Театарот е една од најврвните форми на уметност и често оди и рака под рака со книжевноста. Македонија има одлични театри кои имаат прекрасен и разновиден репертоар за сечиј вкус. Пред некое време објавив листа со препораки за одлични претстави што сметав дека особено би им се допаднале на љубителите на книги, а денес објавувам уште една таква листа со препораки. Првичната намера ми беше да го објавам текстот на 27 март – Светскиот ден на театарот, но со оглед на огромната трагедија во Кочани, не се чувствував доволно добро за да пишувам и објавувам во тие денови.
Па така, во продолжение прочитајте три препораки за претстави, кои овојпат, сосема случајно, се погоди сите да бидат од репертоарот на Македонски народен театар.

(извор на сликата: „Македонски народен театар“)
„Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ е една безвременска претстава која и после цел еден век сè уште делува толку свежо и релевантно и делува како да е напишана денес. Она што ги прави уметничките дела безвременски, се темите што ги обработуваат, заедно со човековата природа, која се чини дека и покрај некои нијанси, многу малку се менува.
Дејството на претставата се врти околу Јеврем Прокиќ, кој поседува некаков мал бизнис во местото во кое живее и одеднаш добива амбиција да се кандидира за народен пратеник, иако реално нема поим како се води една кампања, ниту пак има искуство и знаење за таа позиција. Негов главен противкандидат е Ивковиќ, вереник на неговата ќерка, што секако ги затегнува семејните односи, особено бидејќи Прокиќ е заедно со власта, а Ивковиќ е дел од опозицијата.
Целото дејство е совршено поставено и одлично го прикажува конфликтот и разорното дејство на калкулантската политика, пред сè на микро ниво – внатре во семејството, а дополнително и како тоа влијае и на непосредната околина, а потоа и на целата заедница. Гледаме нечесни методи, непознавање, оцрнување, алчност и болна амбициозност да се стекне моќ, дури ако и тоа не е заслужено, дури и по цена да се наштети и на најблиските.
Одлична, неверојатна и навистина многу релеавантна претстава, поставува еден куп морални и етички прашања. Преку хумор и сатира ги исмејува алчните и неподобните, оние што би „газеле преку лешеви“ само за да добијат моќ, дури и кога е очигледно дека не се соодветни за таа позиција.
Она што ме воодушевува кај оваа е претстава е што Нушиќ ја напишал кога имал само 19 години и бил толку прониклив и бистар што веднаш ги забележал сите негативни појави во политиката уште при крајот на 19 век, и речиси секоја од нив и денес е силно втемелена и во општестото, па и пошироко во светот. Инаку, првата поставка на „Народен пратеник“ во Македонија премиерно е изведена на 8 мај 1945 во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ, што ја прави оваа претстава уште позначајна.
Дополнително, морам да упатам и честитки и огромна пофалба за актерскиот тим составен од Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска, кои се феноменални во секој поглед и ја издигнуваат претставата на едно многу повисоко ниво, а за секоја почит и пофалба е и режисерот Егон Савин, но и секако пофалби и комплименти за сите вклучени во создавањето на претставата.
Одлична претстава и топла препорака!

(извор на сликата: „Македонски народен театар“)
Горан Стефановски со право се смета за „македонскиот Шекспир“ и на некој начин и основоположник на македонската модерна драматургија. Иако го загубивме во 2017 година, радува што во последниве години има наплив од интерес за неговите драми. Неколку негови собрани дела, „Избрани драми 1“ и „Избрани драми 2“, веќе беа објавени во издание на „Полица“, имаше и претстава во Драмскиот театар насловена „My Nаme Is Gorаn Stefаnovski”, се исцрта мурал и се постави негова статуа во Дебар маало, а сега има уште една претстава со колаж од негови дела, наречена „Замисли нов свет“, која всушност е дел од кампањата на „Телеком“, насловена како „Направи место“, и е во соработка со Македонскиот народен театар.
„Замисли нов свет“ е една прекрасна и шармантна претстава која ќе ви остави многу убаво чувство откако ќе излезете од театарот. Ќе ве замисли, ќе ве насмее, ќе ве трогне. Оваа претстава е колаж од седум дела на Горан Стефановски, меѓу кои и „Лет во место“, „Диво месо“, „Тетовирани души“, итн. Сите тие се одлично испреплетени и се надоврзуваат и надополнуваат и на крај сето тоа одлично се поврзува и со последната сцена по која сите добиваме мотивација да замислиме еден подобар свет кој сите заедно и можеме да го изградиме.
Иновативна, шармантна, на крилјата на младоста, едноставно е прекрасно да се види како оние легендарни дијалози што веќе наизуст ги знаеме оживуваат на сцената, каде впрочем им е местото. „My Nаme is Gorаn Stefаnovski“, која исто така беше претстава составена од колаж од претстави на Горан Стефановски, како и „Замисли нов свет“, само докажуваат дека македонската публика има желба и потреба за драмите на Горан, има силен интерес и дека во иднина треба да се размислува неговите целосни претстави исто така да бидат дел од редовниот репертоар на нашите театри.
Режисерката Нела Витошевиќ завршила одлична работа да ги обмисли и постави контурите на претставата, вклучително и со вметнувањето на поткастот како медиум, кој е нов и претежно атрактивен за младите, што ја прави претставата и блиска до помладите, а и актерската екипа, составена од Игор Ангелов, Верица Недевска, Дамјан Цветановски, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски, е целосно на висината на задачата и одлично ги оживуваат толку познатите и сакани ликови од драмите на Горан.

(извор на сликата: „Македонски народен театар“)
„Торонто експрес“ е една многу симпатична и интересна монодрама, направена врз основа на есеите „Т’ибам Штркот“ и книгата „Toронто експрес“ на Зоран Спасов Ѕоф. Александар Микиќ е одличен во неговата улога на Македонец, иселеник во Канада, кој доаѓа во Македонија за да одржи предавање за агенција која посредува за иселенички визи во Канада, а ние публиката сме всушност луѓето што дошле на презентација, така што всушност тој нам ни зборува за предностите од селењето во Канада.
Целата тематика е многу интересна, на комичен начин ни ги претставува предизвиците од селењето во целосно непозната земја, за тоа како човек треба да се снајде, за разликите меѓу Канада и Македонија. Додека ја гледате претставата сигурно многу ќе се смеете и ќе се пронајдете во некои делови, особено за нашиот менталитет, но и на крајот ќе останете замислени за целата таа тематика: за потребата од селењето и барањето подобар живот во друга држава, за проблемите со кои секојдневно се соочуваме, барем оние кои останавме во Македонија и како сето тоа се доживува низ призмата на еден иселеник.
Ми остана во глава дури и помислата дека на некој начин, оној што си заминал секогаш е некако како растргнат помеѓу два света: едниот што го напуштил и другиот што го прифатил за свој. И секогаш ќе се чувствува растргнат меѓу двата дома. И како што порачува претставата на самиот крај: „Домот е онаму каде ти стигнуваат сметките“.
Режијата е на Јордан Симеонов, а како што веќе реков, Микиќ е одличен во неговата улога и самата приказна можете да ја прочитате во книгата „Торонто експрес“ во издание на „Арс Ламина“. Темата е актуелна и обработена на многу интересен начин!
