Книжевноста, приказните и книгите се едни од основните темели за разбирање на човештвото, за раскажување на приказните, анализа на најдлабоките човечки страсти, желби, таги и потреби. Затоа и книгите се толку универзални и сакани – секој човек може да пронајде дел од себеси или да пронајде нешто што му е потребно. Во чест на возвишеноста на книжевноста и во чест на книгите, најверните пријатели на човекот, денес на блогот прочитајте еден прекрасен текст на веб-страницата The School fo Thought кој ѝ дава омаж на книжевноста и ни зборува за што ни служи книжевноста и како ни помага да се спознаеме себеси.

(фотографија на Lacie Cueto за Unsplash)
Една од пофрустрирачките, но основни работи околу тоа да се биде човек е тоа што не можеме да се разбереме себеси баш најдобро. Едната страна од умот честопати нема јасна слика за тоа зашто е вознемирена или што очекува другата страна од умот. Правиме многу грешки поради нашето сеприсутно самонезнаење. Тука книжевноста може да ни помогне, бидејќи во многу случаи, таа нè познава подобро отколку што ние се познаваме себеси и може да ни даде опис, поточен од кој било што ние би можеле да го создадеме, за тоа што веројатно се случува во нашите умови.
Марсел Пруст напиша долг роман за некои аристократски и високобуржујски ликови кои живееле во Франција на почетокот на 20 век. Но, кон крајот на својот роман, тој изнесе извонредно тврдење. Неговиот роман всушност не е за овие луѓе што толку специфично звучат далечно, туку за некој поблизок до дома – вие:
„Всушност, секој читател, додека чита, е читател на самиот себеси. Делото на писателот е само еден вид оптички инструмент што тој му го нуди на читателот за да му овозможи да го распознае она што, без таа конкретна книга, тој можеби никогаш не би го доживеал во себеси. А кога читателот го препознава во себе она што го кажува книгата, тоа е доказ за нејзината вистинитост.“
Во некои од најдобрите дела на културата, имаме огромен впечаток дека наидуваме на напуштени делови од себеси, евоцирани со ретка острина и упорност. Можеби се прашуваме како, за бога, авторот можел да знае одредени длабоко лични работи за нас, идеи кои најчесто се кршат во нашите неспретни прсти кога се обидуваме да ги зграбиме, но кои тука се совршено зачувани и осветлени. Земете го, на пример, самоспознанието што го нуди еден од омилените писатели на Пруст, филозофот од 17 век, Франсоа де Ларошфуко, автор на еден мал том афоризми познати како „Максими“:
„Сите имаме доволно сила да ги поднесеме несреќите на другите“.
Тоа е идеја што е веднаш проследена од подеднакво продорната:
„Постојат некои луѓе кои доколку не чуле дека постои такво нешто како љубов, никогаш не би се заљубиле“.
И не помалку познатата:
„Да се каже дека никој никогаш не флертува самото по себе е форма на флертување“.
Веројатно ќе се насмевнеме додека ни се случува моментално препознавање. И самите сме го чувствувале истото. Едноставно никогаш не сме знаеле како да ја претвориме нашата ментална прекривка во нешто толку елегантно.
Кога Пруст ја споредува книжевноста со „еден вид оптички инструмент“, тој мисли на тоа дека се работи за високотехнолошка машина што ни помага да се фокусираме на она што го разбираме за себеси и за другите околу нас. Големите автори го претвораат нејасното во јасно. На пример, откако ќе го прочитаме Пруст, а потоа ќе бидеме напуштени од љубовник кој љубезно зборувал за неговата потреба да помине „малку повеќе време со себеси“ затоа што е „толку збунет“, имаме корист од тоа што малку појасно ја гледаме динамиката, благодарение на Прустовата реплика: „Кога двајца се разделуваат, оној кој не е заљубен е тој што ги кажува нежните говори“. Јасноста нема да го натера љубовникот да се врати; но ќе го направи најдоброто нешто – ќе ни помогне да се чувствуваме помалку збунети и помалку сами седејќи со бедата од тоа што сме отфрлени.
(фотографија на Dewang Gupta за Unsplash)
Колку повеќе писатели читаме, толку повеќе расте нашето разбирање за сопствените умови. Секој голем писател може да се нарече истражувач – не помалку извонреден од Магелан или Кук – на нови, досега мистериозни и непознати катчиња во сопственото битие. Некои истражувачи откриваат континенти, други ги поминуваат своите животи совршено мапирајќи еден или два мали острови, или само една речна долина или залив. Сите заслужуваат да бидат славени за корекцијата на незнаењето низ кое инаку лутаме низ светот. Јапонскиот поет Мацуо Башо ги разјаснува нашите чувства на осаменост; Толстој ни ја објаснува нашата амбиција, Кафка нè прави свесни за нашиот страв од авторитет, Ками нè води кон нашето отуѓено и вкочането јас, а под водство на Филип Рот, стануваме свесни за тоа што се случува со нашата сексуалност во сенката на смртноста.
