На 19 февруари се одржа 28-то издание на манифестацијата „Златна Бубамара на популарноста“ која традиционално е спој на доделување на награди за оние што оставиле печат во македонската уметност (музика, спорт, забава, театар, книжевност, итн.) и шоу со хумор, уметност и музика. Снимката од „Златна Бубамара на популарноста“ беше премиерно прикажана вчера, на 2 март, на телевизијата „Канал 5“.

(фото: Јован Ангелески
извор: официјалната страница на Златна Бубамара на популарноста на Фејсбук)
Како и секоја година, македонската легенда и шоумен Игор Џамбазов и оваа година имаше своја точка и настап. Минатата година ги воодушеви сите со својата интерпретација на „Т’га за југ“, па и оваа година се одлучи за традиционална и моќна македонска поезија и стихови, и ја рецитираше „Тешкото“ од Блаже Конески.
Дополнето со одличниот настап на Универзитетскиот ансамбл „Македонија“, Џамбазов изведе неверојатно моќно и емотивно рецитирање на „Тешкото“. Целиот настап, дополнет со звуците и кореографијата на „Тешкото“, како и целокупнат сценографија, создадоа точка која предизвикува морници.

(извор: официјалната страница на Златна Бубамара на популарноста на Фејсбук)
За секоја пофалба е тоа што македонската поезија сè повеќе добива внимение на културните манифестации, особено „Златна бубамара“, која е најгледаната и најпопуларната. Инаку, покрај Џамбазов, Тихомир Јанчовски ја доби наградата за писател на годината и во неговиот говор тој исто така рецитираше стихови на Блаже Конески, од неговата песна „Разделба“!
Да продолжиме да ја оживуваме и популаризираме македонската поезија!
Во продолжение погледнете ја прекрасната изведба на Игор Џамбазов и Универзитетскиот ансамбл „Македонија“.
