Зошто сестрата на Џејн Остин ги уништила сите нејзини писма?

Џејн Остин е една од најголемите писателки на англиски јазик – но релативно малку се знае за неа. И тоа е делумно поради еден чин што разбеснува многумина до ден-денес, што е тема на новата телевизиска драма „Госпоѓица Остин“. Џејн Остин починала на 18 јули 1817 година и во нејзина чест, денес читаме еден интересен текст на Нил Армстронг за културната редакција на „Би-Би-Си“.

(Слика од Џејн и Касандра Остин од 1810 година/извор: Getty Images)

На почетокот на јануари 1796 година, 20-годишната Џејн Остин напишала озборувачко писмо до својата сакана постара сестра, Касандра. Џејн имала вести за тогашната љубов на Џејн, „многу џентлменски, убав, пријатен млад човек“. Том Лефрој бил ирски адвокат со кого Џејн танцувала на три балови. Таа разиграно ја поттикнала својата сестра: „Замисли си сè што е најрасипано и најшокантно во начинот на танцување и седнување заедно“.

Таа веќе со нетрпение ја очекувала нивната следна средба и повторно ѝ пишала на Касандра само неколку дена подоцна. Во ова писмо таа ѝ понудила на нивната пријателка Мери да ги има „сите мои други обожаватели“ бидејќи имала очи само за Том. Сепак, Том морал да ја напушти земјата и во истата белешка напишала: „На крајот дојде денот кога треба да флертувам за последен пат со Том Лефрој, а кога ќе го добиете ова ќе биде готово. Моите солзи течат додека пишувам за меланхоличната идеја“.

Овие писма, најраните писма на Џејн што ги имаме, укажуваат на енергична, флертувачка, духовита млада жена која ужива во забавите и танцувањето и вниманието на спротивниот пол. Тоа е живописна слика и уште поскапоцена затоа што преживеале толку малку писма на Џејн. Таа била живописна дописничка, се проценува дека напишала илјадници писма за време на нејзиниот живот, а сепак денес постојат само 160 од нив. Неколку години по смртта на Џејн во 1817 година од непозната болест, Касандра, на која нејзината сестра ѝ пишувала повеќето денови кога биле разделени, ги запалила речиси сите нејзини писма.

Овој потег ги збунил и разбеснил историчарите и биографите. Џејн Остин е една од најголемите писатели на англиски јазик, втора по Шекспир според мислењето на многумина. Нејзините шест романи – духовити и со психолошка длабочина, пионерски по форма и содржина – сè уште се многу популарни денес, како и многуте екранизациите на нејзините дела. Сепак, освен некои основни биографски факти, нема нешто многу информации за Џејн. Дали таа, како што се тврди, била таен радикал? Лезбијка? Отруена? Колку повеќе би знаеле за неа доколку Касандра, нејзината главна поддршка во животот и чуварка на нејзиниот спомен по нејзината смрт, ги сочувала нејзините писма? Кои тајни ги чувале поради кои Касандра мислела дека е најдобро да ги запали писмата?

Различните теории

Овој мистериозен чин на уништување на писмата се истражува во „Госпоѓица Остин“, нова телевизиска драма од четири епизоди заснована на истоимениот роман на Џил Хорнби, кој стана омилен и на публиката, но и на критичарите. Дејството во романот, но и во серијата, е сместено неколку години по смртта на Џејн, кога Касандра (Кили Хоус) оди во селото Кинтбери, во Беркшир, каде што живееле пријателите на семејството Остин, семејството Фаулови. Касандра наводно е таму за да ѝ помогне на Изабела Фаул (Роуз Лесли), чиј татко Фулвар умира. Сепак, ова е куќа во која има многу горчливо-слатки спомени за неа (во реалниот живот, ова е местото каде што таа престојувала кога Џејн ѝ пишувала за Том Лефрој), а таа има задна намера. Таа сака да врати некои писма напишани од покојната Џејн до нивната пријателка Елиза Фаул, мајката на Изабела, за кои Касандра се плаши дека може да содржат детали што ќе ѝ наштетат на Џејн и нејзиното наследство.

