Кога авторските права во Велика Британија за делото на Џорџ Орвел истекоа во 2021 година, двајца писатели ги презедоа неговите импозантни ремек-дела – „1984“ и „Животинска фарма“ – и ги преосмислија од современ аспект и од денешна гледна точка. Доријан Лински, кој е автор на книгата „Министерството за вистината“, еден вид монографија на романот „1984“ од Џорџ Орвел, во гостински текст за „Би-Би-Си“ ги истражува и анализира овие два романа, но и целокупното реосмислување на творештвото на Џорџ Орвел.

(извор: Alamy/BBC)
Пред речиси четири години, романописецот Адам Бајлс разговарал со пријател за фактот дека творештвото на Џорџ Орвел ќе стане јавна сопственост на 1 јануари 2021 година. Според британскиот закон, авторските права истекуваат 70 години по завршувањето на календарската година од смртта на авторот, а Орвел почина во 1950 година. Двајцата мажи се шегувале за можни продолженија: последиците од „1984“ би можеле да се истражат во „1985“, или од „Да живее фикусот“ би можело да се создаде „Фикусот продолжува да живее“. Можеби дури би можело да има и продолжение на „Животинска фарма“? „Потоа неколку месеци не размислував за тоа, но муабетот постојано ми се навраќаше во главата“, вели Бајлс за културната редакција на „Би-Би-Си“. „Тоа беше една од оние лекомислени идеи што некако остана да се крчка некаде во умот.“
Додека бил на отсуство од работа како книжевен директор во познатата париска книжарница „Шекспир енд компани“ за време на карантинот поради КОВИД-19, Бајлс почнал да го пишува она што подоцна ќе стане „Ѕверовите на Англија“. „Влегов во сето тоа како еден вид книжевен експеримент“, вели тој. „Секогаш се надевав дека ќе го завршам и ќе го испратам до луѓето, но никогаш не чувствував никаква гаранција. Не бев сигурен дека некој издавач ќе сака да го допре текстот.“ Тој бил свесен дека си игра со една од најомилените книги на англиски јазик. „Кога им го споменував тоа на луѓето, тие велеа: „Ох, тоа е храбро“, што јас го сфатив како: „Ох, ќе добиеш еден куп критики за ова“. Орвел е еден од оние писатели за кои луѓето имаат чувство како да е нивен.“
Приближно во исто време, Бил Хамилтон од книжевната агенција AM Хит исто така размислувал за животот по авторските права. Агенцијата го застапува имотот на Орвел од 1950 година, а Хамилтон е лично одговорен за тоа од 1989 година. Тој сакал да започне со тоа што ќе ангажира некого да го преосмисли романот „1984“ и тоа од перспектива на Јулија, љубовницата на Винстон Смит и колешка дисидентка. „Секогаш сум мислел дека „Животинска фарма“ не само што е ненадминлива, туку е и неповторлива“, вели Хамилтон за културната редакција на „Би-Би-Си“. „Но овој роман е многу поразличен од тој аспект. Полн е со наративни празнини кои бараат да се пополнат: Која, за бога, беше Јулија? Од каде дојде? Дали го шпионираше? Што ако Јулија ја раскажува оваа приказна? Оваа книга бараше да биде напишана и ни требаше некој со голема софистицираност за да се впушти во оваа авантура.“ Тој ја избра Сандра Њуман, американската авторка чие творештво ги вклучува дистописките романи „Мажите“ и „Земјата на ѕвездата од сладолед“. Откако повторно ја прочитала „1984“ и го видела наративниот потенцијал, Њуман решила да ја искористи можноста. „Орвел ми остави многу пари на маса“, изјави таа за „Би-Би-Си“. „Се обидов да ги потрошам мудро“.
