Македонска поезија: „Деца на борбата“ од Ацо Караманов!

Во чест на 11 Октомври – Ден на востанието на Македонија денес читаме стихови од Ацо Караманов, поет чиј живот згаснал на само 17 години, откако на почетокот на септември 1944 се придружил на Тринаесеттата македонска народна бригада и загинал ноќта меѓу 10 и 11 октомври 1944.

Деца на борбата – Ацо Караманов

Во нашите раце железо се топи
во градите срце челично бие
од одот земјата се стресува
како да сме ветар или бура ние.

А токму на широките плоштади
нè чека таа со својот шум
впивајќи љубов во нашите гради
и нова верба во нашиот ум.

Нека нè прегрнат копнежите големи
стапуваме со младешки жар
наместо со свеќи, со пушки бојни
окитен ќе биде нашиот олтар.

Во нашите раце железо се топи
во градите срце челично бие
со пушки, со рала и со раце голи
ќе ја урнеме бедата ние.

Leave a comment