Видео: Кратки раскази што можете да ги прочитате во еден здив!

Денес на блогот имате можност да прочитате еден транскрипт и да погледнете едно интересно и кратко видео со препораки за неколку кратки раскази, кое ми беше препорачано од една читателка на блогот, па решив да го споделам и со сите останати читатели и читателки на блогот. Видеото е создадено од една девојка и објавено на нејзиниот канал на Јутуб, по име: Lumispec и можете да погледнете подолу.

(извор: omid armin on Unsplash)

Отсекогаш сум била обожавателка на белетристика, но понекогаш едноставно не можам да најдам простор во мојот распоред за да се посветам на книга од цели 500 страници. Истовремено, насреде целата таа зафатеност, сакам да фрлам краток поглед кон еден нов свет и една нова перспектива, само за да го размрдам умот и да го натерам да погледне надвор од мојата моментална реалност, за целосно да се оттргнам од моите проблеми и да прочитам рационална перспектива за мојот живот раскажана во трето лице. И најдобриот начин за тоа е преку избирање на краток расказ, а со посветување неколку минути на читање го правам мојот ден посветол, што дополнително ми ја дава позбиената поволност сепак да читам белетристика.

„Кратките раскази се мали прозорци во други светови и други умови и други соништа. Тие се патувања што можете да ги направите до другата страна на универзумот, а сепак да се вратите на време за вечера.“

~ Нил Гејман

Кратките раскази се микрокосмос што ве води кон стилот на пишување на одреден(а) писател(ка).

Кратките раскази исто така можат да бидат добро решение за денешниот проблем со задржување на вниманието. Тие се мост кон читање на покомплексна книжевност и начин како да си го насочите умот кон читањето како такво и да се загреете кон создавањето на интелектуална навика преку една глатка транзиција. Исто така може да ви даде и увид во стилот на пишување на секој писател или писателка за да не мора да скокнете и да читате огромни томови од писател или писателка што не сте ги читале и што не ги познавате добро. Се работи за ефективна тактика што ќе ви заштеди време и се работи за мала посветеност пред да ја зголемите посветеноста што доаѓа кога го читате целокупното творештво на одреден(а) писател(ка).

Кратките раскази се длабоки вдишувања на литературата. Вдишувате цел живот за неколку минути.

Но, јас не бев отсекогаш читателка на кратки раскази. Во минатото имав силен отпор кон нив. Имав некакво чувство дека тие се еден вид на „мамење“, како да си го губам времето на нешто тривијално и краткотрајно, како да се преправам дека читам. Но сиот тој отпор и скептицизам избледе кога пред речиси една година, по еден ужасно истоштувачки ден на работа, одлучив да ја поминам цела ноќ во одморање на умот и читање на некое добро дело. И се впуштив во потрага на кратки дела кои би можела да ги прочитам за неколку часа.

Расказ број 1: „Писарот Бартлби: приказна од Волстрит” од Херман Мелвил.

И додека пребарував, налетав на еден писател кој ми беше толку познат, што можев да се заколнам дека и претходно сум го читала. Се работеше за „Писарот Бартлби: приказна од Волстрит” од Херман Мелвил. И одеднаш ми светна: ова е авторот на легендарната книга „Моби Дик“. И тоа за мене беше доволно да ме убеди да ја прочитам книгата, затоа што читајќи речиси половина од „Моби Дик“ (да, веќе речиси половина декада го развлекувам читањето на книгата и сѐ уште ја немам дочитано), знаев дека ќе се сретнам со чудни и ексцентрични ликови кои ќе ме извадат од сопствената глава. И така, почнав да ја читам книгата, и веќе после неколку страници, практично бев изнесена надвор од овој свет. Имав чувство дека времето замрзнало. Мојата реалност се претопи во оваа чудесна напивка, т.е приказна.