Кога ја наоѓа преписката, таа оживува моќни спомени од настаните од пред неколку години. Серијата се одвива во две временски линии, едната е во 1830 година каде невенчаната Изабела се соочува со иселување од нејзиниот дом по смртта на нејзиниот татко, а Касандра се обидува да го заштити наследството на нејзината сестра, а втората временска линија е сместена неколку децении претходно, со младите Касандра (Синове Карлсен) и Џејн (Патси Феран) кои се движат низ романсите, семејните проблеми и животните подеми и падови.

Хорнби се заинтересирала за Касандра откако се преселила во Кинтбери и дознала дека „Госпоѓицата Остин“ била свршена со синот на викарот на локалната црква. За причината за палењето на писмата, Хорнби за „Би-Би-Си Култура“ изјавила: „Јас имам своја теорија, како што е изнесена во романот, и која мислам дека држи вода“. Гледачите на серијата ќе ја откријат во догледно време.

(Сцена од серијата „Госпоѓица Остин“/Извор: BBC)

„Но, има и други, прозаични причини“, продолжува таа. „Едното е дека овие писма имале озборувачка природа. Тие две споделувале сè – вклучувајќи ги и многу тешките снаи [Џејн и Касандра имале шест браќа]. Можам да замислам дека во писмата би имало многу недискретни спомнувања на досадни роднини, а Касандра би сакала да избегне какви било идни повредени чувства. Исто така, ќе имало доста жалење. Џејн постојано се грижела за пари – сè уште има многу укажувања што го докажуваат тоа. Значи, сè на сè, тие нужно не би ја прикажале во најдобро светло.“.

Девони Лосер е професорка по англиски јазик на Државниот универзитет во Аризона и почитувана експертка кога станува збор за Џејн Остин. „Поретко разгледувана теорија, која мислам дека е веројатна, е дека Касандра можеби внимателно го следела, во раните 40-ти години на 19 век, бруталните написи што критичарите ги пишувале за (тогаш) неодамна објавените писма на покојната романсиерка Френсис Бурни“, изјави таа за Би-Би-Си. Барни била авторка на општествени комедии, и чии дела Остин ги читала додека растела и авторка од која се инспирирала.

„Тие сурови критики сигурно ѝ направиле притисок на Касандра, имајќи предвид дека писмата на Џејн можеби би добиле сличен третман. Доколку биле објавени тогаш, тие можеби и би биле изобличени и извадени од контекст во раниот викторијански печат. Се разбира, речиси два века подоцна, мислам дека можеме да бидеме уверени дека на крајот би се случило токму спротивното, т.е дека овие дополнителни писма на Остин би биле добредојдени со особено воодушевување. Тој дел е особено тажен.

Сепак, и Лозер и Хорнби ја бранат Касандра и она што таа го направила. Навистина, Хорнби ја напишала книгата „Госпоѓица Остин“ делумно и со намера да ги објасни нејзините постапки.

„Без оглед на нејзините мотиви, вистината е – колку и да се жалат биографите – Касандра ја направила вистинската работа. Џејн била многу приватна личност“, вели Хорнби, посочувајќи на фактот дека таа избрала анонимно да ги објавува своите книги за време на нејзиниот живот, а нејзиниот идентитет бил откриен од нејзиниот брат Хенри во декември 1817 година, преку биографската белешка што тој ја напишал во постхумните изданија на „Убедување“ и „Опатијата Нортангер“. „Таа не била заинтересирана за слава, туку едноставно само пишувала“, продолжува Хорнби. „Двете сестри би биле преплашени од помислата дека ги знаеме нивните тајни. А фактот што – благодарение на огнот на Касандра – знаеме толку малку за авторката, се покажа како многу успешен потег. Тој елемент на мистериозното, тивко достоинство е клучен за успехот на брендот Џејн Остин“.

