Дојде април, пролетта веќе е пристигната, иако морам да признаам со многу дождови. Но, јас сакам дожд, така што и не ми пречи, а впрочем дождливи денови ми се и најубави за читање.
Март беше многу тежок месец со трагедијата во Кочани во која животот го изгубија 59 лица, а дополнително почина и Илчо Гочевски, возачот на Прва помош, кој од стресот од таа кобна вечер, исто така го загуби животот. Март беше тажен и многу мрачен месец и на моменти ми беше навистина тешко да се вратам на секојдневието, но тука за среќа беа книгите кои малку од малку ми даваа јасност во овој нејасен свет.
Уште еднаш би сакала да изразам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на сите загинати, а а на повредените им посакувам брзо закрепнување.
Во продолжение прочитајте ги препораките за читање составени од книгите што најмногу ми се бендисаа во март.
„Градење држава: Управувањето и светскиот поредок во 21 век“ – Францис Фукујама
Издавачка куќа: СЛОВО
Оцена: 4.5/5
Осврт: Францис Фукујама е еден од најпознатите современи политиколози и политички аналитичари, најпознат по неговото дело и теорија за крајот на историјата, кое по околу три децении откако е објавено уште предизикува дебати во светот на политиката и политичките науки.
Доколку ве интересираат општествено-политичките теми во малку поширок и потеоретски контекст, но не во поглед на дневна политика, онаа што секојдневно ја конзумираме, туку како филозофија која анализира различни модели на управувње, геополитика, државност и слично, ова е одлична книга за вас.
Фукујама во оваа куса книга ја анализира државата како концепт во 21 век, односно што значи слаба наспроти силна држава и како и слабите и сиромашни држави можат негативно да влијаат на безбедноста во светот и да започнат или да влијаат на цел синџир на процеси што може да извршат влијание врз глобалната политика. Тој анализира што е тоа слаба држава низ призмата на слабите институции и слабото менаџирање на јавната администрација и кои текови и трендови можат да влијаат кон зацврстување (или дополнително ослабување) на државите.
Иако оваа книга е објавена поодамна, сепак може да се каже дека е многу релевантна за времињата во кои живееме, и истовремено е куса и се чита лесно и брзо, бидејќи и стилот на пишување ве тера да продолжите со читање и притоа користи многу примери за да ја објасни својата анализа и теории. Како и со сите книги од овој тип, со некои работи човек ќе се сложи, со некои не – но убавината е што секогаш поттикнуваат размислување и дебата за светот во кој живееме.
„Првата леди Четерли“ – Д. Х. Лоренс
Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Ова е еден од поголемите класици на 20 век, роман што бил забрануван и цензуриран, Д. Х. Лоренс дури бил и изведен пред суд поради оваа книга. Оригиналниот наслов на книгата е „Љубовникот на леди Четерли“ и најверојатно ја знаете под ова име.
Дејството ја следи судбината на Констанс Четерли, млада девојка која уште на почетокот на својот брак се соочува со многу тешка судбина: нејзиниот сопруг е тешко повреден и останува парализиран, со што е невозможно тие двајца да имаат целосна (и емотивна и физичка врска). Констанс го сака Клифорд, се грижи за него, но и двајцата знаат дека таа е млада и полна со страст и дека големи се шансите таа да не се задоволи само со емотивна врска, без физичка страст. Набргу го забележува шумарот на имотот кој иако на почетокот ѝ е одбивен, наскоро ја открива неверојатната хемија што се создава меѓу нив и тие започнуваат врска.
Книгата на многу начини се фокусира на женската автономија да носи одлуки, жената како страсно битие што посакува страст и физичка љубов, не само да биде потчинета и тивко да ја прифаќа несреќната судбина. Но, овој роман обработува и други важни општествени теми, како разликата меѓу класите, снобизмот, економските разлики и општествените системи што ги поставуваат сите овие работи на начин кој секогаш е на штета на сиромашните.
„Подарокот од Хамболт“ – Сол Белоу

