Зошто е толку тешко да се направи добра екранизација на делата на Џејн Остин?

Екранизирањето на делата на Остин не е ништо ново. Всушност и на овој блог често ќе налетате на текстови за нејзините екранизации како „7 причини поради кои „Гордост и предрасуди“ е совршена екранизација на делото на Остин“, како и препораки за филмот и телевизиската серија „Гордост и предрасуди“, но и препорака за екранизацијата на „Убедување“ од 1995 година. Има нешто уникатно во зборовите и приказните на Остин кои ги привлекуваат читател(к)ите одново и одново да гледаат како нивните омилени дела оживуваат на екраните. Секако, тоа не е секогаш едноставна задача, бидејќи голем дел од овие филмови или телевизиски серии потфрлаат и ги оставаат гледачите и гледачките незадоволни (пример за ова е последната екранизација на „Убедување“ од минатата година).

Но, во последно време слушавме за многу нови проекти кои вклучуваат или нови екранизации на делата на Остин или екранизации на книги што се директна инспирација од дела на Остин. Па така, читавме за тоа како се подготвува новата телевизиска серија „Другата сестра Бенет“, која е заснована на истоимениот роман на Џенис Хедлоу, и која се фокусира на Мери Бенет, најтивката сестра од семејството Бенет, но и излегоа вести за тоа дека се подготвува нова филмска екранизација на „Разум и чувствителност“, но и нова телевизиска серија заснована на „Гордост и предрасуди“.

Токму поради ова во последно време се отвори широка дебата околу генералната желба и амбиција одново и одново да се снимаат екранизации на делата на Остин и произлегоа многу видеа и написи, а меѓу сите тие написи, Скоти Ендру за Си-Ен-Ен напиша една многу интересна статија која се фокусира токму на екранизациите на делата на Џејн Остин и за тоа зошто е толку да се направи добра екранизација која ќе биде сакана од сите, која можете да ја прочитате во продолжение.

(извор: The Wrap)

Екранизирањето на саканите и суштински книги на Џејн Остин е чин похрабар од брак од љубов, поризичен од бегство со г-дин Викам и поедноставен од Ен Елиот.

А сепак, филмските режисер(к)и продолжуваат да се обидуваат да ги создаваат.

Постојат модерни прераскажувања на делата на Остин, како на пример филмот „Изгубена“ („Clueless“), кој ја смести Ема Вудхаус во Беверли Хилс и ја облече во фустан од Алаја, и филмот „Огнен остров“ („Fire Island“), кој излезе ова лето, кој е екранизирана верзија на „Гордост и предрасуди“, но со геј протагонисти. Постојат и такви што остануваат верни на текстовите, како што се бучната серија „Љубов и пријателство“ („Love and Friendship“) на Вит Стилман и мини-серијата „Гордост и предрасуди“ („Pride and Prejudice“) од 1995 година што претвори една цела генерација во тврдокорни обожавател(к)и на Колин Фирт како господин Дарси.

Направете просечна екранизација и ризикувате да го навлечете гневот на легиите читател(к)и на Остин: земете го за пример филмот „Убедување“, кој предизвика огромни реакции уште пред да биде објавен во јули 2024 година, кога промотивното видео вклучуваше делови од нов, модернизиран дијалог што го скрати оригиналниот текст на Остин и моменти кога ликовите го „пробиваат четвртиот ѕид“, односно гледаат во камерата т.е публиката, во стилот на телевизиската серија „Fleabag“.

Се работи за незавидна задача, кондензирање на томови социјална критика, блескав дијалог и ликови што се толку сакани што се инспирација за цел архетип на љубовен интерес. Но, честопати, овие филмови успеваат во својата визија, па дури и откриваат нови слоеви во канонските дела на Остин. Во најмала рака, тие инспирираат дебата меѓу нејзините бројни читател(к)и.

Си-Ен-Ен консултираше неколку академици и следбеници на Остин за да објаснат што бараат во една екранизација на делата на Остин – и да образложат зошто магијата на нејзините зборови може да биде толку тешка за преведување на екраните.

Зошто сакаме екранизации на делата на Остин?

Гледано од една страна, приказните на Остин се типични романси. Тие ги имаат сите обележја на жанрот: семејство кое не ја одобрува врската, некомпатибилни парови, врски што се движат од нетрпеливост кон љубов, долгоочекувани повторни средби, воодушевувачки изјави на љубов. Гледаме како овие шаблони се појавуваат во речиси секоја романтична приказна оттогаш. Па што ги прави романсите на Остин толку созреани и посакувани за прераскажување?

Од друга страна, како што рекоа Џилијан Дејвис и Јоланда Родригес, водителки на емисијата „Пемберли подкаст“, во која анализираат различни екранизации на делата на Остин, да се оживее едно дело на Остин е лукава и паметна деловна одлука, бидејќи секогаш има публика за нејзиното творештво, велејќи дека „комплексните меѓучовечки односи никогаш нема да излезат од мода“.

