Со оглед на тоа што во тек е Саемот на книга, денешната објава ќе биде посветена на неколку предлози за читање, кои би можеле да ја освежат вашата домашна библиотека. Се работи за книги кои се историски драми, книги кои се сместени во одреден временски период во историјата и за време на одредени историски настани и врз нив се гради одредена приказна која вклучува измислени ликови. Некогаш се случува да се работи и за вистински ликови, но приказната да биде плод на фантазијата на авторите, односно начинот на кој тие замислуваат дека би можела да се случи.
Овој жанр добива сè поголема популарност и голем број на бестселери се токму од редот на овој жанр.
За денес издвоив неколку популарни книги кои можеби веќе сте ги прочитале или пак можеби сте чуле, но сè уште не ви паднале во рака.
1. „Мемоари на една гејша“ – Артур Голден

~ „Во храмот има една поема изрезбана во каменот и се вика „Загуба“. Има три зборови, но поетот ги изгребал и избришал. Не можеш да ја прочиташ загубата, можеш само да ја почувствуваш.“ ~
Ова дебитантско дело на Артур Голден направи вистински бум во светот на книжевноста, а излезе дури и филм на основа на книгата. Случувањата во ова дело на Голден се сместени пред и по Втората светска војна и ја раскажуваат приказната на една од најславните јапонски гејши. Во оваа книга влегуваме во свет во кој изгледот е најважен, каде невиноста на девојките е ставена на аукција за тој што ќе понуди највеќе, каде жените се обучени да ги заведат најмоќните мажи. Прекрасна книга која ќе направи времето да летне и да заборавите на реалниот свет околу вас…
Македонското издание на книгата е на издавачката куќа ТРИ.
2. „Крадачката на книги“ – Марк Зусак

~ „Како и повеќето мизерии и оваа почна со очигледна среќа.“ ~
Оваа прекрасна и потресна приказна за судбината на девојчето Лизел која живее со семејството кое ја посвојува и со кое живее на улицата Химел, откако брат ѝ умира додека ги пренесуваат кај новото семејство. Приказната се случува за време на Втората светска војна. Лизел особено се приврзува кон нејзиниот потатко.
Таа го запознава и Руди кој станува нејзиниот најдобар пријател со кого заедно запаѓаат во неволји, но и заедно играат на улиците. Руди има коса со боја на лимон и сака да стане новиот Џеси Џејмс. Макс, еврејскиот боксер, се крие во нивната визба и заедно со Лизел ја делат љубовта кон зборовите. Макс е синот на човекот кој му го спасил животот на потаткото на Лизел и кој се заколнал дека кога би имал можност би направил сè да му помогне. Она што ја прави уште поемотивна оваа книга е тоа што нејзин наратор е Смртта.
Книга за периодот на ужасната, крвава, трагична војна која на сите им донесе само зло. Приказна за животите на луѓето во време на војна и како тие се испреплетуваат. Нема шанси да ве остави рамнодушни, нема шанси да не ве допре оваа. Сигурно ќе ги сакате сите ликови во неа, кои се посебни и уникатни на свој начин.
Македонското издание на оваа книга е на издавачката куќа САКАМ КНИГИ.
3. „Името на розата“ – Умберто Еко

~ „Книгите не се создадени за да им се верува, туку за да бидат подложени на истага. Кога размислуваме за некоја книга, не треба да се прашуваме што пишува, туку што кажува… ” ~
Дејството се случува во 1327 година. Седум поглавја за седум дена истрага за мистериозните убиства во еден италијански манастир далеку од главните патишта. Како што се заплеткува истрагата, така се откриваат уште помрачни работи, тајни и мистериозни ситуации кои ќе ве наежат и ќе направат да не можете да ја пуштите книгата од рака. Еден свештеник ќе направи сè за да ја открие вистината. Собира докази, дешифрира тајни симболи и кодирани скрипти.
Еден од најкултните романи на 20- век кој и до ден денес не престанува да воодушевува. Немојте ни за миг да се двоумите околу оваа книга. Ова е една од книгите која секој човек треба да ја има во домашната библиотека.
Македонското издание е на издавачката куќа АРС ЛИБРИС.
4. „Мадам Тисо“ – Мишел Моран

~ „Понекогаш, кралевите и кралиците не се оние кои ја создаваат фасцинантната историја, туку луѓето во сенка кои ќе се најдат на правото место, во правото време.“ ~
Доколку сте љубители на историските драми, оваа книга е вистински погодок за вас. Втемелена на вистински ликови, ова дело ќе ве тера постојано да го читате. Мадам Тисо, која денес сите ја знаеме благодарејќи на восочните музеи е централниот лик во оваа книга. Марија Гросхолц се преселува кај вујко ѝ Куртис, кој е сопственик на восочен музеј. На тој начин, Марија се запознава со светот на восочните фигури и открива дека е многу добра во тоа што го прави.
Со цел таа да привлече повеќе посетители и да го направи музејот поатрактивен, создава колекција на восочни фигури инспирирани од кралското семејство. Еден ден, целото кралско семејство доаѓа да го посети музејот ѝ нудат да биде туторка на мадам Елизабет, сестрата на Луј IX. Таа има можност од прва рака да го искуси луксузниот Версај.
Во меѓувреме, револуцијата се наближува, луѓето сè повеќе и повеќе гладуваат, а Марија Антоанета е сè поомразена помеѓу јавноста и постојано излегуваат озборувања за неа.
Кога ќе почне револуцијата, Марија прави сè за да може да преживее. Тука е целото нејзино семејство кое се обидува да остане смирено, но таа со свои очи ги гледа сите злосторства и страдања кои ретко кој човек може да ги поднесе.
Изданието на македонски јазик е на издавачката куќа МАТИЦА.
5. „Девојката со бисерна обетка“ – Трејси Шевалие

~ „Тој ги гледаше работите на начин на кој другите не можеа да видат, па така градот во којшто живеев цел живот изгледаше како поинакво место, а жената можеше да стане прекрасна со светлината на нејзиното лице.“ ~
„Девојката со бисерна обетка“ е многу популарна слика од холандскиот уметник Јоханес Вермер, која до ден денес е предмет на различни шпекулации, со оглед на тоа што девојката од сликата е непозната и има многу теории за тоа која била таа, но ниту една не е потврдена. Трејси Шевалие во својата книга и дава една нова перспектива, на начин на кој таа го замислува.
16-годишната Грит, по несреќата која го остава татко ѝ слеп, оди да работи како слугинка во семејството на сликарот. Таму се соочува со љубоморната сопруга која секоја година е трудна со ново дете, со размазената ќерка која постојано ја саботира, со строгата мајка на сопругата и со слугинката на нејзината мајка која ја учи како се работи.
Таа е задолжена да го чисти неговото ателје, да внимава ништо да не помести. Со текот на времето, тој почнува да ѝ доверува дел од својата работа и често се консултира со неа. Кога еден од неговите клиенти ѝ го фрла окото на Грит, таа се обидува да го избегнува колку што е можно повеќе, додека сè повеќе чувствува поврзаност со својот господар. Богатиот расипник нарачува посебна слика само од неа, додека постојано ја напаѓа каде и да стигне. Од друга страна, синот на семејниот месар отворено ги покажува своите симпатии кон Грит, додека таа не е сигурна околу сето тоа.
Интересна книга, одлична за со вашето попадневно кафе.
Македонското издание на книгата е на издавачкиот центар ТРИ.