Лосер вели: „Репутацијата на Касандра како најозлогласениот уништувач на писмата на Џејн не е сосема фер. Како што неодамна истакнаа неколку научници, Касандра е и единствената роднина на Остин од нејзиното најблиско семејство за која се знае дека спасила и зачувала голем дел од писмата на нејзината сестра. Сепак, секако дека длабоко ме вознемирува тоа што кое било од писмата на Џејн било уништено. Јасно е дека тие сигурно содржеле повеќе од нејзиниот карактеристичен хумор и социјални увиди, како и потребни секојдневни вести и озборувања.“

Сестринска приказна

Џејн и Касандра, која била три години постара, имале многу блиска врска. Тие биле единствените ќерки на свештеник од Хемпшир. Според нивната мајка, „ако треба да ѝ ја отсечат главата на Касандра, и на Џејн ќе ѝ ја отсечат главата“. Тие живееле заедно голем дел од својот живот, а Касандра била единствената личност со која Џејн разговарала за нејзиното творештво. Еден портрет нацртан со молив и акварел на Касандра е единствената потврдена слика на Џејн. Ден по смртта на Џејн, Касандра напишала во писмо: „Таа беше сонцето на мојот живот, потикнувач на секое задоволство, смирувач на секоја тага. Како да сум изгубила дел од себе“. И двете сестри никогаш не се омажиле.

Всушност, мистериозниот елемент на романот на Хорнби е едноставно механизмот за испорака за потресно истражување на недостатокот на контрола на немажените жени врз сопствените животи во овој период. Тие често имале малку или воопшто немале пари и најчесто зависеле од милостината на роднините – која можела, но и не морало да значи дека ќе ја добијат.

„Покорувањето на жените било доминантна тема во нивното постоење“, вели Хорнби. „Нивните животи биле патеки со пречки, а избегнувањето на замките бил дел од нивниот секојдневен живот. Се разбира, ние не го гледаме тоа, бидејќи самите живееме со толку многу можности. Но, романите на Остин се за потчинување на жените. Сите нејзини хероини – со исклучок на Ема – се во лоша позиција на почетокот од приказните. Девојките од семејството Бенет [од „Гордост и предрасуди“] знаат дека откако ќе почине нивниот татко, тие нема да имаат пари, нема да имаат дом. Бракот е нивниот единствен план за спас – како што г-ѓа Бенет тоа толку мудро го согледува. Ние денес ја гледаме како комична креација – и секако, таа Е создадена со таа намера, како комичен лик, но, всушност, таа е разумната личност која може да ги види големите опасности што претстојат.“

Андреа Гиб, која го прилагоди романот „Госпоѓица Остин“ за малите екрани, вели дека веднаш се заљубила во книгата. „Тоа е толку убаво замислено што дури би можело да е напишано и од самата Остин. Има сè. Интрига, мистерија, романса и љубов. Не само романтична љубов, туку и трајна доживотна љубов што постои меѓу сестрите. Женското искуство е во срцето на приказната. Жените тогаш биле целосно финансиски зависни од мажите. Создавањето на добар романтичен механизам е исто како и идеален романтичен механизам.“

Оваа година се навршуваат 250 години од раѓањето на Џејн Остин. Како и „Госпоѓица Остин“, под капата на Би-Би-Си ќе се сними и „Другата сестра Бенет“, драмска серија за Мери Бенет, сестрата на Лизи Бенет од „Гордост и предрасуди“, заснована на романот на Џенис Хедлоу. Нетфликс наводно подготвува екранизација на „Гордост и предрасуди“. И во книгата која ќе биде објавена подоцна оваа година, „Луди за Остин: бунтовното, субверзивното и нескротливото наследство“, Лосер се надева дека ќе го уништи „постојаниот мит дека Остин била блага, природна и досадна“, вели таа.

Привлечноста на прозата на Џејн Остин не покажува апсолутно никакви знаци на некаква надолна линија. „Мислам дека таа е популарна и ден денес затоа што се занимава со универзални грижи и го го разоткрива општеството и неговите вродени противречности“, вели Гиб. „Мислам дека има многу што да им каже на современите жени. Без разлика дали се млади и полни со идеализам или се постари. Таа е одличен записничар на човечкото однесување и исто така е многу духовита”.

И да не ја осудуваме Касандра премногу грубо. На крајот на краиштата, кој од нас би сакал нашите озборувачки забелешки и пораки до нашите најблиски да бидат прочитани од цел свет?

Извор.

Leave a comment