Познати песни инспирирани од книги ! (1)

Книгите се полни со неверојатни приказни што фасцинираат, натажуваат, инспирираат, охрабруваат. Голем дел од книгите што денес ги знаеме како класици го издржале тестот на времето токму заради нивните безвременски теми, без оглед на тоа дали станува збор за љубов, општество, политика и војна. Токму поради нивната моќ да навлезат во нашата фантазија, тие често инспирираат други уметници да творат.

Најчестата и очигледната инспирација ја гледаме кај режисерите и создавателите на филмови, со оглед на тоа колку филмски екранизации на книги постојат, но тие често ги инспирираат и музичарите, па затоа денес на блогот можете да прочитате десет многу популарни песни кои својата инспирација ја црпат токму од некои од најпознатите книжевни дела. Некои од песните имаат референци што се толку очигледни што веднаш знаете за која книга станува збор, но има некои што се посуптилни. Има толку многу песни што се инспирирани од книги, што веројатно ова ќе прерасне и во серијал на блогот.

Wuthering Heights – Кејт Буш (1978)

*
Ова е можеби една од најпознатите поп-песни со најочигледно влијание и инспирација од книжевноста. Како што и самиот наслов кажува, оваа песна е омаж на љубовта на Кети и Хитклиф од „Оркански височини“ на Емили Бронте. Целиот текст е еден вид на реобмислување на книгата во неколку минути, испеана од перспективата на Кети, која совршено ја доловува бурната и мрачна романса, со стихови како:

Bad dreams in the night
They told me I was going to lose the fight
Leave behind my Wuthering, Wuthering
Wuthering Heights

Лоши соништа во ноќта
Ми рекоа дека ќе ја загубам борбата
И зад себе ќе ги оставам моите, Оркански, Оркански
Оркански височини

И секако, рефренот во кој Кејт Буш пее: Heathcliff, it’s me, I’m Cathy, I’ve come home, I’m so cold, let me in your window (Хитклиф, јас сум, Кети, си дојдов дома, ладно ми е, пушти ме да влезам преку твојот прозорец). Текстот, заедно со музиката и уникатниот глас на Буш сосема прекрасно го доловуваат чувството од книгата. Песната беше многу популарна и се искачи на првото место на музичките топ-листи во Велика Британија, а интересен факт е дека Кејт Буш одлучила да ја создаде песната откако сфатила дека е родена на ист ден како Емили Бронте (30 јули) и првично се инспирирала од телевизиската екранизација, а потоа и од книгата.

It’s All Coming Back to Me Now – Селин Дион (1996)

*
Селин Дион е една од најголемите музички ѕвезди во светот, со прекрасен и уникатен глас, а денес е најпозната по нејзината песна My Heart Will Go On, која беше носечка песна на филмот „Титаник“ и за која доби еден куп награди, меѓу кои и Оскар. Но, една од нејзините најпопуларни песни е и It’s All Coming Back To Me Now, поп-рок балада, со необичен видео-спот. Но, иако речиси секој ја има чуено песната, малкумина всушност знаат дека и оваа песна е инспирирана од „Оркански височини“ од Емили Бронте. Иако не е толку очигледно како кај песната на Кејт Буш, ако се задлабочите во текстот ќе ги забележите референците, кои се многу посуптилни. На пример, има еден дел кој вели:

There were moments of gold
And there were flashes of light
There were things we’d never do again
But then they’d always seemed right

Имаше моменти создадени од злато
И имаше отсјај од светлина
Имаше работи кои никогаш повторно не би ги направиле
Но тогаш се чинеа правилни

Џим Стајнман, човекот кој ја напишал песната рекол дека бил инспириран од романот „Оркански височини“ и дека додека ја пишувал песната си замислувал како „Хитклиф го ископува трупот на Кети и танцува со него на студената месечина“, иако таква сцена не постои и тоа е нешто што Стајнман си замислувал дека е сцена што би можела да постои, а би била избришана од книгата. „Се обидував да напишам песна за мртвите нешта што оживуваат“, рекол Стајнман. „Се обидував да напишам песна за тоа како да се биде роб и опседнат од љубовта, а не само воодушевен и среќен од неа. Стануваше збор за темната страна на љубовта и за извонредната способност да се биде воскреснат од неа откако ќе умре.“

