу тоа кога ќе започне снимањето, иако се шпекулира дела ќе започне оваа пролет, но судејќи по сите информации – станува збор за одличен тим и ќе видиме како ќе се пренесе тоа на големите екрани.

Извор 1.
Извор 2.
Извор 3.

Leave a comment