Предлог-филмови за љубителите на книги! (8)

Летото е одлично време за читање, но и за гледање филмови. Доколку сакате малку да направите промена и ви се гледа некој интересен филм додека го барате вашето ново четиво за читање, денес на блогот прочитајте три нови интересни препораки за гледање.

Друштвото на мртви поети (1989)

Каде може да го гледате: НЕТФЛИКС
Опис
: Ова е еден филм кој веќе одамна се смета за класик, но неодамна го поставија на Нетфликс, па решив одново да го гледам, после можеби повеќе од 10-15 години. Се работи за една неверојатна приказна која секој човек треба да ја изгледа, неверојатно сценарио, глума, режија. Приказната се одвива во елитниот интернат и училиште за момчиња „Хелтон“, каде децата ги подготвуваат да се запишат на некои од најелитните универзитети во САД. Учебната година започнува и со нов професор по англиски јазик и книжевност, г-н Китинг, кој не е класичен професор што држи класични предавања, напротив, неговите методи се необични и вклучуваат и кинење на воведното поглавје во нивниот учебник за поезија.

Професорот Китинг е одлучен да ги научи момчињата да мислат со своја глава и да бидат слободоумни, да анализираат, да не учат само што е напишано во учебникот, туку и да ги подготви за животот. Китинг исто така е поранешен ученик во училиштето, па така децата набрзо дознаваат дека тој бил основач на „Друштвото на мртви поети“ и тие решаваат да создадат свое друштво во кое секој може уметнички да се изрази себеси. Тие се собираат и читаат и рецитираат поезија, свират, создаваат свои стихови. Додека растат и се приморани да носат одлуки за својата иднина, но и додека го бараат своето автентично јас и својата вистинска животна страст, професорот Китинг е тука да им помогне да го изразат и пронајдат своето вистинско јас.

Филмот е неверојатно напишан, Робин Вилијамс е маестрален во улогата на Китинг. Тој создал еден неверојатно топол и инспиративен лик, па така, додека гледате се чувствувате како и вие да сте инспирирани да напишете нешто, кога тој вели „Carpe Diem“ (Зграпчи го денот), тоа и вас ве погодува и замислува. Останатите актери како Итан Хок, Џош Чарлс, Гејл Хансен, Роберт Шон Ленард се исто така фантастични во нивните улоги на момчиња на работ на возрасниот свет, кои се обидуваат да се пронајдат себеси додека нивните родители и општеството веќе се обидуваат да им ги наметнат своите желби, амбиции и правила.

Покрај неверојатните пораки за индивидуалноста, креативноста и потребата секој (млад) човек сам да си го создава својот пат и да се изразува без оглед на старите правила, овој филм исклучително ќе им се допадне на љубителите на книги, книжевноста и уметноста во целина. Китинг на секој час цитира одреден поет или писател и секој цитат и секој поет служи за да ги инспирира момчињата и да ги натера да размислуваат. Целиот филм не само што изобилува со книжевни референци, но и самиот чин на творење е многу важен, бидејќи филмот сака да ни каже дека не се важни книжевните правила, дека за да твориш не мора да си Шекспир, доволно е да си искрен и да сакаш да кажеш нешто што ти лежи на душата. Самото творење и поезијата и уметноста како такви се основа за многу од дејствата што ќе се случат во филмот.

Целото прекрасно чувство што го носи филмот со себе и почитта што филмот ја искажува кон поезијата, книжевноста и уметноста, најдобро се гледа преку една од репликите на професорот Китинг во филмот:

„Не читаме и пишуваме поезија затоа што тоа е симпатично. Читаме и пишуваме поезија затоа што сме дел од човечката раса. А човечката раса е исполнета со страст. Медицината, правото, бизнисот, инженерството, тоа се благородни занимања и неопходни за одржување на животот. Но, поезијата, убавината, романсата, љубовта – ова се работи за кои живееме.“

Другата сестра Болејн (2008)

Каде може да го гледате: НЕТФЛИКС
Опис
: Приказната за кралската лоза на Тјудорите се чини дека секогаш ги фасцинира историчарите, писател(к)ите, но и општата јавност, особено приказната на Хенри VIII, монархот што се женел шест пати и кој за да може да се разведе од неговата прва жена, кралицата Катерина Арагонска, ги прекинал сите врски со Римокатоличката црква и ја основал Англиканската црква. Овој филм ги истражува сплетките, опасноста и до каде може да оди желбата за моќ, но и како лесно може да се падне од пиедесталот.

