Говор на Курт Вонегат за неговото семејство, пишувањето, уметноста…

На 11 ноември 1922 година се родил познатиот американски писател Курт Вонегат. Во негова чест, денес на блогот имате можност да погледнете, прочитате и чуете едно предавање на Курт Вонегат. Во ноември 1970 година, Курт Вонегат влегол во амфитеатар на Универзитетот во Њујорк. Тој бил гостин-предавач. Тој подготвил неколку белешки за тоа што сака да каже кога станува збор за уметноста на пишувањето, неговото детство и смртта на неговите родители.

Го напуштив Индијанаполис веднаш по мојот пубертет. Кога одев во средно училиште во Индијанаполис, научив како да одам наоколу и да изгледам силен и опасен, затоа што сите мораа да го прават тоа и јас излегов во Индијанаполис затоа што повремено излегувам таму и сите сè уште го прават тоа: одат наоколу и се однесуваат многу „силно“. Затоа што, нели, нешто може да се случи.

Мене ме порасна црна слугинка по име Ида Јанг. Најверојатно зборував повеќе со неа отколку со кој било друг, па така сè што беше чудно во врска со мене, најверојатно беше чудно и во врска со неа, барем така мислам, бидејќи со нејзе поминував повеќе време отколку со моите родители. И сега ќе споделам еден поинтимен дел, нешто што го чував како голема тајна и нешто за кое чувствував голема вина, а тоа е дека мајка ми беше луда при крајот на својот живот. Преку ден беше добра, сè додека не пробуваше некој да ја фотографира, додека пак, навечер имаше бизарни реакции, стануваше дива, ги пцуеше и бркаше луѓето и кршеше работи низ куќата. Тоа беше поради барбитратите, тие требаше да ја смируваат, но наместо тоа ѝ го претворија мозокот во пајажина. И реално не можам да ѝ се лутам на мајка ми, бидејќи навистина многу ја сожалував за она низ кое помина.

Пред неколку месеци отидов и ги видов гробовите на моите родители и почнав да плачам, а немав плачено многу долго време. А плачев затоа што посакував моите родители да беа посреќни отколку што беа, иако мислам дека тоа е глупава работа, затоа што мислам дека родителите веројатно се многу посреќни отколку што мислат дека се. Се сеќавам дека по смртта на мајка ми, еднаш го прашав татко ми за тоа кој бил најсреќниот ден во неговиот брак. И тој ми кажа дека имале еден стар автомобил и една недела провалиле на тркачка патека во Индијанаполис и си се возеле наоколу.

Имам чуено дека писателот има среќа затоа што се исцелува себеси секој ден преку своето пишување. Но, она што секој го добива како совет е да не пишува за својот живот. Ова го зборувам за оние што сакаат да пишуваат брзо. Секако ќе пишувате за вашиот живот, но нема да го знаете тоа. И штосот е во тоа што за да можете да седите цел ден сами и да пишувате, морате да бидете малку драматични и да седите, да го правите она што го прават параноиците – да спојувате знаци, да ги правите да си одговараат.

Еве да го земам фактот што ме ставија во соба 471 и да се прашам што значи тоа. Е па всушност, ништо нема значење, но уметникот заработува за живот со тоа што се преправа и ги става работите во значајна дупка, иако не постојат такви дупки, а истовремено ви треба енергија и за паранојата. Мора постојано да бидете многу загрижени и потајно полни со омраза.

Јас сега сум постар од Џорџ Орвел кога тој починал. Наскоро ќе бидам и постар од Џек Керуак кога тој починал. Како и да е, се прашував зошто сите овие луѓе се убиле себеси и мислам дека писателите, креативните писатели, се во процес на создавање, тие стануваат човештво. Тоа е како да посегнете во устата на студентот и да фатите парче хартија залепена на задниот дел од устата без да бидете гризнати и да видите што е напишано на неа и да продолжите да ја вадите, а и самата личност нема поим што има на таа хартија. И мислам дека тоа со време станува истоштувачка работа. И всушност тоа е тоа. Многу луѓе едноставно одбиваат да продолжат да го прават тоа и станува премногу непријатно.

Напишав една приказна „Big Space Fuck” што зборува за крајот на светот. Сè што е останато на земјата се змиулки и луѓе. И тие се претвораат во човекојадни змиулки. Вселенската програма создала огромен вселенски брод и сега надежта е дека човештвото ќе продолжи да живее некаде на друго место. Има голема боева глава која е полна со сперма. И ја лансираат ракетата надевајќи се дека ќе погодат нешто…

Колку се важни моите книги, или чии било книги, не знам. Мислам дека не се којзнае колку важни. Мислам дека им создаваат задоволство на луѓето додека ги читаат. И тоа значи нешто, значи тоа да се грижиш за некого макар и за неколку часа. Секогаш ќе има магични забавувачи што ќе им даваат утеха на луѓето за време на приказната за Јов, какви што се приказните на сите наши животи. И поради оваа причина јас ја возвишувам и ја почитувам својата професија. Ние сме забавувачи. Не правиме многу, но сепак правиме нешто.

Во продолжение погледнете го одличното анимирано видео:

Leave a comment