И кога излегов од трансот на приказната, веќе беше десет часот навечер, а јас бев стигната до 28 страница, а целата приказна е 30 страници, што значи ми остануваа само уште две страници, а јас не бев подготвена да се збогувам со оваа реалност во која поминав еден час, едноставно не сакав приказната да заврши. Па така, кога стигнав до последниот збор од приказната, кој гласи: „Човештво!“, веќе бев цврсто решена да започнам нова книга од овој автор. Беше околу десет часот, но не ми беше гајле. Спиењето нека се погрижи само за себе. Одам да прочитам уште една книга, затоа што оваа приказна ми го „запали“ умот и сега, знајќи колку добар автор е Мелвил, не ми е страв да започнам уште една чудна книга од него без претходно да имам какви било податоци за нејзиниот квалитет. И тогаш скокнав на едно патување да откривам повеќе негови дела и анализирав и проучував како работи неговиот ум и размислување и во тоа е убавината на добриот краток расказ. Ти дава прозорец кон умот на писателот или писателката и ти ја дава можноста да се запознаеш со неговото или нејзиното творештво.

Расказ број 2: „Човекот што можеше да прави чуда“ од Х.Џ.Велс

Следниот краток расказ кој многу ми се допадна е „Човекот што можеше да прави чуда“ од Х.Џ. Велс, кој е еден од моите омилени автори. Налетав на оваа приказна сосема случајно, додека читав една книга насловена како „50 одлични кратки раскази“. Во оваа приказна, Велс прави комбинација од сатира и научна фантастика, дополнети со егзистенцијална гравитација. Текот на приказната е неверојатно привлечен, па така ќе ја завршите целата приказна за околу 15 минути. И причината поради која ми се допаѓа пишувањето на Х.Џ. Велс е што е толку убедлив при градењето на светот што го создава, што речиси имате чувство дека тоа се случува во реалноста. Ја крши бариерата на временско-просторниот континиум. И не претерувам кога велам дека тоа е како да имате можност да го набљудувате мултиверзумот. Но, ниту една количина на описи не може да го долови искуството што го имав при читањето на неговите дела, па затоа дефинитивно вие самите треба да ги прочитате неговите книги. А книгата „Временска машина“ е одлично место за почеток.

Расказ број 3: „Маската на црвената смрт“ – Едгар Алан По

Третиот краток расказ кој го избрав за ова видео е „Маската на црвената смрт“ од Едгар Алан По. А првиот пат кога налетав на оваа приказна беше кога слушав еден подкаст додека патував со воз и здогледав една епизода во чиј наслов беше името „Едгар Алан По“. И знајќи колку плоден автор бил тој, без двоумење почнав да ја слушам епизодата и беше толку различно од сето она што претходно сум го слушала. Се работеше за толку специфична и беспрекорна приказна што двапати ја слушнав, а потоа кога стигнав дома, земав и ја прочитав. Ми требаше време за целосно да ја сфатам идејата зад приказната, но откако во повеќе наврати ја читав и слушав, можев јасно да видам дека ова алегориско готско ремек-дело го илустрира човековото негирање на смртта и залудноста од тоа да се бега од неа. Приказната е сместена за време на епидемија наречена „Црвена смрт“ и се врти околу една еминентна личност наречена принц Просперо и неговиот обид да се заштити себеси со тоа што се повлекува во својата опатија за да избега од оваа чума. Вивидните слики во приказната создаваат една страшна атмосфера, која речиси наликува на сон, која ќе ве навлече и ќе направи да искусите нешто налик луцидни соништа.

Расказ број 4: „Странецот“ – Франсис Стигмилер

Следниот краток расказ е малку случаен, т.е по случаен избор. Се работи за многу краток расказ, кој се протега на само три страници. Го вклучив тука затоа што се работи за едно многу смешно парче живот кое се случува на еден случаен агол во светот на еден случаен лик кој ќе го сретнете во приказната. Се работи за еден буквално надреален поглед во еден чуден момент од обичниот живот на еден човек кој случајно заглавува низ дождот и вика такси затоа што не може да си оди дома по дождот. Буквално сега можете да ја почнете приказната и ќе ја завршите побрзо отколку што јас ќе ја завршам реченицава. Многу е кратка, а името на оваа приказна е „Странецот“ од Франсис Стигмилер.

Расказ број 5: „Сето лето во еден ден“ – Реј Бредбери

Последниот краток расказ кој ќе го споменам е од Реј Бредбери. Знам дека веќе сте слушнале за него и веројатно сте ја прочитале познатата „Фаренхајт 451“ и знаете дека тој најчесто пишувал научна фантастика и фантазија. Се работи за научно-фантастичен краток расказ и краток поглед во животот на Венера. Потребни се само 15 минути за да ја прочитате, но со години потоа ќе остане со вас.

Погледнете го целото видео:

Leave a comment