Филмот е всушност екранизација на истоимениот популарен историски роман, кој веќе беше препорачан на блогот и ги следи двете сестри Болејн, Мери и Ана, и нивниот комплициран однос, но и како жените во минатото често биле жртви на болната амбиција на нивното семејство, без да имаат право да одлучуваат за својот живот и иднина. Мери веќе стапува во брак кога кралот Хенри VIII ја здогледува и ѝ фрла око. Во тој момент тој решава дека таа ќе стане негова љубовница и ја носи во дворот да ѝ биде придружничка на кралицата. Но, Мери по некое време останува трудна од кралот и семејството Болејн одлучува дека додека таа лежи трудна, мора да ѝ се најде „замена“ која ќе го „забавува“ кралот и изборот паѓа на Ана. Но, додека Мери е попасивна и мирна, Ана е нејзина целосна спротивност. Таа не сака да се помири со тоа да биде љубовница на кралот, нејзините амбиции одат многу подалеку – до тронот на Англија. Но, колку е Ана подготвена да се справува со остварувањет она нејзината сопствена амбиција?

Главните улоги ги толкуваат популарните Натали Портман (Ана) и Скарлет Јохансон (Мери), кои одлично си ја вршат својата работа, а Ерик Бана исто така е одличен во улогата на кралот Хенри. Доколку внимателно гледате ќе забележите и уште неколку други актери кои денес се многу популарни, а во 2008 година биле на почеток на својата кариера. Сценариото е добро, иако препорачувам прво можеби да се прочита книгата која е многу подетална и дава многу поширок контекст, но со оглед на тоа колку е детална книгата, сценариото дава добар преглед на приказната. Секако, како и со секоја историска драма, деталите околу вистинските историски настани се малку преувеличени и променети за драмски ефект, но сепак приказната е многу интересна.

Книжевен клуб: Следното поглавје (2023)

Каде може да го гледате: ХБО МАКС
Опис
: И како за последен предлог денес, одиме малку во посовремени времиња и се префрламе во сегашноста. Пред некое време пишував за филмот „Книжевен клуб“ и беше дел од една од моите препораки за филмови. Приказната за четирите повозрасни пријателки кои ги врзува едно повеќедецениско пријателство и кои создаваат книжевен клуб и дискутираат за книги е навистина симпатична и инспиративна, особено за оние кои сакаат лесни и „зашеќерени“ романтични комедии. Но, филмот не е само за љубов, туку и за важноста на пријателствата.

Продолжението на овој филм излезе пред две години и всушност дејството почнува со еден колаж од сцени за време на КОВИД-19 пандемијата кога сите бевме затворени дома, а овие четири пријателки продолжиле со нивниот книжевен клуб. На почетокот и гледаме дел од насловите кои ги читаат: „Нормални луѓе“ од Сали Руни, „Жената на прозорецот“ од А. Џ. Фин, а потоа, по завршувањето на пандемијата, на нивната прва средба во живо, тие ја обработуваат „Алхемичарот“ од Пауло Коељо. Токму на таа нивна прва средба во живо се јавува идејата да одат на заедничко патување во Италија, кoe истовремено ќе биде и моминско патување, бидејќи една од пријателките ќе прави свадба.

Тие тргнуваат на пат и уживаат во убавините на Италија, но секако им се случуваат и многу незгоди со кои мора да се справат, додека размислуваат за своите животи и учат вредни лекции и го зацврстуваат своето пријателство. Иако според мене квалитетот на вториот филм е послаб од првиот, сепак е одлично филмче доколку сакате да се одморите и да уживате во прекрасен поглед и пејсажи од Италија, но и да добиете малку позитивна енергија и инспирација.

Leave a comment