Одлична вест за читателите и читателките на Џејн Остин! „Би-Би-Си“ објави се враќа во универзумот „Гордост и предрасуди“ со нова драма за една од сестрите на Елизабет Бенет, еден од најпопуларните ликови во книжевноста.

Мини-серијата насловена „Другата сестра Бенет“ е заснована на истоимениот роман на Џенис Хедлоу, а прикзната се фокусира на Мери Бенет, тивката, скромна и често занемарувана сестра на Лизи. Продуцентот на „Doctor Who“, Бед Вулф ќе биде задолжен за создавање на серијата од десет епизоди, на основа на сценариото на Сара Квинтрел. Сè уште не се одбрани актерите и актерките што ќе ги толкуваат улогите на повеќето различни ликови.
„За разлика од нејзините сестри, Мери не е типична хероина од историските драми“, стои во синопсисот. „Таа е незгодна, вознемирена, проповедничка, полна со факти, ужасна пејачка… занемарена од нејзината мајка и навидум предодредена да има празна картичка за танц до крајот на животот… сè додека Мери не ги преземе работите во свои раце“.
Во „Другата сестра Бенет“, Мери конечно ќе доживее сопствена епска љубовна приказна, додека патува од безбедноста и клаустрофобијата на нејзиниот семеен дом во Меритон до сјајот на регентскиот Лондон и пастирскиот шарм на Езерската област додека таа бара независност, романса и прифаќање.
Сара Квинтрел изјавила: „Возбудена сум што ја раскажувам приказната за Мери – другата сестра Бенет – истражувајќи како е да си го најдеш местото во светот кога си најнеобичната во твоето опкружување. Прекрасно е чувството да се има можност да се приспособи брилијантната приказна и реобмислување на Џенис Хедлоу на толку саканата класика заедно со тимот на Бед Вулф и што го најдовме нашиот дом во „Би-Би-Си“. Пораснав (непријатна, вознемирена тинејџерка, која сè правеше погрешно…) гледајќи ги прекрасните екранизации на Остин на „Би-Би-Си“. Тоа е нешто за кое сонува секој писател и едвај чекам да ја изложам оваа прекрасна приказна на екранот – особено за сите оние што некогаш биле како Мери“.
Телевизиската екранизација на „Би-Би-Си“ од 1995 година на „Гордост и предрасуди“ на Остин, во која глуми Џенифер Ел како Лизи и Колин Фирт како г-дин Дарси, беше неверојатен хит, а исто толку успешна беше и филмуваната екранизација на „Гордост и предрасуди“ од 2005 година, во режија на Џо Рајт и со Кира Најтли и Метју Мекфаден во главните улоги. Покрај тоа, „Би-Би-Си“ има создадено и други екранизации на делата на Остин, како и други историски драми, секогаш на задоволство на гледачите и гледачките.