Секое книжевно наследство е загрижено за истекот на авторските права, и од финансиски и од креативни причини. До нејзината смрт во 1980 година, ревносен чувар на наследството на Орвел беше неговата вдовица Соња, која ги попречи сите бројни потенцијални биографии. Најпознато е што таа не му даде дозвола на Дејвид Боуви да напише рок-мјузикл за „1984“, проект што на крај прерасна во албумот „Diamond Dogs“ од 1974 година. Хамилтон беше многу повеликодушен кон биографите и научниците, но внимателно го следеше она што сега би го нарекле интелектуална сопственост. „Тие беа доста тешки за луѓето што смислија работи како „Животинска фарма: Мјузиклот“, вели Диџеј Тејлор, автор на „Орвел: Новиот живот“. „Сè беше строго следено во однос на зачувувањето на интегритетот на „брендот“, еве да ја употребиме таа ужасна фраза“.
Во 1983 година, унгарскиот писател Ѓерѓ Далош објавил нелиценцирано продолжение наречено „1985“, но спроведувањето на авторските права зад Железната завеса не било некој врвен приоритет. Во Велика Британија, романописците кои биле љубопитни за Орвел морале да се свртат кон животот на писателот, а не кон неговите законски заштитени зборови, создавајќи полубиографски романи како што се „Барнхил“ од Норман Бисел, „Д-р Орвел и г-дин Блер“ од Дејвид Коут и „Повикот на Орвел“ од Питер Хоџкинсон. „Речиси сите се придржуваа до правилата“, вели Хамилтон. „Работата на книжевниот извршител е да филтрира, но мора да бидете прилично отворени и внимателни. Она што мене ме интересираше беше контрола на квалитетот.“
Прекинувањето, т.е истекот на авторските права предизвика лавина од нови изданија од различни издавачи, но не и целосно бесплатно издание. Писмата и необјавените есеи откриени по смртта на Орвел од покојниот научник Питер Дејвисон остануваат ограничено достапни. Хамилтон има заштитено фрази како што е „Големиот брат те гледа“ за да се осигури дека името на Орвел продолжува да одржува одредени стандарди и да заработува пари за Фондацијата Орвел. А во САД, каде авторските права траат 95 години по објавувањето, „Животинска фарма“ е заштитена до 2040 година, а „1984“ до 2044 година.
Филмските работници кои се љубопитни за Орвел се соочувале и се соочуваат со уште поголема пречка. Само неколку дена пред нејзината смрт, Соња Орвел ги продала филмските права на адвокатот од Чикаго, Марвин Розенблум, кој ја продуцираше екранизацијата на Мајкл Радфорд во 1984 година. Дури и сега, американските права сè уште се кај вдовицата на Розенблум, Џина. „Толку многу додворувачи низ годините отидоа да разговараат со неа, а шест месеци подоцна се вратија кубејќи си ја косата“, вели Хамилтон. Нова верзија со години беше во развој од тимот составен од продуцентот Скот Рудин и режисерот Пол Гринграс, но нејзиниот моментален статус е нејасен. „Не можеше да направи римејк, што мислам дека е скандалозно“, вели Хамилтон. „Тоа е смешно губење на одлична можност“.

(извор: Alamy/BBC)
Незаборавен фиктивен свет
Орвел напиша шест романи, три класични дела од жанрот нефикција и повеќе од милион зборови во областа на медиумите и новинарството, но во однос на интелектуалната сопственост, сè друго е засенето од двата врва на неговата кариера: „1984“ и „Животинска фарма“. Тие се две многу различни книги со заедничка политичка агенда. Прво Орвел го објасни подемот на советскиот тоталитаризам во форма на алегорија на фарма; четири години подоцна, тој користеше дистописка научна фантастика за да ги анатомизира методите на семоќната тоталитарна држава. Едната беше лекција од неодамнешното минато; другата предупредување за иднината. Сè додека режимите се обидуваат да ја искриват реалноста и да ја потиснат слободата, овие книги ќе имаат вознемирени читатели.