Англиската писателка од 20 век, Вирџинија Вулф, често била болна. Но, бидејќи била писателка со мисија да ни ги разјасни емоциите, таа во еден извонреден есеј наречен „Околу бидувањето болен“ започнува со жалење за тоа колку малку ни е јасно какво е всушност чувството да се биде болен. Велиме дека не сме добро или дека имаме главоболка, но ни недостасува фокусиран речник за болеста. Постои една голема причина за ова, а тоа е дека многу малку талентирани автори пишувале за болеста како таква. Како што забележува Вулф: „Англискиот јазик, кој може да ги изрази мислите на Хамлет и трагедијата на Лир, нема зборови за треперењето и главоболката. И обичната ученичка, кога ќе се заљуби, ги има Шекспир или Китс кои можат да се изразат кажат наместо неа; но страдалникот нека се обиде да му ја опише главоболката на лекар и зборовите веднаш ќе испарат.“ Тоа се покажа како една од големите задачи на Вулф како книжевна истражувачка. Таа се фокусираше на тоа како е да се биде уморен, на раб на солзи, да се биде премногу слаб за да се отвори фиока, иритиран од притисок во ушите или опседнат од чудни звуци на грчење во близина на градите. Вулф стана Колумбо на болеста.
Ефектот од читањето книга која посветила внимание на забележување на слаби, но витални треперења, е тоа што откако ќе ја намалиме јачината на звукот и ќе продолжиме со сопствениот живот, можеме прецизно да обрнеме внимание на работите на кои авторот или авторката би реагирале доколку тој или таа се во нашето друштво. Со нашиот нов оптички инструмент, подготвени сме да ги собереме и јасно да ги видиме сите видови нови предмети што лебдат низ свеста. Нашето внимание ќе биде насочено кон нијансите на небото, кон променливоста на лицето, кон лицемерието на некој пријател или кон потопената тага за ситуација за која претходно не сме ни знаеле дека можеме да бидеме тажни. Книгата ќе нè сензибилизира, ќе ги стимулира нашите заспани антени со докази за сопствената развиена чувствителност. Затоа Пруст предложил, со зборови што скромно никогаш не би ги проширил на својот роман, дека:
„Ако го прочитаме новото ремек-дело на еден генијалец, воодушевени сме што во него ги наоѓаме оние наши одрази што сме ги презирале, радости и таги што сме ги потиснувале, цел свет на чувства што сме ги презирале, a чија вредност одеднаш ја откриваме во книгата.“
Овие редови се поврзуваат со подеднакво пророчки цитат од Ралф Валдо Емерсон:
„Во умовите на генијалците, повторно ги наоѓаме нашите сопствени запоставени мисли.“
Преку културата не учиме само за себеси. Учиме и за умовите на непознатите, особено за оние за кои – во обичниот тек на нештата – не би научиле многу. Со нашите оптички инструменти во рака, учиме за семејниот живот во Тринидад, за тоа како да се биде тинејџер во Иран, за училиштето во Сирија, љубовта во Молдавија и вината во Кореја. Нè водат покрај стражарите право во спалната соба на кралот (го слушаме како ‘рчи и ѝ шепоти на својата господарка) и во бараката на сиромашните, вилата за одмор на семејството од горната средна класа и караванот на семејството од пониската средна класа.
Благодарение на сето ова, имаме златна можност да си заштедиме време и грешки. Книжевноста забрзува години, за еден ден може да нè прошета низ цел еден живот, по една деценија од поглавје, и затоа ни овозможува да ги проучуваме долгорочните последици од одлуките кои – во нашите сопствени животи – се разврзуваат со опасна бавност. Имаме можност во забрзана форма да видиме што може да се случи кога се грижите само за уметноста, а не толку за парите, или пак само за амбицијата, а не толку за вашите сопствени деца; што се случува кога ги презирате обичните луѓе или сте вознемирувачки загрижени за тоа што мислат другите.
Книжевноста може да ни помогне да ги избегнеме грешките. Сите тие херои кои извршуваат самоубиство, тие несреќни измачени души кои убиваат за да се извлечат од неволја или жртвите кои умираат од осаменост во неопремени соби се обидуваат да нè научат на различни нешта. Книжевноста е најдобриот симулатор на реалноста што го имаме, машина која, како и нејзиниот летачки еквивалент, ни овозможува безбедно да ги доживееме најстрашните сценарија за кои, во реалноста, можеби би требале да поминат многу години и да минеме низ голема опасност, со надеж дека ќе бидеме малку помалку склони да се разбереме себеси погрешно, слепо да скршнеме во опасност – и да предизвикаме катастрофи.