Со текот на годините, екранизациите на делата на Остин заработија милиони долари, беа номинирани за повеќе од десетина Оскари и неколку Еми награди, и ги убедија гледачите ширум светот дека г-дин Дарси е златниот стандард за еден додворувач. 90-ти години на 20 век ни дадоа бум на екранизации на Остин – телевизиската серија „Гордост и предрасуди“ со Колин Фирт во главната улога, „Ема“ со Гвинет Палтроу, „Разум и чувствителност“ со Ема Томпсон, а тоа е само еден мал дел од нив, како и други приказни од ерата на Регентството, слични на она што го имаме сега, среде огромната популарност на телевизиската серија „Бриџертон“. Популарноста на Остин се протега низ целиот свет – можете да го погледнете и филмот инспириран од Боливуд, „Невеста и предрасуди“, како и кинескиот филм „Господин Гордост наспроти госпоѓица Предрасуди“, две од неколкуте екранизации на Остин во кои глумат азиски протагонисти.

Иако романите на Остин секогаш ја вклучуваат љубовта и бракот во своите заплети, авторката не го прикажувала секогаш бракот како беспрекорен среќен крај кон кој се стремат нејзините хероини. Тоа е финансиска одлука и семејна должност за која нејзините женски ликови се прилично свесни. Ингер Бродеј, вонредна професорка по англиски јазик и компаративна книжевност на Универзитетот во Северна Каролина, вели дека жените на Остин честопати се амбивалентни околу тоа како би влијаел бракот на нивната независност, дури и кога искрено ги сакаат своите партнери. Бродеј, која објавила неколку трудови за Остин, вели дека нејзиното творештво „е начин денешните читатели истовремено и да романтизираат за сродните души, но и да го задржат своето самопочитување“.

Според Бродеј, на тој начин приказните на Остин и денес продолжуваат да инспирираат и да оснажнуваат: Тие се јасни љубовни приказни раскажани од суптилно феминистичка перспектива кои сè уште им даваат некаков вид на автономија на своите протагонист(к)и.

(извор: The Today Show)

Што е она што прави една екранизација на Остин добра и успешна?

Една добра екранизација на делата на Остин не мора да го повторува оригиналниот текст, па дури не мора ни да се одвива во Англија од крајот на 18 век. Бродеј вели дека таа всушност би претпочитала филм кој не се чувствува должен целосно да се движи според изворниот роман. Остинистите што ги интервјуираше Си-Ен-Ен се согласија за една работа: за една екранизација на Остин да биде успешна, таа треба да го задржи духот на нејзиното дело, особено нејзината продорна длабочина и неспоредлива духовитост.

„Она што е најпредизвикувачко за секој кој сака да го прилагоди творештвото на Остин за големите или мали екрани, мора да биде доловувањето на неверојатната комбинација од комедија, иронија и социјална критика во нејзината фикција, заедно со навистина трогателните приказни за додворување“, рече Девони Лузер, професорка по англиски јазик на Државниот универзитет во Аризона и авторка на „Создавањето на Џејн Остин“. „Очигледно е тешко за два часа да се добие таа рамнотежа на ликовите во содржинатa, заедно со потребните, задоволувачки среќни краеви.“

„Според мене, успешна екранизација на Остин е онаа која ќе ме натера да размислувам или да преиспитам некој дел од оригиналот“, изјави Лузер за Си-Ен-Ен.

Земете го навидум дивергентниот, но тематски верен филм од 1995 година, „Изгубена“ („Clueless“), прераскажување на „Ема“, но сместен во 90-тите години на 20 век, т.е во модерни времиња. Не е очигледен кандидат за најточна екранизација на дело на Остин (на пример, името на главната хероина е Шер, а нејзиниот плакар доаѓа со софтвер што ѝ помага да ги координира облеките), но и Броди и академикот и експерт за Остин, Вилијам Галперин, рекоа дека филмот на Ејми Хекерлинг е одличен филм што ги модернизира елементите на приказната, а воедно го задржува духот на Остин.

„„Изгубена“ „слави одреден тип на автономија, разиграност и солидарност меѓу жените“, тип што Остин го сфатила сериозно, вели Вилијам Галперин, професор по англиски јазик на Универзитетот Рутгерс и автор на „Историската Остин“. И како и „Ема“, филмот „Изгубена“ е повеќе фокусиран на развојот на Шер отколку за нејзините романтични авантури, па дури и тие заплетни нарации служат за зајакнување на нејзиниот лик.