Тејлор се сеќава на еден неодамнешен настан за промоција на неговата биографија: „Реков: „Кренете рака ако сте ја прочитале „1984“, и 48 од 50 луѓе кренаа рака. Истото беше и со „Животинска фарма“. Но, никој навистина не ги прочитал неговите претходни романи.“ Во изминатите три години имаше две нови сценски верзии на „Животинска фарма“, а анимираната филмска верзија на Енди Серкис моментално е во продукција по една деценија одложувања. Њуман и Бајлс се сомневале дека ќе има поплава од романи на Орвел по авторските права, но, досега, единствениот друг обид беше слабо рецензираниот роман „Сестринство“ на Кетрин Бредли, уште една приказна за Јулија. „Чувствував дека сум во трка со времето“, вели Бајлс. „Сето тоа изгледаше непотребно. Ме зачуди што не сме слушнале за слични работи и изданија.“
Со „1984“, Орвел конструираше незаборавен фиктивен свет исполнет со мистерии. Некои неодговорени прашања сепак останаа: Дали Големиот Брат навистина постои? Дали Јулија цело време работеше за Полицијата на мислите? Сите овие прашања делуваат како стратешки двосмислености. Други нешта, како што е работењето на телекранот или деталите од животот во „пролетерскиот округ“, повеќе изгледаат како пропусти. Можеби Орвел одлучил дека тие се ирелевантни за неговата мисија да ја објасни психологијата на тоталитаризмот. Можеби, затоа што бил очајно болен од туберкулоза и брзал да ја заврши книгата помеѓу хоспитализациите, едноставно немал време или енергија да ги пополни празнините. Од друга страна, сите романописци имаат свои слепи точки и слабости, па затоа е можно Орвел дури и да не забележал колку многу нешта останале необјаснети.
Какви и да се причините, Орвел оставил многу интригантни празни места во светот на Океанија. Сандра Њуман вели дека Јулија е неизбришливо живописен лик: „Таа делува како вистинска личност, иако навистина не се вклопува. Можеби Винстон не бил навистина заљубен во неа, но Орвел веројатно бил.“ Во исто време, Јулија е енигма, полна со неостварен потенцијал. „Многу луѓе сметаат дека е фрустрирачки што таа наводно е вљубена во Винстон, кој е претставен како исклучително непривлечна личност“, вели Њуман. „Значи, се поставува прашањето: што гледа таа во него? Има работи што ги сметам за неубедливи ако ги гледаме како вистински приказни за нејзиниот живот, но убедливи како работи што една „кул девојка“ би му ги кажала на маж кого се обидува да го импресионира. Некои работи имаат смисла само ако претпоставите дека не ја кажува вистината. Орвел не ѝ дава доволно признание. Таа на многу начини е поискрена бунтовничка отколку Винстон.“
Њуман ги прераскажува настаните од „1984“ од гледна точка на Јулија во првите две третини од нејзиниот роман, пред да замисли што таа би можела да направи следно по нејзиното брутално испрашување во Министерството за љубов. Низ очите на Јулија, авторката ги осветлува претходно невидените агли во романот. „Се обидов сè да биде во согласност со вистинските зборови на страницата за да можете да ги читате обете книги една до друга и сè да се испреплете“, вели таа. „Многу избори што ги направив беа единствените можни избори што би функционирале“.
