Драги читатели и читателки,
Кога на 4 март 2015 година седнав пред мојот компјутер и решив да го започнам блогот, верував дека тоа ќе биде само едно мало катче, разонода за моето слободно време, придружено со слики од кафиња и книги. Но, со текот на времето, блогот зема свој сопствен живот, како што добивав повеќе искуство во блогирањето, така почнував да отворам нови рубрики и да се охрабрувам почесто да пишувам нешто автентично мое, мои анализи и гледишта, но и да пренесам интересни и постручни анализи од вистински книжевни критичари, академици и експерти, но кои не беа достапни на македонски јазик.

И кога го гледам денешниот датум, 4 март 2025 година, не ми се верува дека стигнав до првиот поголем јублеј, а тоа се 10 години активно создавање содржини поврзани со книжевноста, книгите и авторите. Цела деценија се трудам мојата љубов кон книгите да ја преточам во нешто креативно и да придонесам кон создавање на повеќе содржини за книжевност и книги на македонски јазик, но и воедно да приближувам повеќе изданија на македонски јазик од сите наши издавачки куќи, бидејќи иако сме навистина мал книжевен пазар, сепак постојат многу ентузијасти и професионалци што се трудат да ни донесат повеќе книги на македонски јазик, вклучително и со добри и квалитетни преводи и изданија. Во овие десет години се трудев што почесто да пишувам и за домашните автори и авторки кои исто така заслужуваат поголема јавна поддршка и промоција, а и секако тука сум за да потсетам и на старите добри македонски класици, и прозни и поетски.
Во овие 10 години, блогот беше прегледан 733,437 пати од 463,080 посетители, а досега беа објавени 1878 текстови. И не можам со доволно добри зборови да ја искажам мојата благодарност што го читате овој блог, што си наоѓате содржини по ваш вкус, а се надевам успевате и да најдете интересни четива за читање или да се инспирирате од нив.

Секако, блогот не е совршен и секако работите може да се подобруваат, но сакам да гледам на него како организам што се развива и станува подобар и се надевам дека и содржините и рубриките ќе се зголемуваат во текот на годините што следуваат.
Една деценија е навистина долг период и во тие години се случија многу работи, меѓу кои и КОВИД пандемијата и да не заборавиме дека книгите беа тука да ни дадат поддршка во тие тешки и неизвесни времиња. Книгите се наши најверни пријатели, секогаш се тука со нас и за нас, а имаат моќ да нè пренесат во многу поубави предели и светови што ни помагаат да го заборавиме овој свет кој често носи многу тага и страдање.
И како што налага традицијата, во продолжение прочитајте кои се најчитаните текстови од самиот почеток на блогот, но и најчитаните текстови за изминатата година.
Топ 10 најчитани објави за овие десет години
- Македонска поезија: „Очи“ од Ацо Шопов
- „Злосторство и казна“: Кратка анализа на едно од најпознатите дела на Достоевски!
- Неколку факти за „Гарванот“ на Едгар Алан По!
- Трагедијата на големата љубов на Ана Каренина: Не можеше без него, не умееше со него!
- Македонска поезија: „Цветови“ од Славко Јаневски!
- Вистинското куче кое било инспирација за „Повикот на дивината“ на Џек Лондон…
- Мобилни апликации кои ви овозможуваат читање книги на македонски јазик!
- IN MEMORIAM: Најубавите мисли на Горан Стефановски!
- Македонска поезија: „Елегии за тебе“ од Кочо Рацин!
- Македонска поезија: „Ако не си ти“ од Петре М. Андреевски!
Топ 10 најчитани за периодот 4 март 2024 – 4 март 2025 година:
- Мобилни апликации кои ви овозможуваат читање книги на македонски јазик!
- „Злосторство и казна“: Кратка анализа на едно од најпознатите дела на Достоевски!
- „Чекајќи го Годо“: Помеѓу надежта и ништожноста…
- Книга на есента: „Кандид“ на Волтер!
- Македонска поезија: „Цветови“ од Славко Јаневски!
- Македонска поезија: „Очи“ од Ацо Шопов
- Трагедијата на големата љубов на Ана Каренина: Не можеше без него, не умееше со него!
- Македонска поезија: „Во тишина“ од Ацо Шопов!
- Македонска поезија: „Елегии за тебе“ од Кочо Рацин!
- Што треба да знаете за „Дневникот на Ана Франк“?
Не би сакала да должам многу, само сакав со ова отворено писмо да го одбележам овој убав јубилеј и од сè срце да ви се заблагодарам на сите оние што ме читате и сериозно ја сфаќам и почитувам читаноста и секој клик, секоја забелешка и секој коментар. Се надевам дека ќе се читаме уште многу долги години.
Се чувствувам како доволно да не ги изразив сите емоции што ги чувствувам за овој голем јубилеј, но сум забележала дека некогаш за најголемите емоции, зборовите се целосно излишни и не можат навистина да го доловат она што човек го чувствува.
Среќен роденден Кафе и книги!
Ви посакувам уште многу убави прочитани книги и вкусни топли напитоци што ќе одат совршено со читањето.
Срдечен читателски поздрав,
М.