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 3.5/5
Осврт: Една од моите зацртани цели е да ги прочитам сите книги што ја добиле Пулицеровата награда за белетристика, па така месецов на ред дојде „Подарокот од Хамболт“ од Сол Белоу, роман што ја добил Пулицеровата награда во 1976 година.
Многу интересен и необичен роман, кој до некаде влече од сопствените искуства на Белоу со поетот Делмор Шварц, но и дава една поширока слика за САД и американското општество, особено односот на општеството кон уметноста и книжевноста, материјализмот и капитализмот наспроти вечните филозофски теми како животот, љубовта и смртта.
Нараторот и главен лик во романот е Чарлс Ситрин, сега во поодминати години, соочен со многу проблеми во својот живот, како развод и финансиски проблеми, започнува една поширока рефлексија за својот живот. Некогаш доживеал голем успех во уметничките кругови, наспроти неговиот ментор, поетот Фон Хамболт Флајшер, чија релевантност почнала да опаѓа кога Ситрин почнал да се искачува по скалилата на успехот.
Синтрин се потсетува како нивното кревко и бурно пријателство доживеало потрес поради оваа асиметричност, но и сето ова го поттикнува Ситрин да размислува за прашања како смртта, бесконечноста, материјализмот и насилството и улогата на културата во сето ова. Интересна и меланхолична книга, на моменти е бавна и бара внимание и фокус, но отвора многу интересни животни и филозофски прашања.
„Отец Сергиј“ – Лав Толстој

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 3/5
Осврт: Толстој се смета за еден од најголемите писатели на сите времиња. Тој е најпознат по негоите дела како „Војна и мир“ и „Ана Каренина“ кои се анализираат и се зборуваат и по толку време, но во својот опус тој има и дела кои денес можеби се малку подзаборавени од пошироката публика, но исто така се интересни и необични дела кои заслужуваат да бидат прочитани.
„Отец Сергиј“ е едно од тие куси дела што се читаат во еден здив, но обработуваат многу интересни теми и размислувања, проширени и со религиозната перспектива која секако му била важна на Толстој. Отец Сергиј на одреден начин е легенда, свештеник кој за брзо време стекнува еден вид на слава, многумина од разни краеви му доаѓаат на посета, но тоа прави да почне да се преиспитува и да почне да бара одговори, но ние претходно дознаваме кои се тие настани што довеле да стане свештеник и целото негово животно патешествие.
Толстој исто така со ова дело и навлегува во неколку интересни прашања, едно од нив и тоа, колку ги правиме нештата зошто треба да се прават, а колку за признанијата на другите?
„Господин неподнослив“ – Вај Киленд и Пенелопи Вард

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3/5
Осврт: И по мноштвото на сериозни и тематски тешки книги, а и со оглед на тежината на месец март и сè она што се случуваше со трагедијата во Кочани, во последните денови на март се одлучив за една романтична комедија, бидејќи ми беше потребно бегство од реалноста.
Шарлот е млада девојка која минува низ тежок период од животот, нејзината венчавка е откажана, нема стабилна работа и во принцип има чувство дека ништо не ѝ оди во животот и дека го има изгубено компасот. Во една продавница таа здогледува користена венчаница во која наоѓа нежна и романтична порака која ја трогнува и решава да ја купи. Една вечер, љубопитна за човекот што ја напишал таа белешка, решава малку да душка по социјални мрежи и го дознава неговото име и решава да стори нешто што никогаш инаку не би сторила. Но, кога го запознава Рид, тие започнуваат на погрешна нога, но како што романсите секогаш ни докажуваат, работите никогаш не се како што изгледаат на прв поглед.
Забавна, лесна и интересна книга, со интересни ликови и хумор, а начнува и неколку потешки теми, но тоа е сторено со стил и тактичност. Добра книга за бегство од реалност и овие дождливи попладниња.


