Џон Милтон, познатиот англиски поет и интелектуалец, е најпознат по неговата епска поема „Изгубениот рај“. Џон Милтон се смета за најзначајниот англиски писател по Вилијам Шекспир. Неговиот еп „Изгубениот рај“, неговата класична трагедија „Самсон Агонист“ и неговата пасторална елегија „Ликида“ нашироко се сметаат за најважните поеми на англиски јазик.
(Слика на која е прикажан Џон Милтон како им ја диктира поемата „Изгубениот рај“ на своите ќерки. Извор: BBC)
Тој се родил на 9 декември 1608 година во Лондон, Англија, а негови родители биле Џон Милтон и Сара Џефри. Тој бил второто дете на неговите родители и имал една постара сестра, Ен Милтон и еден помал брат, Кристофер Милтон. Неговиот татко бил композитор кој ја поттикнувал креативноста на неговиот син и морал да се пресели во Лондон откако неговиот татко, побожен католик, го отфрлил бидејќи станал протестант.
Џон Милтон најпрво се школувал дома и имал тутор по име Томас Јанг. Кога имал околу 11 години, Џон Милтон се запишал во училиштето „Сент Пол“ во Лондон. Тој бил извонреден студент и многу добро му оделе предметите по грчки, латински, хебрејски и италијански јазик, а уште на 15 години почнал да пишува свои сопствени есеи и размислувања. Тој дополнително ги изострил своите реторички вештини на колеџот Крист на универзитетот „Кембриџ“ каде дипломирал во 1629 година. Иако ова биле клучни години за младиот човек, тој често се тепал со други студенти, па дури и со тутори и учители. Во 1632 година се стекнал со својата магистерска диплома по уметност.
По дипломирањето, Џон Милтон отишол на патување низ Европа. Тој посетил неколку земји и поголемиот дел од своето време го поминал во Франција во Италија. Тој, исто така, се сретнал и со влијателни уметници како Галилео Галилеј, кој бил еден од оние што често ги спомнувал дека извршиле големо влијание врз него, па дури е споменат и во „Изгубениот рај“.
Милтон бил длабоко вклучен во политиката на неговото време. Тој бил поддржувач на пуританската кауза и служел како државен службеник за Комонвелтот под водство на Оливер Кромвел. Всушност, по Англиската граѓанска војна, Џон Милтон бил назначен за секретар за странски јазици, што вклучувало пишување официјална државна кореспонденција на латински јазик, како и пропаганда. Тој останал на својата позиција сè додека лордот генерал Оливер Кромвел не умрел во 1669 година, кога бил принуден да се крие поради налогот објавен за негово апсење, а поголемиот дел од неговите списи биле изгорени. Тој излегол од скривницата откако му било издадено општо помилување, но сепак бил во затвор сè додека не се вмешале неколку влијателни пријатели.

(Извор: Британика)
Тој напишал памфлети во кои се залагал за егзекуција на кралот Чарлс I, но и опширно пишувал за прашања како што се разводот, слободата на говорот и верската толеранција. Неговиот памфлет „Ареопагитика“ (1644) е текст во кој тој се залага за слободно изразување, а ја поддржал легализацијата на разводот и полигамијата во теолошката теза „De Doctrina Christiana“.
Милтон целосно ослепел во неговите подоцнежни години, некаде околу 1652 година, на четириесет и три години. И покрај тоа, тој продолжил да пишува диктирајќи ги своите дела на асистентите. Неговото слепило влијаело на темите на загубата и видот во неговата поезија. Всушност, токму во овој предизвикувачки период тој го напишал своето ремек-дело „Изгубениот рај“, еп од дванаесет книги, кој опфаќа над 10.000 редови. Неговата издржливост и решителност се навистина инспиративни.
Покрај неговите познати дела, Милтон напишал неколку помалку познати дела, вклучително и „Причината за црковната влада“, која е расправа против епископската власт и „Трактат за граѓанската моќ“, залагајќи се за одвојување на црквата од државата.
Милтон имал бурен приватен живот. Тој имал три брака, а неговите врски често биле затегнати. Неговиот прв брак со Мери Пауел завршил со разделба, а тој се соочил со значителни предизвици со своите ќерки, особено со нивното образование и воспитување. Тој имал вкупно пет деца, четири од децата што ги имал биле со првата сопруга Мери Пауел. Имал и едно дете со втората сопруга Кетрин Вудкок.
Џон Милтон имал 65 години кога починал. Починал на 8 ноември 1674 година во Лондон, каде е и погребан. Теориите претпоставуваат дека починал или од туберкулоза или од гихт.
Книжевно наследство и влијание
Влијанието на Милтон се протега надвор од поезијата. Неговите дела инспирирале безброј писатели, па дури и модерни автори. Неговите сложени карактеризации на сатаната во „Изгубениот рај“ доведоа до различни толкувања и адаптации во литературата и популарната култура. Делата на Милтон, особено „Изгубениот рај“, предизвикувале и сè уште предизвикуваат дебата за нивните теолошки импликации и морални прашања. Неговото прикажување на сатаната како харизматична и трагична фигура доведе до различни толкувања на доброто и злото. Во текот на 18 и 19 век, Џон Милтон се сметал за супериорен во однос на сите англиски поети, вклучувајќи го и Вилијам Шекспир.