1984 – Дејвид Боуви (1974)

*
И ова е песна чиј наслов открива од каде доаѓа инспирацијата. Песната на Дејвид Боуви од 1974 година е целосно инспирирана од романот на Џорџ Орвел од 1949 година. Самата песна ги спојува темите на дистопиското ремек-дело на Џорџ Орвел со иконскиот звук и стил на Боуви. Иако романот на Орвел е многу мрачен, песната на Боуви има пооптимистички и енергичен звук. Инаку песната требала да биде дел од мјузикл за романот што Боуви сакал да го создаде, но тоа никогаш не се случило, како што веќе еднаш пишував на блогот.

Resistance – Mјуз (2010)

*
Уште една песна инспирирана од дистопискиот роман „1984“ од Џорџ Орвел. И иако сите секогаш се концентрираат на дистопиското општество и опресијата и тиранијата во книгата, во оваа песна, британскиот бенд Мјуз се концентрира на љубовта на Винстон и Јулија, покажувајќи дека нивната љубов е чин на отпор среде еден тирански свет каде Големиот брат ги набљудува сите. Во општество во кое еден тоталитарен режим контролира сè, па дури и индивидуалната мисла, зарем љубовта не е врвен чин на отпор?

Дел од стиховите прекрасно ја прикажуваат забранетата љубов:

If we live a life in fear
I’ll wait a thousand years
Just to see you smile again

Kill your prayers for love and peace
You’ll wake the thought police
We can’t hide the truth inside

Ако живееме живот во страв
Би чекал илјада години
Само да можам повторно да видам како се смееш

Убиј ги твоите молитви за љубов и мир
Ќе ја разбудиш полицијата на мисли
Не можеме да ја криеме вистината во нас

Всушност, целиот албум на Мјуз од 2010 година, Resistance (Отпор), е инспириран од „1984“ на Џорџ Орвел. Целиот концепт и сите песни на некој начин можат да се поврзат со романот. Во 2010 година промовирајќи го албумот, Мет Белами, пејачот на бендот, во интервју за Би-Би-Си, рече дека ја препрочитал книгата пред да почнат да го снимаат албумот и дека при препрочитувањето некако многу голем впечаток му оставила љубовната приказна. „Првиот пат ја прочитав пред околу 15 години, но тогаш некако сè се вртеше околу политиката. Но кога ја прочитав вториот пат, бев многу повеќе воодушевен од љубовната приказна помеѓу Јулија и Винстон.“

2+2 =5 – Radiohead (2003)

*
Очигледно е дека „1984“ е неисцрпна муза за многу музичари. Овој роман е полн со толку многу теми и нијанси што може од многу различни аспекти да се гледа и толкува приказната. Познатиот бенд Radiohead ја објави оваа песна во 2003 година и самиот наслов воопшто не е суптилен и се однесува на многу позната сцена и филозофија од романот, а и текстот е исто така прилично директен:

Are you such a dreamer
To put the world to rights?
I’ll stay home forever
Where two and two always makes a five

Дали си таков сонувач
Да го средиш светот?
Ќе останам дома засекогаш
Каде два и два секогаш се пет

Понатаму во песната и дополнително се вели дека „сега е доцна, бидејќи не обрнуваше внимание“. Самата песна и аранжманот одлично ја доловуваат атмосферата, од мирно и тивко, до кулминацијата на песната.

Sympathy for the Devil – Ролинг Стоунс (1968)

*
Ова е една од најпознатите песни на легендарната група Ролинг Стоунс, а Мик Џегер јавно изјавил дека песната е инспирирана од „Мајсторот и Маргарита“ на Михаил Булгаков, која се фокусира на посетата на Сатаната на Советскиот Сојуз, а и самиот текст алудира на нешто такво, иако не е целосно експлицитно и директно:

Stuck around St. Petersburg
When I saw it was a time for a change
Killed the Tsar and his ministers
Anastasia screamed in vain

Се задржав во Санкт Петербург
Кога видов дека е време за промена
Го убив царот и неговите министри
Анастасија врескаше залудно.

