In Memoriam: Цане Андреевски (1930 – 2025) – „Пред огледалото“!

На официјалната страница на Друштвото на писателите на Македонија на социјалната мрежа Фејсбук, денес беше соопштено дека утрово во Скопје, во 95-та година од животот почина Цане Андреевски, прозаист и поет од постарата генерација македонски книжевни автори, кој со своето творештво ќе остане запаметен како „поетот на добрината“.

Тој се родил во 1930 г. во Кратово, каде завршил основно училиште, а потоа во Скопје го продолжил образованието на Учителска школа и Филозофски факултет. Како помлад новинар учествувал во уредување на списанија за деца и на весникот „Млад борец“, но најголемиот дел од својот работен век, сè до пензионирањето, го поминал во Радио Скопје, каде долги години бил уредник на Културната редакција и заменик директор.

(извор: Друштво на писателите на Македонија)

Меѓу неговите најпознати дела се збирките поезија „Сончева порака“ (1951), „Што има ново“ (1959), „Планета со петел“ (1976), „Шинато уво“ (1989); расказите за деца „Јаготки“ (1955), „Нашите први учители“ (1982), „Дарби“ (1990), „Белата мечка, синиот кит и другите“ (1998), „Малата голема точка“ (2005); од поезијата за возрасни: „Добрина“ (1956), „Свечености“ (1964), „Сребрен поток“ (1969), „Врски“ (1982). Во 2007 година стана еден од првите македонски поети кој се испроба и во хаику-поезијата преку збирката „Дождот“. Особено значаен се смета неговиот придонес преку биографските разговори со Блаже Конески и Илија Милчин.

Цане Андреевски е добитник на наградата „Кочо Рацин“, на РТВ Скопје на Струшките вечери на поезијата, како и на „Книжевен жезол“ во 2016 година.

Последна почит на Цане Андреевски ќе му се оддаде во понеделник, 7 јули, во капела на градските гробишта Бутел, од 10 до 10.30 часот.

Нека почива во мир и вечна му слава! Во продолжение ја читаме неговата песна „Пред огледалото“ од стихозбирката за деца „Планета со петел“ (1976).

Пред огледалото – Цане Андреевски

Ти немаш очи, а ме гледаш,
ме гледаш ти со мојот лик,
ти немаш стапки, а ме следиш
со мојот глас и мојот вик.
(Ова огледалце крие
какви ќе бидеме ние.)

Ти давам тебе еден насмев
а ти ми враќаш стопати,
ај така секогаш да растат
и твојот сјај и мојот лик!
(Ова огледалце крие
какви ќе бидеме ние.)

Leave a comment