И август пристигна пред нашите порти! Не знам дали е до мене, но годинава навистина некако брзо лета, исто како што летаат и страниците на книгите. Ете дојде време и за уште една стандардна листа со препораки составена од најдобрите книги што ги прочитав изминатиот месец. И доколку одите на одмор и барате книга за читање, можеби тука ќе најдете инспирација.
„Вештерката Лоис“ – Елизабет Гаскел
Издавачка куќа: ПНВ Публикации
Оцена: 5/5
Осврт: Малкумина не слушнале за страшните судења во Салем и „ловењето вештерки“ што резултирало со смрт на невини жени, но и мажи обвинети за вештерство и други еретички дејствија. Подоцна се утврдило дека тие обвинувања немале врска со реалноста, но веќе било доцна да се поправат грешките. Па така, во оваа книга се истражува приказната за младата Лоис која многу млада останува без своите родители и оди во Америка за да живее со својот вујко.
Нејзиниот вујко живее во Салем со своето семејство и тие неволно ја прифаќаат во нивниот дом. Лоис е срамежлива и тивка и сака само да се зближи со своето ново семејство, додека замислува како нејзиниот сакан од Англија ќе дојде наскоро да ја земе и да заминат назад во Англија. Но, набргу по нејзиното пристигнување почнуваат да се случуваат чудни работи и наводно ѓаволот е меѓу народот во Салем и започнуваат првите обвинувања за вештерство.
Се работи за една сосема куса, но прекрасна книга, интензивна, со интересни ликови и според мене, Гаскел на многу моќен начин, преку пренесување на една индивидуална приказна, ја покажува грозоморноста на пуританизмот во тоа време и неправдите што им се нанеле на многу жени.
„Смрт на Андите“ – Марио Варгас Љоса
Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 5/5
Осврт: Нобеловецот Марио Варгас Љоса секогаш знаел како да го искомбинира чудното, мистичното, со политичкото и општественото. „Смрт на Андите“ според мене е најдобрата книга што досега сум ја прочитала од него (Сè уште не сум стигнала до некои од најпопуларните, како „Празник на прчот“). Книгата започнува со тоа што капларот Литума и неговиот заменик Томас и дознаваат дека повторно исчезнал човек од околијата, а тоа би било трето исчезнување во кус период и тие мора да истражат да дознаат што се случило, но тоа е тешко, бидејќи луѓето од селото не им веруваат и не се расположени многу да зборуваат со нив.
Во меѓувреме, тие се оставени сами на себе и се зближуваат преку раскажување на своите животни приказни, особено Томас кој ја раскажува приказната за неговата најголема љубов и што се случило со неа. Но, Љоса тука и маестрално вткајува и други приказни за други луѓе, во вид на кратки вести, што имаат за цел да дадат еден поширок општествено-политички контекст за Перу, што дава уште подобра основа за сите случувања во книгата.
Одлична нарација, интересни ликови, добра мистерија, со сигурност ќе уживате во оваа книга.
„Шинела и други раскази“ – Николај Гогољ

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4/5
Осврт: Годинава некако навистина ми се погоди да го читам Гогољ повеќе од претходно, најпрво „Мртви души“, па „Тарас Буљба“ и некако многу се приврзав за неговиот интересен начин на раскажување, но и хуморот што е толку убаво проткаен низ раскажувањето што истовремено е очекуван, но и изненадувачки и освежувачки. Па така решив да го земам ова издание на „Антолог“ во кое се собрани повеќе раскази на Гогољ, некои од нив се и неговите најпознати, како „Шинела“, „Нос“ и многу други.
Искрено навистина уживав во секоја од нив, секоја приказна има некаков сопствен индивидуален елемент што ја прави интересна за читателот и има многу моменти кога Гогољ се поигрува и со фантастичното и натприродното, особено во приказната „Нос“ која истовремено е апсурдна, смешна, но и е со феноменално раскажување. „Шинела“ е приказна која најмногу ме трогна и остана со мене и долго откако ја прочитав. Доколку сте љубител на кратките приказни како формат и жанр, ова е дефинитивно книга за вас.
„Свадба во декември“ – Сара Морган

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт: Сара Морган ми е една од современите писателки чии книги совршено ми одговараат кога сакам да се опуштам и да добијам убаво чувство и да избегам од сивото секојдневие. Досега неколкупати сум ја препорачала на блогот (тука, тука и тука), и интересно е што често нејзините зимски книги ги читам во лето. 😀 Доколку веќе сте ја читале, сигурно знаете дека нејзините приказни обично се божиќни, со примеси на романтична комедија но и приказ на семејните односи.
Во оваа книга, Роузи е најмладата сестра што го шокира своето семејство кога им соопштува дека ќе се мажи за човек со кого е во врска само неколку месеци, а свадба е закажана за нешто помалку од еден месец. Нејзината постара сестра е шокирана и решена да ја предомисли, додека пак нејзините родители кои се во процес на разделување се договараат да се преправаат дека се заедно додека не помине свадбата. Во целиот тој хаос се откриваат поединечните приказни, ликови, карактери, слоги и неслоги, а приказната е полна со хумор, интересни моменти и е совршена доколку барате бегство од реалноста, особено ако сте на одмор.
„Скелиг“ – Дејвид Алмонд

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Оваа книга долго време ми стоеше на полиците, бидејќи како што веќе имам напоменато, не сум голем обожавател на фантастични и натприродни приказни, иако секогаш им давам шанса на сите жанрови. Но, тоа беше причината што ја одложував и решив дека ова лето е таман време да ја прочитам. И не зажалив.
Се работи за една многу интересна приказна, што се чита во еден здив. Стилот на пишување е малку полесен, бидејќи сепак е повеќе книга за млади, но сепак во себе има толку многу човечност и топлина, помешано со малку надреални сцени. Мајкл е младо момче чие семејство поминува низ многу тежок период, бидејќи неговата помлада сестра, која штотуку е родена, е болна и сите се загрижени дали ќе преживее. Тоа го прави отуѓен од другарите и од училиштетот, а истовремено се сели и во нова куќа. Еден ден во гаражата од куќата тој открива едно чудно суштество и најпрво е уплашен, но потоа полека открива за кого се работи. А во соседството запознава и едно девојче кое наскоро му станува другарка.
Книгата е навистина кратка, но моќна, ја покажува силата на љубовта, грижата за најблиските и дека на секој човек понекогаш му е потребно чудо.


