Мисла на денот: „Да живееш во слобода е рај, а да живееш во ропство е пекол“!

Како што веќе објавив на блогот, една од книгите што ги читав минатиот месец беше „Пат за рајот“ од Драги Михајловски. Делови од книгата навистина ми оставија голем впечаток, а овој прекрасен извадок подолу од расказот „Пат за рајот“, некако постојано ми се врти деновиве низ глава, па сметав дека заслужува и посебна објава и да биде издвоен. Денес е петок, убав ден, па убаво е да се потсетиме и на овој прозен бисер од македонската книжевност.

„Мислам дека нема рај и дека нема пекол. Ги нема на картата ако се именувани. Ги има само во психата. Тие се само дел од умот. А умот е наш верен предавник. Само душата е чиста и наша. Но треба да се дојде до неа. Ако живееш спонтано, и ако ги прифаќаш работите како што доаѓаат, по истиот распоред, ако не живееш по правилата на други, туку по свои, ако ја живееш вистината, љубовта, убавината, тогаш сигурно живееш во рајот. Ако пак живееш во лицемерие, во лаги, во попуштање и компромиси, ако битисуваш по правилата на други, а не по свои, тогаш сигурно живееш во пеколот. Да живееш во слобода е рај, а да живееш во ропство е пекол. Јасно?“

~ Извадокот е преземен од: Михајловски, Драги. „Пат за рајот“. Скопје: Издавачки центар ТРИ, 2017

Leave a comment