Поранешна руска студентка која поминала време во СССР во текот на 1980-тите, Њуман ѝ ги носи на Јулија сопствените увиди во животот под советскиот комунизам, како и нејзината перспектива како читателка. „Во романот има многу изрази на вистински гнев кон жените“, вели таа. „За мене беше вознемирувачки. Сретнав многу луѓе кои всушност не можеа да ја завршат книгата или кои ја мразеа поради тоа“. Сепак, таа останува обожавателка. „Едно нешто за кое не може да му се замери на Орвел е неговото разбирање на психологијата на тоталитаризмот. Бев импресионирана од тоа речиси секој пат кога ја отворав книгата. Мислам дека тоа сè уште важи и за денешните авторитарни системи. Чевелот сè уште е точен.“

(извор: Getty Images/BBC)
Создавање нешто ново
Адам Бајлс не побарал дозвола од наследниците, па затоа прашањето за објавување во САД е нерешено. И на книжевно ниво, тој се соочил со сосема поинаков предизвик. „Ѕверови од Англија“, како продолжение, а не прераскажување, воведува нова екипа животински ликови неколку години по настаните од „Животинска фарма“ и го сатиризира популизмот од 21 век во Велика Британија и на други места. Иако неговиот прв нацрт бил со иста должина како и книгата на Орвел („Возрасните читатели можеби имаат одредено ниво на трпение кога станува збор за зборување со животни“), како што се движел од нацрт до нацрт, Бајлс се нашол себеси како ги олабавува своите самонаметнати правила. „Не сакав да биде проект со почит, да биде како да го канализирам Орвел“, вели тој. „Сакав да ги користам алатките што ги создаде, но да направам нешто ново со нив“.
Орвел пишуваше со специфична политичка цел: да ги предупреди читателите за реалноста на сталинизмот. Затоа, „Животинска фарма“ е извонредно дисциплинирана алегорија на историјата на СССР, со клучни личности и настани прецизно отсликани од животните на фармата. Иако поттикнат од вистински гнев кон британската влада, од штедењето, Брегзит, па сè до лошото справување со пандемијата, Бајлс сметал дека хаосот на демократската политика бара пофлексибилен пристап: „Секогаш кога чувствував дека се приближувам премногу до одреден лик или настан, се обидував да најдам начин да се оттргнам од тоа. Орвел многу јасно гледаше што се случуваше во СССР и наоѓаше начин да го опише тоа прилично директно. Влегов во ова речиси од спротивната позиција, сакајќи да развијам разбирање за тоа што се случуваше.“
И покрај сите нивни разлики, и Њуман и Бајлс го почитуваат својот долг кон Орвел со резонантната јасност на нивната проза и нивното чувство за морална цел. Диџеј Тејлор се плаши дека класиците на Орвел нема секогаш да паѓаат во толку внимателни раце. Тој се сеќава дека пред една деценија бил ангажиран од „Волстрит Џурнал“ за да ги рецензира неодамнешните романи за Шерлок Холмс. „Три гајби книги стигнаа преку Атлантикот и беа скрос луди“, вели тој. „До овој момент, Холмс веќе е станат лебдечки означувач – тој може да значи апсолутно сè за секого. Се плашам дека Орвел може да оди во таа насока. Со Холмс имате само личност и форензичка способност, додека со Орвел имате збир на политички верувања“.
Додека „Јулија“ на Њуман е во духот на „Широко Саргаско море“, прославениот роман на Џин Рис од 1966 година што е еден вид на претходник на дејството во „Џејн Ер“, колку долго ќе помине пред некој да напише нешто во понепристоен стил како што е романот „Гордост и предрасуди и зомби“ на Сет Греам Смит, кој е целосна имитација на Остин? Или книга што целосно ја изобличува политиката на Орвел? Можеби, сепак, чинот на експлицитно преосмислување на класик не е сосема различен од она што романописците го прават како нешто што се подразбира самото по себе. „Ние романсиерите сме доста паразитски настроени во нашиот пристап кон материјалот, без разлика дали станува збор за нашите сопствени животи или за претворање на луѓе што сме ги запознале во ликови што ќе ги вметнеме во нашите приказни“, вели Бајлс. „Секогаш постои елемент на собирање материјал и создавање нешто ново со него.“
„Ние всушност и го потценуваме фактот за тоа колкав дел од книжевноста всушност ја преработува постоечката книжевност“, се согласува Њуман. „Сакате да напишете нешто што го кажува она што последната книга што сте ја прочитале не го кажала. Кога ќе го стесните тоа на една книга, превезот ви паѓа од очите и сфаќате дека всушност тоа е она што сте го правеле цело време.“
