Викендов ќе има два настани во чест на Игор Исаковски!

Игор Исаковски беше еден од најсестраните македонски писатели, преведувач и основач на издавачката куќа „Блесок“. Истоименото електронско списание „Блесок“ е едно од најстарите електронски списанија за култура во Европа. Во неговиот кус животен век тој објави повеќе збирки, а во негов превод беа објавени околу 60 книги на македонски јазик, а дополнително беше уредник и на неколку антологии. За жал, тој нè напушти на 15 декември 2014 година и по повод десетгодишнината од неговата прерана смрт, викендов се организираат два настани во негов чест.

Првиот настан ќе се одржи на 14 декември во 18:00 часот, во Кинотеката на Македонија каде ќе се прикаже краткиот документарен филм „Брод тргнат кон немерливото“. 

Вториот настан насловен како „Игор Исаковски: Ти пишувам од сржта на тишината“ ќе се одржи на 15 декември, токму на годишнината од неговата смрт, со почеток од 17 часот во „Лабораториум“. На настанот ќе се слави неговото творештво и живот, а ќе има и поетски читања од: Јовица Ивановски, Тихомир Јанчовски, Александра Димитрова, Елизабета Шелева, Сузана Спасовска, Џабир Дерала, Ана Голејшка Џикова, Билјана Црвенковска, Никола Гелевски, Ива Петреска, Бранислав Николов, Илинка Делчева, Ѓоко Здравевски, Владимир Мартиновски, Марко Кочишки, Биљана Стојановска, Славица Диневска, Тони Димков, Павлина Атанасова, Елизабета Баковска, Љупчо Јолевски, Ненад Стевовиќ, Долорес Атанасова-Лори, Ана Зафирова…

Како што е наведено во официјалниот настан на Фејсбук, „Животот е краток, но уметноста е бескрајна. На Игор животот сосема добро му прилегаше, но бесмртноста му прилега уште подобро.“

Одлична можност да се испочитува ликот и делото на Исаковски, имате можност да отидете на еден, а зошто да не и двата настани?

Leave a comment