Филмовите што ја ажурираат, модернизираат или на друг начин ја реобмислуваат Остин за новото време, место или култура, парадоксално, се „поспособни да откријат нови аспекти на Остин отколку филмовите што се обидуваат посериозно да ги следат нејзините романи“, рече Бродеј. Дури и филмската екранизација „Гордост и предрасуди и зомби“, иако е сè освен суптилна, пронајде паралела помеѓу „смирувањето“ и зомбизмот. Но, покрај ретката битка меѓу Бенетови и немртвите, приказните на Остин извлекуваат наративни богатства од релативно секојдневните случувања во англиските имоти, меѓу членовите на неколку локални семејства.

„Она што (Остин) се обидува да сугерира во најголем обем е дека она што се случува во секојдневната основа на сите наши животи е исполнето со секакви импликации“, вели Галперин. „Не мора да вклучува големи работи како физички борби и борби за моќ на големо геополитичко ниво. Обичниот, секојдневен живот е исполнет со секакви сложености. И колку филмовите се поблиску до претставувањето на тоа, толку се подобри.“

(извор: Town & Country Magazine)

Каде потфрлаат екранизациите на делата на Остин?

Кондензирањето на стотици страници богат текст – преполни со социјална критика, прекрасни фрази и разоткривачки внатрешни размислувања – во двочасовен филм или дури и шестчасовна мини-серија не е мала работа. Затоа, според Галперин, некои режисери се фокусираат на најочигледната нишка во приказната: Брачниот заплет.

Односите секако се важни во романите на Остин, но Галперин вели дека почесто, брачниот заплет е само скелет на приказната. Тој додава и дека суштината е во наративните епизоди што ги откриваат вистинските намери на нејзините ликови.

На некои екранизации, како најновата екранизација на „Убедување“, според многу критичари, им недостасува амбивалентноста и длабочината кои се присутни во книгите на Остин. „Убедување“ е приказна за „втора шанса за љубов“ помеѓу немажената Ен Елиот (ја игра Дакота Џонсон во најновата верзија, чиј „цут“ дефинитивно не „исчезнал рано“) и нејзиниот некогашен партнер капетан Вентворт. Но, исто така се занимава со семејната должност, конформизмот и скапоцената независност, а тие теми, барем на екранот, честопати се во втор план, засенети од романсата.

Галперин вели дека „романот е исклучително добар во демонстрирањето на таа тензија (помеѓу љубовта и должноста), додека филмот само некако ја израмнува во рано отфрлање“, додека пак Бродеј вели дека честопати, филмовите „претежно се препуштаат на романсата на сметка на социјалната сатира“.

Зошто приказните на Остин ќе живеат засекогаш?

Според Лузер, дури и ако новите верзии на „Убедување“ и другите класици не се нужно успешни во реинтерпретацијата на делото на Остин, тие сепак вреди да се направат, ако ништо друго тие ќе привлечат нова публика да се заљуби во вообразениот Дарси, блаженството на плажата Сандитон и лукаво досетливата леди Сузан.

„Ако не ги создаваме одново приказните на Остин од деветнаесеттиот век и да ги прилагодуваме на нашето време и не привлечеме нови генерации гледачи, тогаш овие текстови нема да продолжат да живеат“, изјави Лузер. „Значи, дефинитивно сум за екранизации што го користат материјалот на Остин како инспирација и оставаат свој белег на него, наместо да ги третираат нејзините оригинали како планови што религиозно мора да се копираат.“

Тоа што разни филмаџии се обидуваат да исплетат и создадат нови теми кои можеби и застрануваат од оригиналното дело на Остин го отвора нејзиниот свет кон личности што нејзините книги не ги претставувале, вклучувајќи ги луѓето од различни раси и ЛГБТИ протагонисти. „Огнен остров“ ја користи лабавата рамка на „Гордост и предрасуди“ за да раскаже приказна за двајца азиско-американски геј мажи, расизмот и класичноста што ја доживуваат од белите геј мажи и врските што ги градат и покрај таа омраза. И „Сандитон“ и „Убедување“ ги фрлаат луѓето од различни раси во светот на Остин, сместен во ера во која расизмот бил кодифициран (одлука што инспирираше дебата, бидејќи овие проекти честопати не се занимаваат со расизмот во нивниот измислен свет).

Постојат милион начини да се раскаже приказна од Остин денес: Префрлете го нејзиниот заплет во денешно време, пробијте го четвртиот ѕид или дајте им мечеви на сестрите Бенет за да убијат зомби (што секако наидува на разновиден критички прием). Невозможно е да се задоволи секој(а) обожавател(ка) на Остин, но академиците и читател(к)ите велат дека сè додека една екранизација на дело на Остин го задржува она што го прави нејзиното творештво толку сакано на прво место – интелигенција, иронија и, да, „Романса со голема буква“ – речиси секогаш ќе најде публика што е спремна да се заљуби.

Извор.

Leave a comment