Историската драма т.е историската белетристика како жанр е навистина многу популарна, особено кога е зачинета и со малку романса. Низ текот на годините сум препорачувала многу вакви книги од овој жанр, но најчесто во општите препораки што се објавуваат на почетокот на секој месец. Пред неколку години на блогот имаше објава со специфични препораки од овој жанр, а денес на блогот можете да прочитате уште пет препораки за љубителите на историски драми.
„Сите недовршени места“ – Ребека Јарос

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Опис: За љубителите на историски драми и романси, ова е едно одлично четиво кое ќе ве насмее, расплаче и ќе ве натера да заборавите сè во одреден момент. Оваа книга се движи меѓу сегашноста и Втората светска војна, испреплетена со многу различни нишки кои водат до откривање на неверојатна приказна. Приказната започнува во сегашно време, кога Џорџа Стентон, внука на една од најпопуларните писателки во САД, се враќа во родното место по разводот.
Таа тагува по својата почината баба и се обидува да застане на нозе, кога се запознава со писателот Ноа кој сака да ја доврши последната приказна на Скарлет Стентон, која всушност е нејзината приказна за нејзината најголема љубов и животот за време на Втората светска војна во Велика Британија. Но, Ноа мора ја убеди Џорџа дека е искрен во намерите да ја напише приказната во чест на баба ѝ, а не за сопствена слава.
Прекрасна приказна во која има од сè по нешто: љубов, тага, болка, радост и добиваме потресна слика за разорноста на војната.
„Флоренс Грејс“ – Тереза Рис

Издавачка куќа: МАТИЦА
Опис: Флори Бакли е сираче кое живее во Корнвол со својата баба. Нејзиниот живот е тежок и од мали нозе знае што значи трагедија и страдање, но таа ужива во животот во природа и има свои соништа. На свои 15 години таа е шокирана од неверојатното откритие дека преку покојната мајка е поврзана со едно богато семејство од викторијански Лондон. Преку ноќ таа заминува да живее со семејството Грејс и да се навикне на сосема нов живот. Но, нештата не се декогаш онакви какви што изгледаат и таа се соочува со друг тип на страдања и таги. Секако тука е и нејзиниот братучед Тарлингтон Грејс, проблематичен и мистериозен кој додава ново ниво на збунетост кај Флоренс.
Интересен роман за растењето и животот прикажани преку созревањето и борбата на една млада девојка да го пронајде своето место под сонцето. Има моменти кога малку се развлекува, но мислам дека имаше преубав крај, многу поинаков и подобар од оној што го очекував.
„Пуритантската принцеза“ – Миранда Малинс

ИЗДАВАЧКА КУЌА: ПОЛИЦА
Опис: Средниот 17 век е многу интересен во британската историја, особено периодот на владеењето на Оливер Кромвел. Ова не е период што многу е разработен во историската белетристика, па освен приказната за најмладата ќерка на Кромвел, читателите дознаваат и интересни работи за овој историско-политички период, кога монархијата во Велика Британија била укината, а Кромвел бил назначен за лорд-протектор.
Франсес, најмладата ќерка на Кромвел има 18 години и расте во екот на најголемата моќ на нејзиниот татко. Но, иако од неа се очекува да се омажи за некој моќен што би ги зацврстил интересите на семејството, таа решава да ја преземе судбината во своите раце и да се омажи од љубов. Дали ќе успее во тоа? Ќе треба сами да дознаете.
Дополнително, на интересен начин се прикажани сите политички превирања и сплетки, т.н „дворски игри”, што ѝ дава на книгата и еден друг вид на комплексност. Освен тоа се дава и интересен преглед на целото семејство Кромвел, сите негови деца, зетови и сопругата на Кромвел.
„Белегот на сите нешта“ – Елизабет Гилберт

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Опис: Овој роман чие дејство се одвива во 18 и 19 век, ја следи судбината на семејство Витакер, предводено од бизнисменот Хенри, Англичанец од сиромашно потекло што по многу борба и труд стекнува огромно богатство и станува најбогатиот човек во Филаделфија, откако засекогаш ја напушта својага татковина и се преселува во САД.
Неговата ќерка Алма е исклучително интелигентна и надарена ботаничарка. Но, таа е љубопитна и за многу други работи од кои најпрво де срами, но почнува повеќе да се истражува себеси. Така таа се заљубува во уметникот Амброуз Пајк, но наскоро сфаќа дека животот и предвидел многу препреки, но тие препреки ја туркаат да патува до најдалечните познати краишта на светот.
Ова е книга која има свои мани, но истовремено и ве води во непознати светски краишта и ќе ви отргне мислите од сè.
„Море од спомени“ – Фиона Валпи

Издавачка куќа: КУЛТУРА
Опис: Уште една книга чие главно дејство е сместено во Втората светска војна, но на сосема различна локација и во малку поинаков правец. Како и во првата препорака, така и во оваа, дејството се движи меѓу сегашноста и минатото.
Кендра не ја гледа често својата баба Ела, бидејќи односите на баба ѝ и мајка ѝ не се баш најдобри. Сепак кога баба ѝ ја замолува да ја напише приказната на својот живот и младост, Кендра нема срце да ја одбие. Па така, преку сведоштвата на баба ѝ како и нејзините писма, таа ја дознава трогателната вистина.
Во 1937 година, седумнаесетгодишната Ела оди на летување на мал француски остров и се среќава со харизматичниот Кристоф, син на пријатели на нејзините родители. Таа оди таму за да научи француски јазик, но открива еден нов свет, светот на првата и вистинската љубов. Кристоф сака да стане познат уметник, а Ела ја планира својата иднина со него. Но, со почетокот на Втората светска, сите планови се превртуваат наопачки. Ела се враќа во Шкотска, каде волонтира за воените сили, а Кристофер оди да се бори на военото поле.
Дали љубовта навистина може да победи и надмине сè?