Текстот на песната, кој всушност е испеан од перспектива на ѓаволот, се совпаѓа со темите на искушението, корупцијата и општествената критика кои можат да се најдат во делото на Булгаков и дополнително содржи некои блиски сличности со „Мајсторот и Маргарита“, вклучувајќи го и воведниот дел што одразува како ѓаволот се претставува себеси како неколку ликови. Исто така, песната се однесува на неколку библиски настани, како и од руската историја, исто како и романот. Фузијата на рок и книжевни алузии создава динамично и провокативно музичко искуство. Песната беше објавена како дел од повратничкиот албум на Ролинг Стоунс од 1968 година, а за оваа инспирација веќе пишував на блогот и за повеќе информации прочитајте го текстот „Книжевната инспирација за песната „Sympathy for the Devil“ на Ролинг Стоунс“.

The Ghost of Tom Joad – Брус Спрингстин (1995)

*
Моќната балада на Брус Спрингстин „The Ghost of Tom Joad“ е трогателна ода на романот на Џон Штајнбек „Грозјето на гневот“. Песната ги одразува борбите на работничката класа и влијанието на Големата депресија, одразувајќи го општествениот коментар вграден во книжевното ремек-дело на Штајнбек. Неверојатниот текст и тажната мелодија на Спрингстин оддаваат почит на трајниот дух на Том Џоуд и неговото патување. Песната го користи ликот на Том Џоуд од „Грозјето на гневот“ на Џон Штајнбек за да ги симболизира оние кои ја отелотворуваат идеализираната самодоверба на Америка, а сепак се жртви на на капитализмот. Нараторот во песната е заробен помеѓу осакатувачката сиромаштија и разорното сфаќање дека нема место за него во оваа променлива Америка.

White Rabbit – Џеферсон Аероплејн (1967)

*
Психоделичната химна на Џеферсон Аероплејн е музичко патување низ „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол. Текстот на песната е исполнет со референци на ликови и настани од романот и целосно ја доловува надреалната и фантастична природа на имагинативниот свет на Керол. Моќните вокали на Грејс Слик додаваат привлечен квалитет на песната, правејќи ја безвременски приказ на литературната инспирација во музиката.

For Whom The Bell Tolls – Металика (1984)

*
Оваа жестока химна го зема своето име и антивоените теми од истоимениот класичен роман на Хемингвеј од 1940 година кој ја раскажува приказната за Роберт Џордан, идеалистички млад американски учител од Средниот Запад кој се пријавува да се вклучи на Шпанската граѓанска војна. Безвременски приказ за честа, храброста, моралот и губењето на невиноста во војната.

Сепак, Металика го отфрли херојскиот централен наратив во корист на раскажување на приказната за периферните ликови – Ел Сордо и неговиот квартет војници кои изведуваат крвав напад против напредувачките фашисти на ридот во храбра, иако залудна последна борба. Лудилото на војната ги лишува сите освен „волјата за постоење“ и претставува една од најмоќните „политички“ изјави на Металика. Ларс Урлих од Металика во една прилика изјави дека често ја користат „За кого бијат камбаните“ како референтна точка за пронаоѓање на едноставноста.

Who Wrote Holden Caulfield – Грин Деј (1991)

*
Песната Who Wrote Holden Caulfield од Грин Деј е директно инспирирана од романот на Џ. Д. Селинџер од 1952 година, „Игра во ‘ржта“. Самата песна е именувана по главниот лик на романот, Холден Колфилд. Како лик тој е често романтизиран поради неговата темна личност и тинејџерска анксиозност, па затоа и не е изненадување што бендот би зел музичка инспирација од него. Сепак, песната, исто така, ги истакнува менталното здравје и самодеструктивните навики што влијаат врз изборите на Ходен низ целиот роман и всушност е еден коментар на бендот за Холден и тоа дека му е потребна помош.

Leave a comment