„Доктор Живаго“ од Борис Пастернак е еден од најпознатите романи на 20 век. Делумно поради неверојатна приказна за доктор Јуриј Живаго, за неговиот живот и неговата борба помеѓу чувствата за неговата сопруга и Лара Антипова, за подемите и падовите, но истовремено неговиот живот е испреплетен и со револуцијата и преку приказната за Живаго, Пастернак ги опишува и текот на тектонските промени во руското општество и беше препорачан и на блогот.
Но, романот е познат и по бројните контроверзии, како тоа дека бил користен како пропаганда од страна на ЦИА, но и поради репресијата што ја доживувал Борис Пастернак од советската власт, до степен што морал да ја одбие Нобеловата награда за книжевност. Денес на блогот прочитајте и дел од мислите што ми оставија голем впечаток и можеби ќе ве инспирираат и вие да го (пре)прочитате романот.

„Но сега се мошне модерни секакви кружоци и друштва. Секое собирање во јата е засолниште на недаровитост, без разлика дали му се тие верни на Соловјов, или на Кант, или на Маркс. Вистината ја бараат само поединци и раскинуваат со сите, кои не ја сакаат доволно. Зарем има нешто на светов што би заслужувало верност? Такви нешта има мошне малку. Јас мислам дека треба да ѝ се биде верен на бесмртноста, на тоа друго име на животот, малку посилно.“
„Вие не разбирате дека може да се биде атеист, може да не се знае дали постои бог и зошто е тој, и во исто време да се знае, дека човекот не живее во природата, туку во историјата, и дека во денешното значење таа е основана од Христос, дека евангелието е нејзината основа. А што е тоа историја? Тоа е утврдување на вековните напори врз доследното одгатнување на смртта и нејзиното совладување во иднина. Заради тоа се откриваат математичкиот бескрај и електромагнетните бранови, заради тоа се пишуваат симфонии. Невозможно е да се движиме напред во таа насока без извесен полет. За овие откритија е потребна духовна опрема. Основите за неа ги содржи евангелието. Еве ги. Тоа е пред сè, љубовта кон блискиот, тој највисок вид на жива енергија, што го исполнува срцето на човекот и што бара да се излезе и да се потроши, и понатаму, тоа се главни составни делови на современиот човек, без кои тој не може да се замисли, а имено, идејата на слободната личност и идејата за животот, како жртва.“
„Колку е убав светов!“ – помисли тој. – „Но зошто е тоа секогаш толку болно?“
„А зошто ми е мене таква судбината, – размислуваше Лара, – сè да гледам и сè да ме боли?“
„Но што е тоа свест? Да видиме. Ако свесно сакаме да заспиеме – несоницата ни е сигурна, свесниот обид да се задлабочиме во работата на нашето варење – сигурно ни е растројството на неговата инервација. Свеста е отров, средство за самотруење на субјектот, што ја применува самиот врз себеси. Свеста е светлина, што бие надвор, свеста ни го осветлува патот пред нас, за да не се сопнеме. Свеста – тоа се запалени фарови пред локомотивата што се движи. Свртете ги со светлината внатре и ќе се случи катастрофа.“
„Човекот во другите луѓе – тоа е душата на човекот. Ете што сте вие, ете со што дишеше, со што се хранеше, во што се занесуваше вашата свест. Со вашата душа, со вашата бесмртност, со вашиот живот во другите. И тогаш? Во другите вие сте постоеле, во нив и ќе останете. И каква разлика ќе има за вас во тоа, што подоцна вие ќе се наречувате спомен. Тоа ќе бидете вие влезена во составот на иднината.“
„Би можело да се рече: на секој му се случиле две револуции, едната своја, лична, а другата заедничка.“
„Ете што било живот, ете што било доживување, ете по што одеа во потрага авантуристите, ете на што мислела уметноста – пристигнување кон своите блиски, враќање кон самиот себе, обновување на постоењето.“
„И ете, се покажа дека само оној живот што е сличен на животот наоколу и што без трага потонува во него, е живот вистински, дека одделената среќа не е среќа, така што патката и алкохолот, што се чинат дека се единствени во градот, воопшто не се ни алкохол ни патка. Тоа загорчуваше најмногу од сè.“
„Ситничаво е да се буричка во причините за киклопски настани. Тие ги немаат. Само домашните расправии имаат своја генеза, и откако луѓето ќе си ги истргаат косите и ќе си ги испокршат садовите, не ќе умеат да кажат кој почнал прв. Сепак, вистински големото е без почеток, како вселената. Тоа е наеднаш тука без корен, небаре секогаш било или небаре паднало од небо.“
„Јас не ги сакам луѓето што се рамнодушни кон вистината.“
„Каква среќа е да работиш за себеси и за семејството од изгрев до зајдисонце, да правиш покрив, да обработуваш земја грижејќи се за исхраната, да создаваш свој свет, слично на Робинзон, подражавајќи го творецот во создавањето на вселената, по својата родена мајка да се пресоздаваш одново и одново на светов.“
„Поетично е само обичното, кога ќе го допре раката на гениј.“
„Убаво е кога човек ве измамува во очекувањата, кога не се сложува со однапред создадената претстава за него. Припадноста на еден тип значи крај за човекот, негова осуда. Ако е невозможно да се поведе, ако не е показателен, тогаш ја има половината од она што се бара од него. Тој е ослободен од себеси, тој достигнал една капка на бесмртноста.“
„Човекот се раѓа да живее, а не да се готви за животот.“
„Зашто само во лошите книги луѓето се поделени на два логори и не доаѓаат во врска едни со други. А, всушност, сè толку се испреплеткува! Каква непоправлива ништожност треба да си, та да играш во животот само една улога, да заземаш само едно место во општеството, секогаш да имаш само едно исто значење!“
„Напати во светов ќе наидеш на големо и силно чувство. Со него секогаш се замешува тага. Предметот на нашето обожавање толку повеќе ни се чини како жртва, колку што повеќе го сакаме.“
„Јас не ги сакам праведните, што не паѓале, што не се слизнувале. Нивната добродетел е мртва и нема голема цена. Ним не им се откривала убавината на животот.“
„И ти и јас сме последниот спомен за сето она непресметливо големо, што е создадено во светов за многу илјади години меѓу нив и нас, и за спомен на тие чуда што исчезнале ние дишиме и љубиме, и плачеме, и се држиме еден за друг и се потпираме еден на друг.“
„Неслободниот човек секогаш си ја идеализира својата неслобода.“
„Во наше време многу се зачестија микроскопските форми на срцевите изливи на крвта. Тие не се сите смртоносни. Во извесни случаи луѓето остануваат живи. Тоа е заболување на најново време. Јас мислам дека причините за него се од морално потекло. Од огромното множество од нас се бара постојана хипокризија, што е возвишена до систем. Невозможно е без последици за здравјето секој ден да го искажуваш она што е спротивно на она што го чувствуваш: да се распнуваш пред она што не го сакаш, да му се радуваш на она што ти донесува несреќа. Нашиот нервен систем не е празен збор, не е измислица. Тој е физичко тело што се состои од влакненца. Нашата душа зазема место во просторот и е сместена во нас како забите во устата. Не можеме да ја злоупотребуваме бескрајно без казна.“
*мислите се преземени од: Пастернак, Борис. Доктор Живаго. Скопје: Мисла, 1989
