Прекрасни мисли од „Единствен матичен број“ на Лидија Димковска!

На 11 август 1971 година во Скопје се родила македонската писателка и поетеса Лидија Димковска. Таа го завршила своето високо образование на Филолошкиот факултет во Скопје на групата Општа и компаративна книжевност, а докторирала на тема од романската книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија.

Нејзини најпознати дела се поетските книги: „Рожби од Исток“ (1992), „Огнот на буквите“ (1994), „Изгризани нокти“ (1998), „Нобел против Нобел“ (2001), „Идеална тежина“ (2008), „pH неутрална за животот и смртта“ (2009), „Црно на бело“ (2016), „Гранична состојба“ (2021);

Има објавено и четири романи: „Скриена камера“, „Резервен живот“, „Но-Уи“ и „Единствен матичен број“. За романите „Скриена камера“ и „Резервен живот“ ја добила наградата „Стале Попов“ за најдобар роман, награда што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, а за „Резервен живот“ ја добила и наградата за литература на Европската унија во 2013 година. За својот роман „Единствен матичен број“ ја доби и наградата Роман на годината за 2023 година.

Покрај тоа ги има издадено и американскиот дневник „Отаде Л“ и една збирка куси раскази: „Кога заминав од Карл Либкнехт“.

„Единствен матичен број“ е неверојатна книга, која сосема заслужено ја доби наградата Роман на годината. Дејството во романот ја следи Катерина, која отсекогаш размислувала за динамиката меѓу нејзините родители, очигледно мачна и тешка. Нејзиниот татко е по потекло од Кипар, бегалец од својот дом, туѓинец во неговиот нов дом – Македонија. Но, тој е многу повлечен човек, чувајќи ги сите емоции во себе. Лутајќи и трагајќи по многу лични прашања, Катерина одлучува да отиде по еден пат и да дознае нешто повеќе за татко ѝ и неговото родно место, но и неговата фамилија, можеби на тој начин ќе се справи и со својата лична пустелија, освен онаа семејната.

Одлична, многу добра нарација, меланхолична, искрено сочувствував со чувствата и размислувањата на главниот лик, со судбината на нејзиниот татко, со нејзината желба да се поврзе некако со него, макар и преку истражувањето. Подеднакво одбивен и ужасен лик ми беше мајката, нејзината отровност и пизма, но одлично напишан лик.

Во продолжение прочитајте неколку прекрасни мисли од романот:

„Дали секој човек си има своја пустелија?“

„…дека меѓу раѓањето и смртта, животот е таков каков што е. И дека секој е сам на крајот. Не, не само на крајот. Секој е сам секогаш, дури и кога е среде толпа.“

„Бев нивна, но дали бев и своја?“

„Тагата траеше, не се отфрлаше, а смеата поминуваше, ја снемуваше.“

„И која отуѓеност се појавува прво: економската или емотивната?“

„Па и кога ќе почувствував од некого љубов, ме зафаќаше тага што таа љубов не е постојана, не е константна, што блискоста е мошне релативна категорија. Мислиш дека некој ти е близок за цел живот, а близок ти е само во мигот кога ти е близок.“

„Само, како ли треба да се однесуваат возрасни луѓе? Или човек е ист, од раѓање до смрт? И староста не донесува мудрост, искуствата не се полезни, не учиме од грешките, од ништо?“

„Спомените секогаш чинат.“

„Читањето на Орвел во љубовна прегратка подоцна ми се чинеше налудничаво, ама тогаш ми се чинеше најнормално на светот.“

„А колку долго остануваат трагите од историските настани? Колку долго остануваат дупките од куршумите во ѕидовите, крвта што била пролиена во некоја битка, победничките знамиња на јарболите, гробовите на загинатите? Гробовите најдолго остануваат, бидејќи се конечни.“

„Си помислив дека, кога паднале од истрелите, ноктите сигурно им биле полни со бел вар од фасадата на куќата. Дека сите умреле со делче од домот вѕидан во нивните тела.”

„Дури и кога на ништо не се надеваш од некого, некаде длабоко во тебе тлее пламенчето на надежта. Можно ли е човекот да биде толку самоизмамлив, самозалажлив?“

*мислите се преземени од: Димковска, Лидија. Единствен матичен број. Скопје: ТРИ, 2023

Leave a comment