IN MEMORIAM: Георги Сталев Поповски (1930 – 2025)

Старата гарда македонски писатели полека но сигурно нè напушта, оставајќи зад себе големо наследство, но и одговорност за новите генерации да го продолжат нивниот пат и да го чуваат нивниот спомен и нивните дела. Во соопштение на Друштвото на писателите на Македонија, беше објавена тажната вест дека на 30 декември 2025 година, на 95-годишна возраст, починал Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки, а воедно и најстариот член на ДПМ.

Сталев Поповски завршил Филозофски факултет во Скопје. Помеѓу другите ангажмани, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“. Бил член на ДПМ од 1956 година, првиот член на Друштвото примен по заслуга на своите достигнувања како книжевен преведувач. Бил добитник на голем број награди, помеѓу кои (двапати) наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ (МЕС-Сараево, 1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на град Скопје „13 ноември“.

Георги Сталев Поповски е актуелен како еден од авторите на збирката раскази „Она што се памети живее“ („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ (2025), во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на таткото Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

Вечна му слава!

Извор.

Leave a comment