Слушнете како Дилан Томас ја рецитира „Не оди спокојно кон таа добра ноќ“…

Дилан Томас е можеби и најпознатиот велшки поет од 20 век. Иако неговиот живот бил краток, неговото творештво и натаму опстојува и восхитува, особено неговата песна „Не оди спокојно кон таа добра ноќ“ која е своевиден крик и бунт против смртта. Денес на блогот можете да прочитате еден одличен текст објавен на веб-страницата „The Marginalian“ во кој се дава еден увид во последните денови на Томас, но и како стигнало до тоа да ја добиеме легендарната снимка од тоа како ја рецитира својата најпозната песна, а дополнително на крајот на текстот ќе можете и да ја чуете снимката.

Малку песни нудат толку будно отворање на можностите помоќно од „Не оди спокојно кон таа добра ноќ“ – воодушевувачка ода за непобедливата упорност на човечкиот дух создадена од велшкиот поет Дилан Томас (27 октомври 1914 – 9 ноември 1953).

Напишано во 1947 година, ремек-делото на Томас првпат било објавено во италијанското книжевно списание „Ботеге Оскуре“ во 1951 година и наскоро вклучено во неговата збирка поезија од 1952 година, „Во селскиот сон и други песни“. Следната есен, Томас – самопрогласен „бучен, пијан и осуден поет“ – се препил до коматозна состојба додека бил на турнеја за читање и предавања во Америка организирана од американскиот поет и литературен критичар Џон Бринин, кој подоцна ќе стане негов биограф. Таа пролет, Бринин ја замолил својата асистентка, Лиз Рајтел – која имала тринеделна романса со Томас – да го заклучи поетот во соба за да го исполни рокот за завршување на неговата радио-драма која подоцна била претворена и во театарска претстава ,„Под млечната шума“.

На почетокот на ноември 1953 година, додека Њујорк страдал од наплив на загадување на воздухот што ја влошила неговата хронична болест на градите, Томас повторно почнал многу да пие. Кога се разболел, Рајтел и нејзиниот лекар се обиделе да ги контролираат неговите симптоми, но неговата состојба брзо се влошила. На полноќ на 5 ноември, амбулантно возило го однело коматозниот Томас во болницата „Св. Винсент“ во Њујорк. Неговата сопруга, Кејтлин Мекнамара, долетала од Англија и се разбеснила по пристигнувањето во болницата каде што поетот лежел на смртна постела. Откако се заканила дека ќе го убие Бринин, таа била сместена во приватен психијатриски центар за рехабилитација.

Кога Томас починал напладне на 9 ноември, на основачот на „Њу дирекшнс“, Џејмс Лафлин, му паднала задача да го идентификува телото на поетот во мртовечницата. Само неколку недели подоцна, издавачката куќа „Њу дирекшнс“ ја обавила збирката „Собраните песни на Дилан Томас“, која го содржи делото што самиот Томас го сметал за најрепрезентативно за својот глас како поет, а сега и за неговото наследство – наследство што продолжило да влијае врз генерации писатели, уметници и креативни бунтовници: Боб Дилан го променил презимето од Цимерман во Дилан како знак за почит кон поетот, Битлси го прикажале неговиот лик на насловната страница на „Sgt. Pepper’s Lonely Hearts Club Band“, а Кристофер Нолан ја направи песната „Не оди спокојно кон таа добра ноќ“ наративен централен дел од неговиот филм „Интерстелар“.

„Не оди спокојно кон таа добра ноќ“ останува најпознатата и најомилената песна од Томас, како и неговата најискупителна – и во нејзината универзална порака и во посебните околности како таа се појавила во контекст на животот на Томас.

До средината на 40. години на 20 век, откако штотуку ја преживеале Втората светска војна, Томас, неговата сопруга и нивната новородена ќерка живееле во едвај преживлива сиромаштија. Со надеж дека ќе обезбеди стабилен приход, Томас се согласил да напише и сними серија емисии за Би-Би-Си. Неговиот звучен глас ја воодушевил радио публиката. Помеѓу 1945 и 1948 година, тој бил ангажиран да направи повеќе од стотина такви емисии, почнувајќи од поетски читања до книжевни дискусии и културни критики – работа што предизвикала бран можности за Томас и ја зголемила неговата кариера како поет.

На врвот на својата радио слава, Томас почнал да работи на „Не оди спокојно кон таа добра ноќ“. Можеби затоа што неговото искуство со емитување го усогласило неговото внатрешно уво со надворешното уво и му всадило уште поостро чувство за ритмичката звучност на изговорениот збор, тој напишал песна десет пати помоќна кога се канализира преку човечкиот глас отколку кога се чита во контемплативната тишина на окото на умот.

Во оваа ретка снимка, самиот Томас го оживува своето ремек-дело:

Извор.

Leave a comment