Денес е петок, убав ден, го означува почетокот на викендот, а тоа за многумина значи повеќе време за читање книги. Исто така е и почеток на месецот, а тоа значи дека е време за стандардните препораки за читање составени од книгите што ги прочитав изминатиот месец, па можеби ќе се инспирате да фатите некој од овие предлози токму за време на викендот.

Во продолжение прочитајте ги книгите што ги прочитав во јануари.
„Авантурите на Арсен Лупен, крадецот џентлмен“ – Морис Леблан
Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт: Ова дефинитивно беше најзабавната книга што ја прочитав месецов, а и одамна не помнам некоја книга баш олку да ме забавува. Не залудно се вели дека е вистински класик. Доколку сте обожаватели на приказните за Шерлок Холмс или приказните на Агата Кристи, ова е одлична и совршена книга за вас.
Се работи за роман во кој во вид на различни случаи се зборува за Арсен Лупен, фамозниот крадец што ја вознемирува цела Франција. Преку нараторот ние се запознаваме со неговите случки, измами, апсења и еден куп други авантури и секоја од нив е поинтересна од претходната.
Дури и Шерлок Холмс се појавува за момент, иако секако на спротивната страна, бидејќи да не заборавиме, Лупен сепак Е крадец. Но, толку е шармантно изграден лик, што на моменти тешко ќе ви дојде да поверувате дека е негативецот во приказната, односно дека е криминалец. Книга со прекрасен хумор, неверојатна и жива нарација и навистина уживав во секој момент додека ја читав и ви ја препорачувам со цело срце.
Мисла што ми остави впечаток: „Иако, наједноставните работи се оние што обично не успеваме да ги забележиме.“
„Пештера и други раскази“ – Евгениј Замјатин

Издавачка куќа: БЕГЕМОТ
Оцена: 4/5
Осврт: Евгениј Замјатин е најпознат по неговата дистопија „Ние“, која веќе ја имам препорачано на блогот. Па затоа, баш се израдував кога дознав дека кај нас се објавила и збирка со раскази од Замјатин. И морам да признаам дека уживав во неа. Навистина има еден многу интересен стил на раскажување, што ретко се случува денес.
Приказните се разнолики, но впечатливи, и оставаат простор да размислите за прочитаното. Покрај тоа, еден од омилените моменти ми беше што во книгата е вметнато и негово писмо до Сталин во кое го замолува да му дозволат да ја напушти државата, бидејќи е познато дека бил жестоко прогонуван и забрануван од тогашните цензори. Иако Замјатин можеби денес не е толку познат колку некои други автори и негови современици, сепак е интересен бисер во книжевноста со уникатен глас и стил на раскажување.
Мисла што ми остави впечаток: „Светот е грмушка јоргован – вечен, огромен, неопфатен.“
„Боите на разделбата“ – Бернхард Шлинк

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт: Некако месецов навистина ми тргна со кратките раскази. Да бидам искрена, не сум ги читала многу делата на Шлинк, па затоа решив да започнам со раскази. И дефинитивно ќе побарам уште дела од него. Многу ми се допадна неговиот стил на пишување, толку меланхоличен, толку едноставен, толку човечки…
Многу сакам писатели кои често зборуваат за многу едноставни и обични луѓе од секојдневниот живот, и на прекрасен начин јас разложуваат и изложуваат нивната сложеност, особено во односите меѓу луѓето. Секој расказ е различен, но сите ги спојува нишката на разделбата, меланхолијата, тагата, лекциите што ги носи животот и времето. Некои од расказите можеби некому ќе се чинат малку претерани, но секој од нив е таму со своја одредена причина и намера.
Мисла што ми остави впечаток: „Ја држеше в прегратка и си помисли дека секогаш премногу размислува и дека животот е всушност едноставен. Како и љубовта – кога вистински сакаме, всушност не можеме да направиме ништо погрешно.“
„Статистичка веројатност за љубов на прв поглед“ – Џенифер И. Смит

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3.5/5
Осврт: Доколку барате нешто лесно, интересно, доколку барате приказна што се чита за едно попладне, тогаш ова е книгата за вас. Во принцип ова е книга наменета за млади, но се работи за една сосема симпатична приказна за младешка љубов што може да им се допадне и на оние што не се веќе толку млади.
Хедли има 17 години и треба да лета за Лондон за свадбата на татко ѝ. Таа живее во САД со нејзината мајка откако нејзините родители се развеле, нешто што таа не го поднесува добро и навистина не сака да оди на свадбата. Но, судбината си има свои планови, таа навистина го пропушта летот на кој треба да се качи и е приморана да купи билет за следниот лет за Лондон по неколку часа и така се запознава со Оливер, кој се враќа дома во Лондон за одреден настан. Тие веднаш воспоставуваат однос и има неверојатна хемија меѓу нив, но кога стигаат во Лондон мора да се разделат… Оттука натаму Хедли мора да се справува со еден ролеркостер од емоции. Симпатична и интересна книга и сега морам да ја гледам и екранизацијата на Нетфликс!
„Елизабет Финч“ – Џулијан Барнс

Издавачка куќа: АРТКОНЕКТ
Оцена: 3/5
Осврт: Досега на блогот во неколку наврати сум спомнала дека Џулијан Барнс е еден од моите омилени, ако не и омилен современ автор и често го имам препорачувано на блогот („Шумот на времето“, „Папагалот на Флобер“, „Ова личи на крај“ и „Само една приказна“). Едноставно човекот блеска во сиот свој сјај кога се во прашање меланхолични приказни во кои навлегува во животите на луѓето и нивните меѓусебни односи, без оглед на тоа дали е љубов или некаков друг човечки однос.
„Елизабет Финч“ е неговиот последен роман и едвај сакав да го прочитам. Неговата беспрекорна, меланхолична проза е тука и навистина уживав во неговиот мајсторски начин на раскажување, малку отуѓен, но сепак присутен. Сепак, морам да признаам дека оваа конкретна книга ми се допадна помалку од останатите негови книги што ги имам прочитано. Романот е именуван по централниот лик, професорката Елизабет Финч, а Нил е нараторот, кој бил нејзин студент, но и по студиите останале во контакт.
Елизабет Финч ја запознаваме преку очите на нараторот и сфаќаме дека се работи за интересна личност, помалку мистериозна, стоик и жена што ги поттикнувала студентите секогаш да размислуваат повеќе. Книгата е испреплетена и комбинира белетристика, со есеј и истражување. Мојата забелешка е претежно за тоа дека невообичаено за него, Барнс малку ја преминува границата на водење на читателите и на моменти повеќе делува како да попува (или барем неговите ликови). Но, сепак, доколку сакате меланхолични книги и интересни ликови, треба да ја прочитате.

