Македонска поезија: „Непрекинливо движење“ од Игор Исаковски!

Денес на блогот читаме прекрасни стихови од Игор Исаковски!

Непрекинливо движење – Игор Исаковски

колку осаменост
може човек да поднесе
поставен пред заборав
во куќа на ридот
сите ветрови да удираат
а пак да не ја срушат
туку песна да пеат
додека минуваат
низ собите
додека сè крцка
се превиткува
пред големата наезда

утрата се празни
јалови и штури
како осамено суво дрво
во запуштено поле
кога те нема
мојот свет од мене се крие
зад темен превез
од неизговорени болки

каде е
светлиот глас
од сомот и топлина
во бучната лушпа

Листа на јадења од твоето тело
како кога влегувам во ресторан со дупка во стомакот –
не знам што попрво да нарачам, се збунувам од можноста

те гледам послана пред мене –
поезија поголема од самата поезија

ти секогаш можеш да бидеш таа –
госпоѓата поезија никогаш нема да биде ти

те бирам дел по дел, нарачувам разуздано –
лакомо гризам и нарачувам уште, со полна уста

полека стануваме едно, акорд од воздишки –
поезија пишувам кога те немам крај себе

18.08.2008, 01:47

Leave a comment